Што читаше Кафе и книги во февруари?

Дојде нов месец, а ни се ближи и пролетта, а тоа секогаш е одлично време за читање. Денес на блогот можете да ги разгледате новите препораки за читање составени од книгите што ги прочитав минатиот месец.

Тивкиот Американец“ – Греам Грин

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт
: Ова е книга која човек дефинитивно треба да ја прочита во текот на животот. Се работи за класик за кој постојано читав, но никако не успеваше да ми падне во рака. Приказната ни е раскажана од гледна точка на новинарот Фаулер, кој живее во Виетнам и таму е како воен дописник за англиски весник. Тој се смета себеси целосно неутрален во целата војна бидејќи Англија не е вмешана во оваа војна, а и генерално се смета себеси за циник кој има еден нихилистички пристап кон животот: сите ќе умреме, ништо нема поента. Тој живее со една виетнамка Фуонг.

Еден ден таму пристигнува Американецот Олден Пајл, кој е назначен да работи во економската мисија на САД. Тој воспоставува еден вид пријателство со него, иако го смета за млад, сериозен и премногу наивен за животот и за работите што се случуваат околу него. Но, тоа пријателство е многу комплицирано и слоевието, бидејќи Пајл се заљубува во Фуонг и тие двајца на еден чуден начин стануваат и ривали – но Пајл инсистира на нивното пријателство. Истовремено преку очите на Фаулер ние го искусуваме и насилството и ужасноста на војната, но на еден отуѓен и далечен начин – бидејќи Фаулер во голем дел од книгата е таков. Целиот тон е мирен и меланхоличен и за нас како читатели тоа е целосно спротиставено на дел од насилството и војната што се случува околу нас – што го прави целото искуство уште позбунувачко и поневеројатно. Дали е навистина можно да се остане целосно неутрален во услови на војна, дури и кога таа не е твоја. Неверојатно раскажување, маестрално дело кое ме остави со грутка во градите.

Зошто наземи спиеш“ – Дарко Цвијетиќ

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Што да каже човек за оваа книга која ќе предизвика солзи и тежина од која нема да можете да се ослободите долго откако ќе ја прочитате? Секоја војна е ужасна и болна, но оние што се на некој начин поблиску до дома удираат и посилно. Па така и овој роман на Дарко Цвијетиќ удри силно и остава тага која потсеќа дека љубовта меѓу луѓето што живеат на овој регион може да е силна и интензивна, но омразата е уште поинтензивна и остава деструкција што не може да се поправи ниту во следните генерации. Војните од 90. години на 20 век го распарчија Балканот, особено Босна и Херцеговина, а Цвијетиќ во овој роман оди уште подлабоко од „Шиндлеровиот лифт“, навлегувајќи во сплетканите меѓучовечки односи и прави една прекрасна анализа на една неповратно загубена младост, каде нема победник, нема херои, само загуби – и лични и човечки.

Во овој роман неговиот брат Бота оди на редовно служење војска, но завршува заглавен во касарната во моментот кога избувнува војната. Она што треба да биде рутинско нешто, завршува со тоа што млади луѓе без ден воено искуство треба да се борат во војна, а ниту знаат да се борат, ниту знаат за што всушност се борат и кого напаѓаат и од кого се бранат. Во тој хаос тука се и неговите родители, неговиот брат, неговите пријатели и сите луѓе од околината. Преку неколкуте паралелни приказни што се расплетуваат, она што останува е траума, солзи и скршено срце. Не само за ликовите, туку и за читателите, особено оние кои живееле низ тие мрачни и ужасни времиња. Книга која дефинитивно треба да биде на вашата листа за читање – книга која лесно се чита, но тешко се доживува.

Ние бевме лажговци“ – Е. Локхарт

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Оваа книга со години ми беше на листа за читање, но никако не можев да ја најдам и конечно успеав да најдам примерок и да ја прочитам. Се работи за роман за млади, каде во фокусот на дејството се четворица млади тинејџери кое секое лето го минуваат на приватниот остров на Харис Синклер, главата на семејството Синклер. Каденс, Мирен и Џони се негови внуци, а Гет е вунк на момчето на мајката на Џони, па така и тој се приклучува на групата и ги минува летните денови со нив. Овој период за овие четири млади луѓе е најубав за нив и со душа чекаат да дојде лето за повторно да се сретнат и да бидат безгрижни и слободни. Летото откако починува нивната баба, тие четворица повторно се сретнуваат. Но, додека за младите ова е период на среќа, возрасните се соочуваат со последиците од смртта на нивната мајка и тагата на нивниот татко и на површина излегуваат многу тензии околу наследството, парите и други материјални работи што за младите е нешто сосема туѓо.

