Кои се најочекуваните книги кои излегуваат во мај?

Мај веќе започна, а со него и нови изданија и нови книги. На почетокот на секој месец, на блогот објавувам по неколку книги што со нетрпение се очекуваат во книжевниот свет и се очекува да понудат квалитетни четива и добра забава. По објавите за книгите што излегоа во март и април, денес на блогот можете да се информирате за новите изданија кои се очекуваат во мај.

1. „Наследникот“ – Кеира Кас

Датум на издавање: 5 мај
Принцезата Едлин пораснала постојано слушајќи за тоа како се сретнале нејзините родители. Пред 20 години, Америка Сингер влегла во „Селекцијата“ и го освоила срцето на принцот Максон и тие го добиле својот среќен крај. И покрај тоа што таа смета дека приказната е романтична и навистина наликува на бајка, не е особено заинтересирана за да добие сопствена бајка и сака што подоцна да стапи во брак. Но, животот и изборите на принцезите не се секогаш целосно нивни и таа не може да ја избегне својата сопствена „Селекција“, без оглед колку се труди да го избегне тоа. Иако таа не очекува нејзината приказна да заврши како бајка, сепак како што тече натпреварот, некој можеби покажува дека ќе може да го освои нејзиното срце и да ѝ покаже дека нејзината бајка не е многу далеку.

2. „Дворец од трња и рози“ – Сара Џ. Маас

Датум на издавање: 5 мај

„Дворец од трња и рози“ е првата книга од возбудливиот и заводлив серијал на авторката на „Њујорк Тајмс“, Сара Џ. Маас. Кога младата Фејр, инаку ловец, убива волк во шумата, суштество што изгледа како ѕвер се појавува барајќи одмазда за стореното дело. Одвлечена во магична земја за која таа само слушала во легендите и приказните, таа открива дека тој што ја заробил не е ѕвер, туку Тамлин – еден од најопасните, бесмртни самовили што некогаш владееле со светот.

Додека лута по неговиот имот, нејзините чувства за Тамлин се преобразуваат од ледена неподносливост до страст што гори низ секоја лага и предупредување кои ѝ биле кажувани за прекрасниот и опасен свет. Но, кога античка и злобна сенка почнува да ја обвива самовилската земја, Фејр мора да најде начин да ја сопре, во спротивност Тамлин и неговиот свет ќе исчезнат засекогаш.

3. „Звукот на стаклото“ – Карен Вајт

Датум на издавање: 12 мај
Авторката на бестселери Карен Вајт во својата нова книга го истражува закопаното минато на една јужњачка фамилија, минато што ќе го промени животот на жената која ќе го открие, откривајќи тајна по тајна. Две години по смртта на нејзиниот сопруг, Мерит Хејвард добива неочекувани вести – семејниот дом на нејзиниот сопруг во Беуфорт, Јужна Каролина, сега ѝ припаѓа на неа. Обидувајќи се да се приспособи на новиот живот по трагедијата, таа оди во куќата на сопругот каде на виделина излегуваат сите тајни од минатото на сопругот, минато за кое тие никогаш не зборувале. Ова непознато наследство ќе го промени и дефинира нејзиниот нов живот кој дополнително ќе биде искомплициран со доаѓањето на нејзината премлада маќеа и нејзиниот десетгодишен полубрат.

4. „Ехо“ – Е.К.Блер

Датум на издавање: 12 мај
Се зборува дека најдолгото измерено ехо траело 75 секунди, но можете да бидете уверени дека ова ехо ќе трае многу подолго. Одекот на ехото го оглуви светот околу мене, замолчувајќи и оставајќи го одразот на уништувањето да трае подолго од очекуваното. Тој засекогаш ќе нè следи сите, уништувајќи нè сите. Барате одговори? И главниот лик исто така е во потрага по одговори.

5. „Црно виножито“ – Џ.Џ.МекАвој

Датум на издавање: 15 мај

По една возбудлива еднонеделна авантура со еден музичар кој го среќава во бар, Теа Кунинг не очекува повторно да го сретне Леви Блек. Следниот понеделник таа открива дека нејзиниот поранешен љубовник не само што е нејзин професор, туку е еден од најдобрите кривични адвокати во Масачусетс. Таа размислува да се откаже од неговиот предмет, но заради тоа што нејзината цел е да го извади нејзиниот татко од затвор, таа мора да учи од најдобриот меѓу најдобрите и тоа е Леви Блек.

6. „Седум раси“ – Нил Стивенсон

Датум на издавање: 19 мај

Од редот на научната фантастика овојпат доаѓа возбудлив еп кој со сигурност ќе побуди подлабоко размислување, одлична приказна за борбата и преживувањето за време од 5000 години. Што би направиле вие кога светот би му се приближувал на својот крај?

