In Memoriam: Тихомир Јанчовски (1967 – 2026)

Со голема тага ја дознавме веста дека овој свет го напушти македонскиот книжевник, поет и преведувач – Тихомир Јанчовски. Неговото семејство ја соопшти веста на социјалните мрежи. Тој имаше само 58 години и голем опус на објавени дела, над 30 објавени дела и уште многу одлични преводи.

Некои од неговите најпознати книги се: „Обични зборови“, „Осама“, „Староста може, а и не мора да се дочека“, „Од збор до збор“, (избор), „Игла и конец“, „Лидија или сѐ што знам за жените“, „Сѐ што знам за животот“, „Пеколот е мало место“ и уште многу други.

Роден во 1967 во Скопје, Јанчовски дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.

Тој се сметаше за еден од најинтересни и најоригиналните поети и често објавуваше свои стихови и на социјалните мрежи, поврзувајќи се со македонската јавност, а минатата година ја доби и Златната бубамара на популарноста за „Најдобар писател за 2024 година“, а во декември беше објавено дека ја добил наградата  „Караманов 2025“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик за поетскиот ракопис со наслов „Камен во водата“.

На 3 јануари на својот профил на друштвената мрежа „Фејсбук“ ги објави следниве стихови:

Мртвите се таму кај што се
и нема да се вратат. Гледајте,
нови живи да се родат,
па да ве памтат, некое време.
Оти и тие ќе умрат.
И ќе нема никој да ве помни
и да се сеќава на вас.
Така е со сите.
Ама вашиот глас, вашите црти,
вашиот грев и вашиот гнев,
ќе живеат во некого.
Помолете се за добри правнуци.

Вечна му слава, нека почива во мир!

Кафе и книги упатува искрено сочувство до неговото семејство и најблиски луѓе.

Leave a comment