Кафе и книги одбележува 11 години постоење!

Драги читатели и читателки,

Кафе и книги денес слави 11 години постоење! На 4 март 2015 година, во едно мало катче од светот на интернетот, се појави еден блог, основан од една девојка вљубена во книгите и кафето и реши да започне еден блог каде ќе може да пишува за книгите додека го пие својот омилен напиток. Она што беше само една обична идеја и желба за хоби и повеќе содржини за книги на македонски јазик, се претвори во страница со илјадници текстови, многу читатели и читателки, нови рубрики и споделена љубов за книжевноста.

Повеќе од една деценија блогот се труди да овозможи интересна и поучна содржина на македонски јазик поврзана со книги, книжевност, писател(к)и, поезија, итн. Сето ова е направено со многу љубов и многу труд и многу часови посветени на истражување, читање и барање информации. Но, ништо од тоа не е напорно, бидејќи сето тоа е дел од моето уживање и среќа, а особено сум среќна кога ќе слушнам дека некој текст оставил впечаток кај читател(к)ите, кога некој ќе предложи некоја тема или интересен текст или кога ќе ми кажат дека некоја книга што ја дознале преку блогот им станала омилено четиво.

Во овие 11 години, блогот беше прегледан 799,843 пати од 495,430 посетители, а досега се објавени 2147 текстови. Ова за мене се неверојатни бројки за кои не сум ни сонувала дека би можела да ги постигнам, а и самиот блог немаше да опстои толку долго време да не беа читателите и читателките кои продолжуваат да кликнуваат и да ги читаат објавените текстови.

Се надевам дека и во иднина блогот ќе ви нуди многу интересни и корисни содржини и дека тука можете да си најдете свое катче во кое ќе се губите во најубавиот свет што постои – светот на книгите. Светот е доволно мрачно место, а книгите се нашето засолниште и бегство од сивилото на светот, а овој блог се труди да внесе шаренило меѓу црните вести и ужасните содржини на кои постојано налетуваме на интернетот и социјалните мрежи.

И како што налага традицијата, во продолжение прочитајте кои се најчитаните текстови од самиот почеток на блогот, но и најчитаните текстови во годината што измина.

Топ 10 најчитани објави за овие десет години

  1. Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
  2. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  3. Неколку факти за „Гарванот“ на Едгар Алан По!
  4. Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
  5. Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
  6. Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
  7. Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…
  8. IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
  9. Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!
  10. 4 најдобри веб-страници за читање книги!

Топ 10 најчитани објави за периодот 4 март 2025 – 4 март 2026 година:

  1. Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
  2. In Memoriam: Тихомир Јанчовски (1967 – 2026)
  3. Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
  4. Македонска поезија: „Во тишина“ од Ацо Шопов!
  5. Прекрасни и извонредни мисли од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски!
  6. Што треба да знаете за „Дневникот на Ана Франк“?
  7. IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
  8. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  9. Прекрасни мисли од „Големата вода“ на Живко Чинго!
  10. „Чекајќи го Годо“: Помеѓу надежта и ништожноста…

Може да се пишува уште многу, но за најубавите чувства понекогаш не се потребни многу зборови. Би сакала само уште еднаш да ви се заблагодарам од срце за секој убав збор, клик и прочитан текст и се надевам дека ќе продолжиме да се читаме и да ја споделуваме заедно љубовта кон книгите!

Среќен роденден Кафе и книги!

Ви посакувам уште многу убави прочитани книги и вкусни топли (или ладни, кој што си сака!) напитоци!

Срдечен читателски поздрав,

М.

Leave a comment