Катастрофалните настани што се случуваат ја претвораат Земјата во бомба која може да експлодира во секое време. Во таков момент, народите ширум светот се обединуваат и создаваат амбициозен план за да го спасат човештвото многу подалеку од нашата атмосфера, далеку во универзумот. Но, планот се соочува со многу опасности и носи со себе многу жртви. 5000 години подоцна, нивните потомци, седум различни раси што сега се три милијарди на број, патуваат кон непознат свет кој е трансформиран од катаклизмата и времето. Тој свет е Земјата.

Оваа книга е одлична токму затоа што комбинира најразлични струки: наука, филозофија, технологија, психологија… Стивенсон истражува и навлегува во најголемите идеи и предизвиците на луѓето. Оваа сага е храбра, инспиративна, охрабрувачка и брилијантна.

7. „Опасна измама“ – Ками Гарсија и Магарет Стол

Датум на издавање: 19 мај 

Од светот на „Убави суштества“, доаѓа една опасна нова приказна за љубовта и магијата која е продолжение на книгата „Опасни суштества“. Некои љубовни приказни се проколнати. Некои се…опасни. Приказна обвиена со љубовни сплетки, мистерија и исчезнувања, ги следиме авантурите на друштвото кое го бара својот изгубен член и одат на југ каде го наоѓаат крстопатот на кој гитаристот Ленокс Гејтс направил договор со ѓаволот, а за време на патувањето откриваат зло во Њу Орлеанс што се заканува да ги уништи сите.

Овојпат, љубовта можеби и не е доволна.

8. „Работите кои не сакаш да ги кажеш“ – Сара Пеканен

Датум на издавање: 26 мај

Оваа книга ни доловува како изгледа едно семејство во криза, особено по едно трагично пукање. Колку далеку би оделе за да ја заштитите својата фамилија? Секое утро кога нејзиниот сопруг ќе излезе од вратата, Џејми Андерсон се тресе од страв и грижи. Еден ден, нејзиниот најголем страв се остварува. Имало пукање во полициската станица. Мајк не е повреден, но неговиот партнер е страшно повреден. Како што поминуваат неделите и несоницата на нејзиниот сопруг и неповрзаност се зголемува, Џејми сфаќа дека е невидлива жртва на нападот. Тогаш телефонот повторно ѕвони. Уште едно пукање, но овој пат Мајк го повлекува чкрапалото.

Ова пукање влијае и на уште две жени. Кристи Симонс, бивша девојка на Мајк која ја гледа трагедијата како шанса да го врати назад и помалата сестра на Џејми, која сака да ѝ помогне. Помеѓу целата таа хистерија, Џејми очајно се обидува да го задржи семејството заедно.

9. „Книгата на животот“ – Дебора Харкнес

Датум на издавање:  26 мај

Најдобро продаваната трилогија „Сите души“ на листата на „Њујорк тајмс“, го дочека и своето финале. Долгоочекуваната трета и последна книга од трилогијата конечно е тука. Дијана и Метју се враќаат назад во времето во елизабетскиот Лондон за да направат драматично враќање во сегашноста – соочувајќи се со нови кризи и стари непријатели. Во домот на неговите претци, се среќаваат со остатокот од екипата од претходните два дела, со еден голем исклучок. Но, вистинската закана за нивната иднина  допрво ќе биде откриена.

10. „Ќерка на длабоката тишина“ – Кери Рајан

Датум на издавање: 26 мај 

„Јас сум ќерката на убиени родители.
Пријателка на мртва девојка.
Љубовница на мојот непријател
И јас ќе ја добијам својата одмазда.“

По ужасното уништување на една луксузна јахта, остануваат само три луѓе што можат да ја раскажат приказната, а двајца од нив лажат. Само Франсес Мејс ја знае ужасната вистина и нема да застане за ништо на овој свет, сè додека не се одмазди за смртта на сите оние кои ѝ биле драги. Дури и ако тоа значи дека ќе го уништи момчето што го сака и да се изгуби себеси во процесот. Трилер што ќе го прочитате во еден здив.

11. „Прекрасна жртва“ – Џејми МекГвајр

Датум на издавање: 31 мај

Фејлин Ферчајлд нема проблем да остави сè зад себе. Веќе го има оставено автомобилот, образовнието, дури и нејзините родители. Ќерка на следниот гувернер на Колорадо, таа се враќа во својот роден град, без скршен денар и работи како келнерка во кафуле. Секој ден таа се труди да заштеди за билет на единственото место каде може да најде мир и прошка: Илионис. Во моментот кога Тајлор Медокс влегува во кафулето, таа знае дека е во неволја. Тој е шармантен, ги крши сите ветувања, прекрасен и кога целиот е во кал. Таа не сака да биде уште една во низата девојки, додека пак фактот дека таа е незаинтересирана е најголемиот предизвик за него.

One comment

Leave a reply to Најочекувани книги за месец мај! (втор дел) | Кафе и книги Cancel reply