Книжевен базар во „Скопје Сити Мол“

8 Март е Меѓународниот ден на жената, ден кога се слави напредокот на жените во сите сфери на живеењето, нивната борба за остварување на правото на глас, образование, работа и рамноправност во општеството. Љубител(к)ите на книги знаат дека во книгите често среќаваме хероини и силни жени, во нив се раскажани и приказните на илјадници жени – и среќни и трагични приказни, приказни кои инспирираат и мотивираат. Книгата често е и најдобар подарок на жените што нѐ инспирираат и жените што ни значат.

По повод 8. Март, „Скопје Сити Мол“, во соработка со Македонска асоцијација на издавачи, од 5. до 8. март организира Базар на книга, со цел да се одбележи овој значаен ден со инспиративни приказни, нови книги и омилените наслови на сите читателки.

Во овој период, на приземјето во трговскиот центар ќе бидат претставени најновите и најбараните изданија од македонските издавачи, по привлечни намалени цени. Посетител(к)ите ќе имаат можност да изберат совршен подарок од богата селекција на популарна и класична литература, дела од домашни и странски автори, љубовни романи, трилери, како и книги од областа на популарната психологија и бизнис-литературата.

На базарот ќе учествуваат 10 издавачки куќи: „Сакам книги“, „Топер“, „Култура“, „Три“, „Полица“, „Антолог“, „Мартина“, „Бата прес“, „Божилак“ и „Светулка“. 

Извор: Skopje City Mall

Leave a comment