Што читаше Кафе и книги во јануари?

Пристигна февруари, зимата е во полн ек, а читател(к)ите уживаат кога ќе се покријат со удобна и топла покривка, ќе си го земат омилениот напиток и ќе се изгубат додека читаат убава книга. Доколку се мислите што да читате и не знаете која книга да ви биде следното четиво, во продолжение прочитајте ги препораките за читање составени од најдобрите книги што ги прочитав во јануари.

Чудниот случај на д-р Џекил и г-дин Хајд“ – Роберт Луис Стивенсон

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Речиси нема човек кој не ги слушнал имињата доктор Џекил и господин Хајд, дури и ако не го прочитал овој неверојатен роман на Роберт Луис Стивенсон. Романот е толку влијателен што секогаш кога се зборува за подвоена личност или за екстреми во човечкото однесување, овие имиња се употребуваат во поп-културата, а и самата приказна е инспирација за многу филмови, книги, музика, итн. Овој роман го прочитав пред многу години и бидејќи излезе ново издание на македонски јазик решив да го препрочитам и да видам како ќе го доживеам со ново читање. И морам да кажам дека овојпат уште поинтензивно го доживеав романот и уште повеќе можев да се воодушевувам на маестралноста на пишувањето на Роберт Луис Стивенсон.

Приказната ја раскажува адвокатот на докторот Џекил кој е загрижен за својот пријател и неговиот тестамент, кој има необична клаузула, а тоа е дека во случај на негова смрт или исчезнување, сиот имот ќе му биде префрлен на господинот Едвард Хајд. Едвард Хајд е мистериозна фигура, човек кој никој не го познава, а само малкумина го виделе и сите велат дека се работи за мошне необичен човек и сите го имаат истиот морничав впечаток дека се работи за некаква изопачена личност. Токму заради ова и адвокатот не може да разбере зошто докторот би му ги препишал сите негови пари и имот. Тој се труди да извлече нешто од доктор Џекил, но не му успева и решава самиот да го истражи овој чуден случај. Работите особено одат во лоша насока откако почитуван член на општеството е убиен, а судејќи според доказите, г-дин Хајд е одговорен за убиството. Она што ќе се открие е уште пошокантно и помрачно од најлудите кошмари на сите вклучени, дотолку повеќе што еден негов пријател не може да се опорави од шокот.

Неверојатно маестрално напишана книга, се чита во еден здив, а со оглед на тоа дека е многу куса, со само 95 страници, ќе ја прочитате во едно попладне и верувајте ми дека дефинитивно вреди. Стивенсон напишал длабока анализа на човековата природа, но тоа го прави на неверојатно ефективен, јасен и директен начин, и иако се работи за кратка книга, нејзината длабочина е огромна и со право се смета за едно од ремек-делата во книжевноста.

Шиндлеровиот лифт“ – Дарко Цвијетиќ

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Сите знаеме дека војните се разорни, бесмислени и уништуваат животи, но и цели генерации. Војните од 90. години на 20 век низ бившите југословенски држави оставија белег кој не може лесно да се избрише. Генерации деца минаа низ траума која и натаму трае и се пренесува. Животот можеби продолжи понатаму, но психолошките и физичките лузни продолжуваат да тлеат под површината. Во оваа смисла и романот на „Шиндлеровиот лифт“ од Дарко Цвијетиќ ја прикажува трагедијата и безумноста на војната, уништувајќи семејства, уништувајќи пријателства, поединци, уништувајќи го сиот живот и природа околу себе.

Преку прикажувањето на судбините на станарите во Црвениот и Синиот солитер, две згради изградени во 70. години на 20 век наменети за работниците и наставниците, Цвијетиќ ќе ве натера да заплачете, но и да се налутите на боговите на судбините кои дозволуваат обичните луѓе да бидат само пиони во војна. Името на романот доаѓа од марката лифт „Шиндлер“ во кој станарите на зградата секојдневно се возеле и како што самиот тој кажува во тој лифт и невестите го напуштале својот дом, но и мртвите за последен пат биле изнесувани кон вечното почивалиште.

Секој станар од таа зграда има трагична судбина, а местото каде сите пораснале и си играле сега е речиси претворено во место на духови, во кое нема деца кои си играат, нема фабрики кои работат, дури и природата одбива да продолжи понатаму. Онаму каде што имало детска смеа и џагор, сега има само тишина, а оние деца што го исполнувале нивното соседство со смеа и детски палавштини или се одамна закопани и убиени или се уништени луѓе кои или ретко се смеат или воопшто не се смеат. Онаму каде што заедно се подготвувале пикници, прослави и забави, без оглед на националноста или верата, сега има само празни маси и празни погледи, но и недоверливи соседи кои никому повеќе не веруваат, па и на себеси. Неверојатно моќна и прекрасна книга.

