„Као какао“ – македонски мјузикл според музиката на Влатко Стефановски и текст на Венко Андоновски!

„Као какао“ е насловот на македонскиот мјузикл според музиката на македонскиот легендарен гитарист Влатко Стефановски, со текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски. Одлична екипа и имиња кои ветуваат дека публиката ја очекува квалитетно парче уметност!

Според информациите добиени од прес-конференцијата која се одржа вчера, премиерата на мјузиклот се очекува во мај и истиот е во копродукција на „Баги комуникации“ и Македонскиот народен театар. Од добиените информации, се очекува мјузиклот да има 19 композиции на Влатко Стефановски кои ќе бидат изведени во нови аранжмани од Бобан Мирковски. Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде сподели и дека идејата за проектот е од пред три години, а активностите и подготовката за ова дело започнале лани во јуни.

Во главните улоги ќе се појават Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, иако актерската екипа ќе биде поголема. За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимографка е Марија Пупучевска, а сценограф – Валентин Светозарев. 

На прес-конференцијата беше присутен и Влатко Стефановски кој кажа дека подобро е да биде сведок на мјузиклот сега, отколку да се прави откако ќе го нема и додаде: „Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот, кој го читав во авион враќајќи се од Лондон. Кога еден текст е добар? Ако те допре емотивно е добар. Ако не те допре – не е добар. Овој текст ме насмеа три пати и ме расплака два пати, што е гаранција дека текстот е навистина добар.“  

Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски кој рече дека уште како гимназијалец му се восхитувал на Влатко Стефановски и го смета за еден од најдобрите светски гитаристи. „Јас имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара. Не успеав. Отидов на книжевност, а првата книга што ја добив беше „Диво месо“ на Горан Стефановски. И него не успеав да го надминам, ама еве Господ ги реди работиве, па дојдов до тоа…“ – рече Андоновски.

Главни поддржувачи на проектот се „Триглав“ осигурителната компанија и „Шпаркасе“ банка.

Нам ни останува да почекаме до мај и да го поддржиме овој проект.

Leave a comment