Умберто Еко е еден од најпопуларните италијански писатели од крајот на 20 и почеток на 21 век. Освен неговите романи како „Името на розата“, тој е популарен и по неговите есеи и анализи во кои навлегува во општествено-политички прашања и прави деконструкција на многу термини и концепти кои постојат во современиот свет. Еден од најпопуларните есеи на Еко е есејот за главните обележја на фашизмот објавен во 1995 година, кој и ден денес предизвикува дискусии и поттикнува размислување. Електронскиот портал Open Culture посвети еден сегмент каде накусо ги образложува 14 главни обележја на она што Еко го нарекува „Вечниот фашизам“, а целосниот есеј на Еко можете да го прочитате на „The New York Review of Books“, каде што тој подетално ги разработува овие елементи и прави една посеопфатна анализа.
(извор: Jacopo Raule/Getty Images)
Едно од клучните прашања што денес стои пред новинарите и лојалните опозиции е: како да останеме чесни додека еуфемизмите и тривијализациите го преземаат јавниот говор? Можеме ли, на пример, да го употребуваме зборот „фашизам“ со верност кон неговото значење во светската историја? На крајот на краиштата, по Втората светска војна терминот постепено се сведе на баналниот израз „фашистичка свиња“, пишува Умберто Еко во својот есеј од 1995 година „Ур-фашизам“, „што американските радикали триесет години подоцна го користеа за полицаец кој не ги одобрувал нивните навики за пушење“. Во четириесеттите години, пак, борбата против фашизмот била „морална должност на секој добар Американец“. (А би се можело да се каже – и секој добар Англичанец и француски партизан)
Еко пораснал под фашистичкиот режим на Мусолини, кој „секако бил диктатура, но не бил целосно тоталитарен – не поради својата блажност, туку поради филозофската слабост на својата идеологија. Наспроти општото мислење, фашизмот во Италија немал посебна филозофија.“ Но имал стил, т.е „начин на облекување, кој со своите црни кошули бил далеку повлијателен отколку што некогаш би биле Армани, Бенетон или Версаче.“ Темниот хумор во оваа забелешка упатува на критички консензус за фашизмот: како форма на краен национализам, тој на крајот ги презема контурите на националната култура што го создава.
Можеби изгледа како да е преголем товар за еден збор да опфати толку различни културни манифестации на авторитаризмот низ Европа, па дури и во Јужна Америка. Италија можеби била „првата десничарска диктатура што презела една европска земја“ и му го дала името на политичкиот систем. Но Еко е збунет „зошто зборот фашизам станал синегдоха, односно збор што може да се користи за различни тоталитарни движења“. Дел од одговорот, пишува тој, е што фашизмот бил „маглив тоталитаризам, колаж од различни филозофски и политички идеи, кошница полна со противречности“.
Иако Еко цврсто е уверен дека „постои само еден нацизам“, тој додава дека „фашистичката игра може да се игра во многу форми, а името на играта не се менува.“ Она што го нарекува „Ур-фашизам“ или „Вечен фашизам“ го сведува на 14 „типични“ обележја. „Овие обележја,“ пишува романсиерот и семaнтичар, „не можат да се организираат во систем; многу од нив си противречат меѓусебно и се карактеристични и за други видови деспотизам или фанатизам. Но доволно е едно од нив да биде присутно за фашизмот да почне да се коагулира околу него.“
Култот на традицијата. „Доволно е да се погледне програмата на секое фашистичко движење за да се најдат главните традиционалистички мислители. Нацистичката гноза се хранела од традиционалистички, синкретистички, окултни елементи.“
Отфрлањето на модернизмот. „Просветителството, Векот на разумот, се гледа како почеток на модерната изопаченост. Во таа смисла Ур-фашизмот може да се дефинира како ирационализам.“
Култот на дејството заради самото дејство. „Дејството, бидејќи е убаво само по себе, мора да се преземе пред, или без, претходно размислување. Мислењето е облик на кастрација.“
Несогласувањето е предавство. „Критичкиот дух прави разлики, а да се прават разлики е знак на модернизмот. Во модерната култура научната заедница го вреднува несогласувањето како начин за унапредување на знаењето.“
Стравот од различноста. „Првиот повик на едно фашистичко или прерано фашистичко движење е повик против натрапниците. Така Ур-фашизмот по дефиниција е расистички.“
Апелот кон социјалната фрустрација. „Една од најтипичните одлики на историскиот фашизам беше повикувањето на фрустрираната средна класа – класа што страда од економска криза или чувство на политичко понижување и е уплашена од притисокот на пониските општествени групи.“
Опсесијата со заговори. „Во коренот на ур-фашистичката психологија лежи опсесијата со заговор, можеби меѓународен. Следбениците мора да се чувствуваат опколени.“
Непријателот е истовремено и силен и слаб. „Со постојано менување на реторичкиот фокус, непријателите во исто време се и премногу силни и премногу слаби.“
Пацифизмот е соработка со непријателот. „За Ур-фашизмот нема борба за живот; напротив, животот се живее за борба.“
Презир кон слабите. „Елитизмот е типичен аспект на секоја реакционерна идеологија.“
Секој се воспитува да стане херој. „Во ур-фашистичката идеологија херојството е норма. Овој култ на херојството е тесно поврзан со култот на смртта.“
Мачизам и оружје. „Мачизмот подразбира и презир кон жените и нетолеранција и осуда на нестандардни сексуални навики, од целомудреност до хомосексуалност.“
Селективен популизам. „Во нашата иднина има телевизиски или интернет-популизам, во кој емоционалниот одговор на избрана група граѓани може да биде претставен и прифатен како Гласот на народот.“
Ур-фашизмот зборува новоговор. „Сите нацистички или фашистички учебници користеа осиромашен речник и елементарна синтакса, со цел да ги ограничат средствата за сложено и критичко размислување.“
Еден детал од есејот на Еко што често останува незабележан е неговото опишување на неочекуваните коалиции во италијанското опозициско движење. Отпорот вклучувал комунисти кои „го експлоатирале Отпорот како да е нивна лична сопственост“, како и водачи како Франки – херој од детството на Еко – „толку силен антикомунист што по војната се приклучил на многу десничарски групи“. Ова можеби е специфична одлика на италијанскиот отпор, нешто што не се забележува во сите земји што се спротивставиле на тоталитарни режими. А што се однесува до очигледниот недостиг на заеднички интерес меѓу овие групи, Еко едноставно вели: „Кому е гајле за тоа?… Ослободувањето беше заедничко дело на луѓе со различни бои.“

