Комплицираното пријателство на Марио Варгас Љоса и Габриел Гарсија Маркес!

Габриел Гарсија Маркес и Марио Варгас Љоса денес дефинитивно се вбројуваат во едни од најголемите книжевни гиганти во јужноамериканската книжевност, но и се светски признаети и ценети писатели со големи заслуги и влијание врз светската книжевност, а и двајцата се дел од славниот „бум“ во јужноамериканската книжевност во втората половина на 20 век.

Нивните кариери се исто така испреплетени, па така, Габриел Гарсија Маркес во 1982 година ја доби Нобеловата награда за книжевност за „неговите романи и раскази, во кои фантастичното и реалното се комбинираат во богато составен свет на имагинација, како одраз на животот и конфликтите на континентот“, а во 2010 година Марио Варгас Љоса му се придружи во овој клуб на нобеловци и ја доби наградата за „неговата картографија на структурите на моќта и неговите ропски слики за отпорот, револтот и поразот на поединецот“ и всушност тој беше првиот јужноамерикански писател кој ја доби Нобеловата награда за книжевност по Габриел Гарсија Маркес во 1982 година.

Марио Варгас Љоса и Габриел Гарсија Маркес во Лима, Перу, некаде околу 1967 година
Извор: Revista Caretas/El Pais

Оваа двојна победа би можела да биде извор на радост и за двајцата; двајцата биле долгогодишни пријатели, а Варгас Љоса ја напишал својата докторска теза токму на тема поврзана со „Сто години самотија“, најпознатото дело на Маркес. За жал, и во 1982 и во 2010 година, двајцата не зборуваа – затоа што во 1976 година, Варгас Љоса го удрил Маркес во лицето, за време на една филмска проекција, со што се прекинало нивното долгогодишно пријателство. По смртта на перуанскиот писател Марио Варгас Љоса минатата година, многу аспекти од неговиот фасцинантен живот се вратија во центарот на вниманието. Меѓу нив е и неславниот инцидент кој го раскина нивното пријателство засекогаш.

Причината? Никој не знае со сигурност. Ниту еден од нив никогаш јавно не проговорил за тоа. Но, две главни теории циркулираа низ годините: едната сугерира дека тоа било лично прашање во кое била вклучена сопругата на Варгас Љоса, а другата укажува на политички разлики.

Но, да почнеме од почетокот…

Варгас Љоса се појавил како лидер меѓу таканаречениот „Бум“ или „Нов бран“ на латиноамериканските писатели, пробивајќи се на книжевната сцена во 1963 година со неговиот револуционерен дебитантски роман „Градот и кучињата“. Нивниот прв контакт бил во 1966 година. Гарсија Маркес, кој во тоа време бил во Мексико и го пишувал романот „Сто години самотија“, испратил писмо до Варгас Љоса, кој живеел во Париз. Тоа писмо поттикнало пријателство кое се развило преку тековните писмени преписки кои траеле повеќе од една година. Тие првпат се сретнале во август 1967 година на аеродромот „Маикета“ во Каракас, Венецуела, истата година кога романот „Сто години самотија“ излегол на книжевниот пазар. По нивната средба, нивното пријателство станало посилно – толку многу што Варгас Љоса го именувал својот втор син Габриел Родриго Гонсало, во чест на Гарсија Маркес и неговите два сина, Гонсало и Родриго. Габо и неговата сопруга Мерцедес Барча дури биле избрани за кумови на детето.

По нивната средба во Лима, тие повторно налетале еден на друг – овојпат во Барселона, каде што биле и соседи. Габо се преселил таму со сопругата и двата сина, поддржан од Кармен Балселс, позната книжевна агентка. Балселс ја упатила истата понуда до Варгас Љоса, кој пристигнал во Барселона во 1970 година со сопругата Патрисија Љоса и нивните две деца. Тие биле толку динамичен пар што чилеанскиот писател Хосе Доносо ја истакнал нивната врска во „Личната историја на ‘бумот’“: „Во Италија, писател како Варгас Љоса да напише книга за друг писател како Гарсија Маркес би било невозможно. Дури би се сметало за научна фантастика воопшто да присуствуваат на истиот настан без едниот да му го отруе кафето на другиот“.

