На 28 јануари 1813 година, романот „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин го здогледал светлото на денот, а и после толку време, тој е еден од највлијателните и најдобрите романи на сите времиња. Освен што ги фасцинира читателите и читателките, се покажа и дека не престанува да ги инспирира и режисерите и режисерките кои постојано се трудат да ја оживеат приказната во форма на серија или филм. По тој повод, денес на блогот можете да прочитате текст инспириран од статијата на Самуел Спенсер која беше објавена на порталот на „Би-Би-Си“ каде тој ја истражува токму таа фасцинираност со безвременската приказна.

Во ера во која жените можат да наследуваат имот, не би донеле срам на своето семејство ако се преселат со маж во Лондон, и во која маж со големо богатство можеби и не е во потрага по сопруга, постојаната привлечност на „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин може да изгледа изненадувачка.
Сепак, јасно е дека многумина од нас сè уште ја сакаат книгата која, во една јавна анкета, беше прогласена за втора најдобра на сите времиња. Хаштагот #prideandprejudice има повеќе од 200.000 објави на TikTok, каде што корисниците со жар расправаат за своите омилени екранизации. Десетици филмови и серии се обидоа да ја пренесат приказната во современиот контекст: од тоа како Хелен Филдинг се инспирираше од делото за да го создаде ликот на Бриџит Џонс, до „The Lizzie Bennet Diaries“, YouTube-серија од 2012 година која ја претвори хероината на романот во влогерка.
Екранизациите што ја задржуваат оригиналната регентска поставка остануваат вечно популарни: од раскошната серија на Би-Би-Си од 1995 година со Џенифер Ел и Колин Фирт во главните улоги, до филмот од 2005 година со Кира Најтли и Метју Мекфaден. Поминаа 250 години од раѓањето на Остин, а најавени се еден куп нови екранизации и преобмислувања, вклучувајќи адаптација за Radio 4 на BBC Sounds и претстојна продукција на Нетфликс. Во меѓувреме, наскоро доаѓа и екранизацијата на Би-Би-Си на романот „Другата сестра Бенет“.
Па зошто „Гордост и предрасуди“ сè уште ни зборува во свет што е толку различен од времето на Остин?
„Толку добар дијалог“
Кога била објавена во 1813 година, книгата била „далеку од моментален бестселер“, вели д-р Џилијан Дау, која предава модул за екранизациите на Остин на Универзитетот во Саутхемптон. Како што се оддалечувавме од почетокот на 19 век, многу популарни автори постепено избледуваа од јавната свест, додека ѕвездата на Остин сè повеќе се издигнуваше. „Џејн Остин стои над политиката“, додава Дау. „Може да ѝ се пристапи и да се чита без големо познавање на регентскиот период.“ Наместо обемни историски описи, го добиваме „вкусниот“ хумор на Остин, вели Рејчел Џојс, која ја прилагодила книгата за Radio 4. Ела Бруколери, која наскоро ќе ја игра Мери Бенет во „Другата сестра Бенет“, била воодушевена од тоа колку е „прекрасно сув“ стилот на пишување на Остин.
„Нејзините книги се интелигентни“, додава Џојс. „Кога сте во друштво на интелигентни луѓе, и самите се чувствувате малку поумни.“ Читањето на книгата за првпат на 12 години за неа било откровение. „Да се биде во тој свет беше опојно. За првпат открив дека книгите можат целосно да ве пренесат далеку од сопствениот живот.“
Дау додава: „Таа не е драматург, но нејзиното дело многу добро се прилагодува за драматизација, бидејќи пишува извонредни дијалози кои многу лесно може да се пренесат од страницата на екранот.“
„Производ на своето време“
Според Дау, фактот што книгата има „релативно лесен заплет“, но богата со дијалог и детали, ѝ помогнал да опстои, а приказната подеднакво добро функционира и како двочасовен филм и како петчасовна ТВ-серија. Таа додава дека поради изобилството од детали, секоја генерација има простор да ја прилагоди приказната на своето време, без љубителите на Остин да чувствуваат дека се земени преголеми слободи и направени премногу отстапки.
„Екранизацијата на Би-Би-Си од 80. години на 20 век имаше силен феминистички пристап кон романот, што совршено се вклопуваше со вториот бран на феминизмот“, вели Дау. „Екранизацијата од 90. години на 20 век, со Дарси во мокра кошула, сцена што сите од одредена возраст ја знаат и ја обожаваат, донесе сексуализација на херојот што беше типична за своето време, со големо внимание насочено кон женската публика.“
Што се однесува до адаптацијата од 2026 година, таа доаѓа по успесите на т.н. „кастинг што не распознава бои“ во серии како Нетфликсовата „Бриџертон“, што, според Дау, имало „вистинско влијание врз начинот на кој ги раскажуваме приказните за Англија од регентскиот период“.
„Сите ние знаеме по еден господин Колинс“
Дури и кога некои елементи од заплетот изгледаат цврсто вкоренети во времето на Остин, за Дау „универзалноста“ на ликовите и приказната ѝ овозможува на книгата да остане релевантна. „Сите некогаш погрешно сме ги процениле луѓето што сме ги запознале првпат“, вели таа. „Сите имаме прагматични пријатели како Шарлот Лукас и импулсивни пријатели како Лидија Бенет.“ Таа додава дека „сите знаеме и по еден господин Колинс“ – лик познат по својата хронична подлизурковштина и постојано спомнување на својата покровителка, леди Кетрин де Бург.
Иако книгата често се сведува на љубовната приказна меѓу Лизи и Дарси, за Џојс нејзиниот успех лежи во тоа што романот зборува за повеќе љубовни приказни. Тие им се допаѓаат и на оние што веруваат во љубов на прв поглед (Џејн и Бингли) и на оние што се цинични околу идејата дека бракот секогаш значи среќен крај (г-дин и г-ѓа Бенет).
Кога Џојс првпат ја прочитала книгата, нејзините симпатии биле на страната на Лизи, за која вели дека „е тешко да не сакате да бидете како неа, бидејќи е толку духовита“. Но откако станала мајка, почнала повеќе да сочувствува со г-ѓа Бенет, мајката опседната со брак. „Таа може да биде неверојатно глупава“, вели Џојс, „но прави сè што е во нејзина моќ за да обезбеди опстанок на своето семејство.“ Дури и помалку разработените ликови имаат свои обожаватели. За Бруколери, токму тоа што Мери во екранизациите често била прикажувана како „еднодимензионален стереотип на поучност и несмасност“, ја привлекло да сака да ѝ даде подлабока и посложена интерпретација на ликот.
Речиси секој лик од романот добил своја приказна во подоцнежни дела инспирирани од „Гордост и предрасуди“, вклучувајќи ја Шарлот Лукас (во книгата „Претставувањето на г-ѓа Колинс“ на Рејчел Парис од 2025 година), Џорџијана Дарси (во „Дневникот на Џорџијана Дарси“ од Лора Маселос) и г-дин Викам („Убиството на г-дин Викам“ од Клаудија Греј, која вклучува и ликови од други романи на Остин).
Со толку многу екранизации и продукции на пат, сигурно е дека ќе продолжиме „жестоко да се восхитуваме и да ја сакаме“ „Гордост и предрасуди“ уште многу векови.
