Алкибијад Нуша, попознат како Бранислав Нушиќ, бил српски писател, мајстор на комедијата, хуморот и смеата, писател на романи, драми, раскази и есеи, основач на реториката во Србија и истакнат аматерски фотограф. Тој бил одличен забавувач за пошироката театарска и читателска публика, која секогаш била посочувствителна кон него отколку критичарите.

Бранислав Нушиќ е роден на 8 октомври 1864 година во Белград, недалеку од Соборната црква, како Алкибијад Нуша во влашко семејство, а неговите родители биле Ѓорѓе и Љубица Нуша. Кратко по неговото раѓање, и по губењето на богатството на неговиот татко стекнато преку трговија со жито, семејството Нуша се преселило во Смедерево, каде Алкибијад го поминал детството, посетувал основно училиште и првите две години гимназија, а потоа се вратил во Белград, каде што дипломирал. Кога наполнил 18 години, го променил своето име и станал Бранислав Нушиќ.
На само деветнаесетгодишна возраст, за време на студиите во 1883 година, ја напишал својата прва комедија „Народен пратеник“ и покажал не само фантастично разбирање на општествените услови, туку и вредна призма низ која ги гледал истите, како и одлични вештини за пишување. Иако била пофалена и поддржана од културната елита и најистакнатите писатели од тоа време, комедијата не била на репертоарот некое време, веројатно поради ставот на Александар Обреновиќ дека претставува „потсмев на борците за парламентаризам“.
Бранислав Нушиќ дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1884 година, а за време на студиите поминал една година во Грац. Кратко по завршувањето на студиите, Нушиќ се борел во Српско-бугарската војна од 1885 година, како дел од неговата редовна воена служба. Огорчен што во погребната поворка на Михаило Катаниќ, херојот на оваа војна, немало ниту еден државен службеник, тој ја напишал сатиричната поема „Двајца слуги“ за тогашниот опозициски весник „Дневни лист“ и бил осуден на две години затвор поради исмејување на српската монархија, а особено кралот Милан.
Нушиќ пишувал и во затвор, таму ја напишал комедијата „Заштита“, што е многу необично со оглед на тоа што му било забрането да пишува во затвор. Сепак, знаејќи дека управникот ја цензурира неговата пошта, Нушиќ почнал да му пишува на својот имагинарен роднина, министерот. Благодарение на оваа досетливост, тој си обезбедил право континуирано да пишува и твори.
Без разлика дали се должело на фактот дека кралот Милан повеќе не сакал да го гледа во Србија или не, дури во 1889 година овој поранешен затвореник добил државна служба, а како службеник на Министерството за надворешни работи бил назначен за писар на конзулатот во Битола. Тој напредувал на позицијата вицеконзул во Приштина и се оженил со Даринка Ѓорѓевиќ во 1893 година. Поминал цела деценија во овие краишта, вкучително и Македонија.
По враќањето во Србија, Нушиќ работел во државната служба, од која црпел бескраен материјал за пишување за несовршеностите на системот, бирократијата и менталитетот на оваа област. Во 1900 година бил назначен за секретар на Министерството за образование, а набргу потоа станал драматург на Народниот театар во Белград. Во 1904 година бил назначен за директор на Српскиот народен театар во Нови Сад. Една година подоцна, ја напуштил оваа позиција и се преселил во Белград, каде што работел како новинар. Пишувал под псевдонимот „Бен Акиба“ и го внел својот хумор во оваа професија.
Во 1912 година, Бранислав Нушиќ се вратил во Битолa како државен службеник, но за време на Балканските војни, во февруари 1913 година, бил отпуштен бидејќи бил сметан за „премногу умерен“. Во 1913 година, го основал театарот „Нaродно позориште – Скопје“ (денешен Македонски народен театар), каде што живеел до 1915 година. Ја напуштил Македонија со војската за време на Првата светска војна и останал во Италија, Швајцарија и Франција до крајот на војната.
Повлекувајќи се и преселувајќи се од место на место, Нушиќ прво морал да се откаже од недовршени ракописи, но како што ситуацијата станувала сè потешка, морал да остави зад себе и некои завршени дела, вклучувајќи го и „Сомнително лице“. Оваа претстава била оставена на чување кај Арбанас, кој му дал на Нушиќ „благослов“ дека ќе го зачува текстот. Иако Бугарите ја нападнале Приштина за време на војната и запалиле сè, вклучувајќи го и целото наследство на Нушиќ, Арбанас го одржал својот збор, а денес можеме да уживаме во дело кое фантастично објаснува како се појавуваат малите и големите заговори, но сепак непогрешливо ги прикажува човечките слабости и, како и сите дела на Нушиќ, прикажува општествена слика и положба на поединецот што не се променила до ден-денес.
Нушиќ успеал да ги спаси своите дела од војната, но војната му одзела нешто многу повредно – неговиот единствен син. Откако неговата ќерка Оливера, починала млада, тие останале со две деца – Маргита и Страхиња, со прекар Бан. Бан отишол во војна како волонтер. Најпрво тешко ранет, Бан се вратил во рововите откако му заздравеле раните и починал како еден од 1.300 каплари. Нушиќ никогаш не ја преболел смртта на својот син, а своите чувства ги искажал во прозното дело „Деветстотини и петнаесет – трагедија на еден народ“.
По војната, Бранислав Нушиќ бил назначен за директор на „Уметничкиот оддел“ на Министерството за образование. На оваа позиција останал до 1923 година. После тоа, станал директор на Народниот театар во Сараево, враќајќи се во Белград во 1927 година. За редовен член на Српската кралска академија не бил избран сè до 10 февруари 1933 година.
Бранислав Нушиќ починал на 19 јануари 1938 година на 74-годишна возраст. Кога починал, зградата на Народниот театар во Белград била завиткана во црно платно.
Бранислав Нушиќ бил исклучително плоден писател кој првенствено пишувал за луѓето и сè околу нив. Најпознат е по своите комедии: „Заштита“, „Светот“, „Околу светот“, „Госпоѓа министерка“, „Народен ратеник“, „Господин Долар“, „Ожалостеното семејство“, „Починатиот“, „Д-р“, „Сомнително лице“, „Никогаш не очајувај“ и неговите романи: „Автобиографија“, „Општинско дете“ и „Хајдуци“. Напишал и драми: „Така мораше да биде“, „Есенски дожд“, „Зад грбот Божји“, „Морето“, „Кирија“, кратки раскази: „Политички противник“, „Смртна белешка“, „Класа“, „Приказни за еден каплар“ и трагедии: „Принцот Иво од Семберија“, „Хаџи-Лоја“, „Наход“, „Хаџи-Ена“, додека денес неговата важност како теоретичар на реториката сè повеќе добива на внимание.
Нушиќ се нарекувал себеси хуморист, а не сатиричар. Неговиот хумор не е горчлив, не поттикнува потсмев, туку предизвикува здрав смеа и простување. Иако ја исмејува човечката суета, лажната милосрдност, глупоста и лицемерието, неговото исмејување не е отровно. Тој беше и останува современ и безвременски.
Во продолжение погледнете и еден интересен краток документарец за Нушиќ од 1989 година.