Дополнително, Варгас Љоса држел предавања за творештвото на Гарсија Маркес на универзитетите во Порторико, Велика Британија и Шпанија во доцните 60. години на 20 век, а во 1971 година Љоса го објавил делото „Гарсија Маркес: Приказна за едно убиство“, засновано на неговата докторска теза.

Тие двајцата споделувале слични судбини: и двајцата имале разединето семејно потекло, биле воспитани од нивните баби и немале контакт со нивните татковци. Но, Варгас Љоса рекол дека она што навистина ги поврзувало била нивната љубов кон творештвото на американскиот писател од 20 век, Вилијам Фокнер, и дека тој бил нивен „заеднички именител“. Варгас Љоса додал дека подеднакво важно било тоа што и двајцата целосно сфатиле дека се Латиноамериканци кога првпат дошле во Европа. Како и многу негови современици, вклучувајќи го и неговиот тогашен пријател, Маркес, Варгас Љоса во текот на 60. години на 20 век ги застапувал левичарските идеали и идеи. Но, во 70 години на 20 век, Љоса ја осудил Куба на Фидел Кастро и полека ја свртел својата политичка траекторија кон конзервативизмот на слободниот пазар – предизвикувајќи последици и отуѓување од многу од неговите книжевни современици од Латинска Америка, вклучувајќи го и Маркес.

Што всушност се случило?

Неславниот инцидент се случил во Мексико Сити на 12 февруари 1976 година за време на преполната премиера на филмот „Одисеја на Андите“, документарен филм на Варгас Љоса за преживеаните од ургугвајскиот рагби тим во авионската несреќа на Андите кои прибегнале кон канибализам за да преживеат. Варгас Љоса се упатил кон Маркес, кој насмеан се упатил кон него за да го прегрне, но наместо прегратка добил тупаница и завршил со крваво лице. Според Ајен, Варгас Љоса силно го удрил Гарсија Маркес и му рекол: „Ова е поради она што ѝ го направи на Патрисија во Барселона“, а додека шокираниот Гарсија Маркес, познат како Габо, крварел на подот, новинарската Понијатовска која стоела покрај Маркес и неговата сопруга за време на индицентот, изјавила дека по ударот побрзала да земе стек за да му го стават на окото на Маркес. „Габо рече дека не разбира. Сите беа многу изненадени“, рекла Понијатовска кога давала изјава за АФП во својот дом во мексиканската престолнина.

Никогаш не се дознало дали тепачката била поради политика или личен спор, бидејќи ниту еден писател никогаш не сакал јавно да разговара за тоа. Иако биле блиски пријатели, нивните политички убедувања не биле секогаш усогласени. Габо бил пријателски настроен кон Фидел Кастро, додека Варгас Љоса постепено се оддалечувал од комунистичките идеали. Многумина веруваат дека нивните разлики можеби одиграле улога во распаѓањето на пријателството, бидејќи познато е дека Варгас Љоса подоцна го исмевал Маркес и го нарекувал „куртизаната на Кастро“.

(Насловна страница на мексиканскиот дневен весник „Ла Хорнада“ од 6 март 2007 година, со фотографија од Габриел Гарсија Маркес со модро око/извор; Марио Гузман/ (EPA) EFE/El Pais)

Но, се чини дека вистинскиот проблем имал повеќе врска со сопругата на Марио Варгас Љоса, бидејќи постојат неколку сведоштва дека спорот бил личен, а не политички. Во суштина, Варгас Љоса е оној што ги поттикнал настаните. Според повеќето теории и сведоштва, меѓу кои и онаа на писателот Чави Ајен, кој во својата книга „Оние години на бум“ појаснува дека јазот меѓу Габо и Варгас Љоса бил поради Патрисија. На едно патување од Барселона до Ел Калао, Варгас Љоса запознал жена и се заљубил во неа, оставајќи ја неговата сопруга која била таму и патувала со него на истиот брод. Ова не ги изненадило оние што го познавале. Неговиот пријател Гилермо Ангуло дури и јавно изјавил: „Видете, Марио е голем женкар и тој е многу убав маж. Жените умираат по Марио“. Кога бродот се закотвил во Чиле, Патрисија веднаш отпатувала назад во Барселона за да се спакува и да ја среди куќата, а Маркес и неговата сопруга Мерцедес Барча Пардо, долгогодишни пријатели на Марио и Патрисија, ја посетиле за да ѝ дадат поддршка.