Една вечер се случува тешка несреќа и Каденс завршува во болница со тешки повреди и целосна амнезија на тие денови. Следното лето таа не оди на островот бидејќи мора да оди со татко ѝ во Европа, но таму не може да ужива бидејќи има проблеми со здравјето и големи главоболки предизвикани од несреќата и копнее повторно да се сретне со своите најблиски пријатели. Две години по несреќата, таа повторно доаѓа на островот, но се чини дека ништо повеќе не е исто. Џони, Мирен и Гет не сакаат да зборуваат за тоа што се случило, како и нејзините тетки, а мајка ѝ вели дека докторите рекле дека сама мора да се сети на таа ноќ. Додека Каденс се обидува да најде смисла во својата несреќа, ние заедно со неа одиме на тоа патешествие и заедно со неа ги откриваме деталите кои малку по малку се откриваат. Многу интересна книга, ликовите се добро разработени и ќе ја прочитате во еден здив.

Телефонската говорница на крајот на светот“ – Лаура Имаи Месина

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт:
Последните месеци, сосема случајно и непланирано, често ми се случува да читам приказни за загуба, за тажење по саканите откако ќе ги загубиме и некако, на чуден начин како да минувам низ некаков процес на емотивно исцелување преку туѓи приказни. Доколку сакате меланхолични приказни и топли, човечки и едноставни приказни за животот, загубата и борбата да се победи болката – ова е одлична книга за вас. Овој роман е инспириран од една вистинска телефонска говорница која и денес постои во Јапонија, иако сите други ликови се фиктивни. По ужасното и разорно цунами од 2011 година, многу луѓе во Јапонија ги изгубија своите најмили, а последиците од тие загуби, особено емотивните, не можат толку лесно да се излечат.

Па така се запознаваме со Јуи, млада жена која работи како радио-водителка и која во цунамито ги изгубила своите најмили – својата мајка и својата ќерка. Таа не може да се помири, целата болка ја обзема и ѝ го заробува животот, за неа нема повеќе никаква смисла. Тогаш дознава за телефонската говорница каде луѓето зборуваат со луѓето со кои ги изгубиле, еден начин да се процесира болката и решава да го посети местото и да види дали тоа ќе има ефект и на неа. Но, се покажува дека не само што има ефект, туку и целосно ќе ѝ го преобрази животот, бидејќи таму запознава многумина како неа – луѓе кои се соочени со големи загуби, а секој се труди начин како да продолжи со животот. Многу убава и топла книга, ќе ја прочитате во еден здив и силно ќе се поврзете со ликовите од приказната.

Надеж, имела и едно божиќно ветување“ – Џулиет Арчер

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3.5/5
Осврт:
И покрај тоа што насловот асоцира на Божиќ и иако и јас мислев дека книгата ќе биде поврзана со божичните празници, оваа приказна речиси и да нема допирна точка со празникот, освен пар паралели и традиции, но во принцип и да не е сместена за време на овој период од годината, буквално ништо не би се сменило. Премисата на книгата е интересна, Пип е наставничка во основно училиште која чувствува како целиот живот ѝ се руши откако дознава дека нејзиниот свршеник ја изневерил и целата врска се распаѓа. Изгубена и неутешна, во последен миг добива понуда од нејзината пријателка да помине неколку недели во Хонг Конг, каде што таа работи како дадилка за едно богато семејство. Пип си замислува дружби со пријателката и магично патување, но кога стигнува таму сфаќа дека нејзината пријателка има други замисли, а од друга страна мора да го трпи неподносливиот Рајан, шефот на Тара и чичко на девојчето Шелби која останува сираче откако и татко и загинува во несреќа.

Пип брзо се спријателува со Шелби и иако се чувствува изгубено, сфаќа дека многу го сака предавањето и подучувањето деца и истовремено почнува да развива чувства кон Рајан. Вториот дел од книгата малку опаѓа во квалитет, но доколку барате четиво за одмор и забава, оваа книга добро ќе ви легне, особено ако сакате романтични комедии.

Leave a comment