Горан Стефановски: Што е дупло дно?

На денешен ден во 2018 година, овој свет го напушти еден од нашите најголеми умови, човекот кој често го нарекуваа „македонскиот Шекспир“, едниот и единствен Горан Стефановски.

Горан Стефановски преку своите драми секогаш умееше да направи секој да може да се поврзе со напишаното. Неговата неверојатна умешност да навлезе и нурне длабоко во состојбата на човечката душа, додека истовремено сосема одлично го анализира општеството и духот на времето го ставаат на еден пиедестал од кој тешко дека некој наскоро ќе го симне.

Со оваа загуба, Македонија загуби еден неверојатен бисер, но неговите дела ќе оддекнуваат и во иднината. Најдобар начин да се чествува и помни еден писател е преку постојано читање на она што го напишал, а во случајот на драмите на Горан, нивно постојано и редовно поставување на штиците што живот значат. Оти пораките на Горан се толку релевантни и за денешниот ден, за ова време во кое сега живееме и неговите драми треба да продолжуваат да оддекнуваат и понатаму.

Овој месец, во чест на годишнината на смртта на Горан, решив да ја прочитам книгата „Избрани драми“, која издавачката куќа „Полица“ ја издаде пред неколку месеци и ја промовираше на Саемот на книга. Книгата е составена од неколку драми на Горан: „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Баханалии“ „Дупло дно“ и „Демонот од Дебар маало“. Уживав во секој ред и топло препорачувам и вие да ја прочитате, а мене ми останува да се надевам дека наскоро ќе бидат издадени и останатите.

„Диво месо“ (со право) е една од најцитираните драми на Горан Стефановски, особено последниве неколку години. Но, и неговите останати драми исто така заслужуваат да бидат споделувани во македонскиот интернет етер. Додека ја читав „Дупло дно“, еден извадок ми остави особено добар впечаток и решив да го објавам на годишнината од неговата смрт и на тој начин да ја искажам мојата почит кон неговото творештво.

(Изведба на „Дупло дно“ во Драмски театар, 1984 година)

Во продолжение прочитајте ја репликата на уметникот Јаков, кој објаснува што е тоа дупло дно. Верувам дека ќе уживате и верувам дека ќе сфатите зошто токму овој извадок и ден денес е релевантен.

ЈАКОВ: Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови, со која жена да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа, како штедната книшка на брат ни да ја префрлиме на свое име ако тој ненадејно умре, таму се сите скришни прељуби, сè што сме премолчеле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мрзиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме и сета вера во она од кое јавно се откажуваме, таму се складиштата на суета и страста, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачки вилици, без мидери, таму сме грди. Меѓу тоа ѓубре и отпад во нашата глава во длабок сон лежат оковани нашата вистина и слобода, нашата невиност и човечко достоинство. Такви дна имаат и државите, и цивилизациите. Никој не ги чисти. Растат. Ги напнуваат деветте тешки порти со по девет резиња и катанци. Во дуплото дно се шверцуваме самите себеси и го гледаме својот сопствен шверц како цариници на кои сè им е јасно, но кои не можат да поверуваат дека некој е толку безобразен самиот да се носи себеси, во куфер, илегално, преку сите дозволиви граници. Портите на дуплото дно се кршат со глава. Со психоза – артистика или психоза – шизоафектива или психоза – револуционариа. Главата се крши и крвари, како шампањско при поринување на брод. Историјата на светот е историја на дупнати дна. Еден ден дното и дуплото дно конечно ќе се спојат. Тогаш веќе ќе нема душевно болни уметници и терористи. Гледајте се право во очи. Седум секунди. 13 секунди. 15 секунди. Она страшното што го гледаме во огледало кога гледаме во себе е дуплото дно.

Извор: Стефановски, Горан, „Избрани драми“, Скопје: Полица, 2020

Доколку сакате да читате повеќе прекрасни мисли од Горан, тоа можете да го направите тука.

Вечна слава и мирно небо, Горане!

Leave a comment