И тука доаѓаме до точката каде сведоштвата се разликуваат: Маркес рекол дека не ѝ се „пуштил“ на Патрисија; всушност, таа му пришла нему, но тој не реагирал од неговата почит кон Варгас Љоса. Како и да е, Маркес ја одвел Патрисија до аеродромот за да се врати во Сантијаго, и очигледно ѝ рекол да го напушти Варгас Љоса, бидејќи според тврдењето на неговиот пријател Плинио Апулејо Мендоса, тој ѝ рекол: „Ако авионот полета без тебе, одлично, ќе правиме забава“. (Мендоса рекол: „Габо е од Карибите и во тој дух го кажа тоа, а [Патрисија] погрешно разбра.“)

Но, тогаш се случило нешто изненадувачко: дури и по флагрантната афера на Варгас Љоса, тој и Патрисија се смириле. Откако се смириле, со цел да постигне поен и да му врати на Варгас Љоса, Патрисија му рекла: „Немој да мислиш дека не сум привлечна. Твоите пријатели како Габо [Маркес] ме следеа“. Така, следниот пат кога се виделе, токму на таа филмска премиера, Љоса го удрил Маркес. Нивниот заеднички пријател и фотограф, Родриго Моја изјавил: „[Маркес] крвареше кога падна затоа што очилата му се скршија токму на мостот на носот и модринката беше прилично лоша“. Потоа, Мерцедес му рекла на Љоса: „Тоа што го велиш не може да биде вистина затоа што мојот сопруг сака жени, но само многу убави жени“. Уф!

И тоа било крајот на нивното пријателство. Очигледно, тие не биле толку блиски како што мислеле другите: нивната врска генерално постоела и поради заедничките пријатели, а нивната политика се оддалечила една од друга, а „Аферата“ била само кулминација на растечката меѓусебна иритација. Инцидентот во тоа време се нашол на насловните страници, но интересно е што и бил овековечен преку пар црно-бели фотографии. Родриго Моја, мексиканско-колумбиски фотограф, подоцна дополнително се присетил како Гарсија Маркес и неговата сопруга се појавиле на прагот од неговата куќа два дена по инцидентот со „огромна модринка на левото око и рана на носот“ и токму тогаш Маркес го замолил Моја да направи неколку фотографии од неговото црно око, раскажувајќи му ја целата приказна. Моја рекол: „Изгледаше како навистина да бил претепан, како да бил претепан од мексиканската полиција“. Маркес никогаш не ги објавил фотографиите; тие не биле јавно објавени до 2007 година. Се чини дека тој само сакал да ги има. На сликите, Маркес се насмевнува. Моја за „Њујорк Тајмс“ изјавил дека и според него, причината за инцидентот е жена, „конкретно, сопругата на г-дин Варгас Љоса, која г-дин Гарсија Маркес ја тешеше во тешкиот период во бракот“.

(портретот на Гарсија Маркес со неговото модро око/извор: Reddit)

Мексиканскиот новинар Хулио Шерер подоцна во книга откри дека Варгас Љоса го замолил да не пишува за неславниот инцидент. Повеќе од 30 години подоцна, Варгас Љоса го напиша прологот на специјалното издание на „Сто години самотија“ по повод 40 години од објавувањето на класичното дело на Гарсија Маркес. Во тоа време, што се совпадна со 80. роденден на Гарсија Маркес, Моја конечно ги објави своите слики од помодреното лице на колумбискиот романсиер.

Предавањето на Варгас Љоса

Иако тие не зборувале, Варгас Љоса сепак имал голема почит за Маркес како писател и се чини дека го раздвојувал приватното од професионалното. Во 2017 година, Марио Варгас Љоса бил гостин на една дискусија во рамките на летната школа „Сан Лоренцо де Ел Ескориал“, организирана од мадридскиот универзитет Комплутенсе. Токму на овој настан, по децении молк за нивниот однос, Варгас Љоса за првпат прозбори за Маркес, неговите политички ставови и нивниот однос и го прекина долгогодишниот молк. За време на дискусијата го користел неговиот прекар Габо и го прикажал како срамежлив и недруштвен во јавност, но многу смешен и забавен приватно.