Љубов во Рим“ – Сара Адамс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Амелија Роуз, или како што е позната за целиот свет – Реј Роуз, го има светот на дланка. Позната и славна музичарка, со тони обожаватели и обожавателки, кариера на која многумина би ѝ позавидиле. Но, таа воопшто не се чувствува гламурозно. Чувствува дека сиот живот ѝ е сведен само на обврски и како да се изгубила себеси во целиот тој гламур. Откако го добива распоредот за нејзината светска турнеја, депресивна и нервозна, решава да се качи во автомобил и да отиде во Рим, исто како што прави и Одри Хепберн во филмот „Празник во Рим“.

Но, не е баш дека може да вози од САД до Рим, па така на мапа го гледа малиот град Рим, кој се наоѓа во сојузната држава Кентаки и се упатува таму. Но, автомобилот ѝ се расипува среде недојдија и еден чуден маж се вртка околу нејзиниот автомобил. На крај излегува дека тој чуден маж всушност ја поседува куќата на имотот каде ѝ се расипува автомобилот. Но, тоа не е сѐ. Се испоставува дека ќе бидат потребни две недели за да се поправи автомобилот, а Амелија навистина не сака да се врати назад, па затоа решава да остане две недели во домот на чудниот и намќорест Ноа.

Се работи за една мошне шармантна и интересна книга, со интересни ликови, малку зашеќерена како да излегла од продукција на Халмарк, но некогаш токму тоа е она што ни е потребно за да се справиме со стресот на секојдневниот живот. Мене оваа книга ме насмеа, ме опушти и ми ги отстрани грижите за миг, па така ви ја препорачувам и вам.

Од Луков, со љубов“ – Маријана Запата

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 4/5
Осврт:
Доколку сте љубители на уметничко лизгање и романтични комедии, оваа книга е совршена комбинација за вас. Џасмин уште од мали нозе се занимава со уметничко лизгање, но никогаш не освоила некој поголем натпревар, а годините поминуваат и на нејзини 26 години, таа веќе се смета за „повозрасна“ натпреварувачка. Ако се додаде на тоа фактот што нејзиниот партнер во уметничко лизгање ја напуштил и веќе подолго време е сама и не може да најде некој соодветен партнер, таа е полна со сомнежи во врска со себеси, својата кариера и иднина. Не сака да се откаже од натпреварите, но од друга страна се чини дека нема и некој голем избор.

Но, тогаш добива една чудна понуда која истовремено е одлична можност, но и ужасна помисла. Познатиот и неверојатно талентиран Иван Луков, кој освојува медали каде и да оди, останал без партнерка и ѝ нуди да биде негова партнерка за следната сезона. Џасмин се радува на можноста за желбата за медал да ѝ се оствари, но од друга страна тоа значи секојдневно да работи со човекот што таа го нарекува Луцифер, Сатана и уште ред други неубави имиња.

Иван Луков е брат на нејзината најдобра пријателка и совршено е познато дека тие не можат органски да се поднесат, ниту да бидат во иста просторија без да се навредат. Но, дали токму тоа може да создаде хемија и искра потребна за една победничка сезона? Ќе треба да да прочитате за да дознаете, но ви ја препорачувам книгата бидејќи иако е долга, стилот на пишување е разигран и лесен, а тоа овозможува ликовите да бидат добро разработени на начин на кој се приврзувате и сакате да дознаете какви се тие всушност. Дополнително, има многу хумор и смеа во односот меѓу Џасмин и Иван, но и меѓу семејството на Џасмин, што ќе направи да посакате да бидете со нив во собата. Одлична и забавна книга, сосема соодветна за ова зимно и студено време.

Број 13: Раскази за духови“ – М. Р. Џејмс

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3/5
Осврт:
Доколку сте љубители на старовременски страшни приказни налик оние на Едгар Алан По, оваа збирка на раскази супер ќе ви легне. Расказите што се дел од оваа збирка се подигруваат со натприродното, со чудното и необјаснетото, често го оставаат читателот да се прашува дали она што се случува е вистинско или е плод на имагинацијата на оној кому тоа се случува. И секако, она што е најстрашно е во она што се наговестува, а не во она што се случува.

Многу често во расказите не се случува ништо конкретно страшно, понекогаш се појавуваат чудни сеништа, но на крајот читателот секогаш се прашува што е всушност вистината. Понекогаш најстрашните слики ние самите си ги создаваме во нашиот ум и Џејмс тука е одличен.

Мене најмногу ми се допадна приказната за мистериозната соба број 13, каде Џејмс си подигрува со суеверието поврзано со бројот 13 и фактот што во тоа време (а и денес исто така) постоеле хотели и мотели каде што не постоела соба број 13 токму поради тоа што се верува дека тоа е несреќен број.

Дополнително, она што е добро кај овие раскази се неверојатно интересните описи, ќе се чувствувате како и вие да чекорите по некои стари плоштади и гледате мистериозни цркви и ќе ви се причинува дека слушате стари звуци. Секако дека дел од приказните може и да делуваат малку застарено имајќи предвид кога се пишувани, но мора да се гледаат од аспект на маестралноста да се исткае приказна и да се пренесе одредено чувство и замисла.

Leave a comment