На истиот настан, запрашан за „Сто години самотија“, Варгас Љоса рекол дека бил „запрепастен“ од книгата кога ја прочитал првпат. „Толку многу што побрзав да напишам статија наречена „El Amadis en America“ [Amadís de Gaula била популарна шпанска витешка романса на која се повикува и Мигел де Сервантес во „Дон Кихот“]. Мислев дека конечно Латинска Америка имаше свој роман за витези, приказна каде што имагинарното дојде до израз без да ја изгуби суштината на тоа, исто така, да ја привлече суштината на реалноста. баран читател загрижен за јазикот, а во исто време основен читател заинтересиран само да ја следи приказната“. За разлика од „Сто години самотија“, Варгас Љоса рекол дека според него, најслабата книга на Гарсија Маркес е „Есента на патријархот“ од 1975 година, која тој ја опишал како „карикатура на Гарсија Маркес, роман на некој што се имитира себеси“.

За време на настанот Љоса го посочил, политичкиот настан, кој според него ја разбудил „љубопитноста на светот за Латинска Америка и нејзината книжевност“ и кој всушност довел до неговата првична расправија и разидување со Гарсија Маркес: Куба. „На почетокот јас бев многу голем ентузијаст за револуцијата; Гарсија Маркес речиси воопшто не беше. Тој секогаш беше многу дискретен во врска со тоа, бидејќи беше исчистен од Комунистичката партија кога работеше за „Prensa Latina“, која беше официјална новинска агенција на Куба, основана кратко по револуцијата. Но подоцна, Гарсија Маркес се фотографираше покрај Фидел Кастро. Мислам дека тој беше многу практичен човек и сфати дека е подобро да се биде со Куба отколку против неа.

Варгас Љоса го вклучил Гарсија Маркес заедно со други латиноамерикански писатели како Мексиканецот Хуан Рулфо и Кубанецот Алехо Карпентиер во смисла на знаење како да се најде убавина во „грдоста“ и „неразвиеноста“ на Латинска Америка. Запрашан дали просперитетна Латинска Америка ќе произведе таква имагинативна книжевност како онаа на тројцата писатели што ги спомна, Варгас Љоса рекол дека не е сигурен, но додал: „Не би сакал нашиот континент да остане таков каков што е за да може да произведе одлична книжевност. Државите ја добиваат книжевноста што ја заслужуваат“.

Неизбежно, Варгас бил запрашан дали тој и Гарсија Маркес некогаш повторно се виделе по озогласениот инцидент. „Не“, одговорил тој со широка насмевка, а потоа додал: „Се движиме кон опасно тло. Дојде време да се стави крај на овој разговор. Бев тажен кога умре, тоа беше како смртта на [аргентинскиот романсиер Хулио] Кортасар или [мексиканскиот писател] Карлос Фуентес. Тие не беа само големи писатели, туку беа и одлични пријатели. Тажно е да откриеш дека си последниот од таа генерација“.

Иронија на судбината

Освен што животите им беа испреплетени, нивната врска продолжи и по смртта. Кога беше објавена веста за смртта на Варгас Љоса, многумина веднаш го забележаа и искоментираа датумот на смртта: Варгас Љоса почина на 13 април 2025, додека Габриел Гарсија Маркес почина на 17 април 2014 година. Испреплетени во животот и животните околности, поврзани и во смртта.

Инаку, кога се прошири веста за смртта на Гарсија Маркес, Марио Варгас Љоса беше еден од првите луѓе на кои им се обратија медиумите. Тој сподели неколку зборови за загубата: „Почина голем писател, чии дела и дадоа дофат и углед на литературата на нашиот јазик. Неговите романи ќе го надживеат и ќе продолжат да ги освојуваат читателите насекаде. Испраќам сочувство до неговото семејство”.

По смртта на Варгас Љоса, Фондацијата Габо, основана од починатиот колумбиски автор, ја искажа својата почит и сочувство на својот официјален профил на Твитер (официјално X): „Фондацијата Габо жали за смртта на Марио Варгас Љоса, мајстор за раскажување приказни на шпански јазик и клучна фигура во латиноамериканската книжевниост. Ние мислиме и упатуваме поддршка на неговото семејство, пријателите и читателите во ова време на загуба“.

Извор 1.
Извор 2.
Извор 3.
Извор 4.
Извор 5.

Leave a comment