Македонска поезија: „Пред татковиот дом“ од Ванчо Николески!

Ванчо Николески е еден од најистакнатите македонски писатели за деца и млади, кој починал на 15 април 1980 година. Во негова чест, денес ги читаме неговите стихови.

Пред татковиот дом – Ванчо Николески

Далеку остана,
ти граду прашен,
зативна екот
фабричен, див,
патувам в село
изморен, прашен,
пред мене блешти
просторот сив.

В зелени лагој
овците пасат,
тивко се лее
од ѕвонци ѕвон,
се ближам в село,
спомени растат
како в приказна,
како во сон.

Дека си идам
дома на гости
се слушна в село
брзо ко гром,
чекорам бавно
и бришам чело,
пред мене стои
стариот дом.

Како некој пат
сè гледам исто:
плевната, куќата,
стариот двор,
дрвено корито,
дабово, чисто,
секира, лопата,
вила и сар.

Пред куќната врата
кучето Шарко
врзано стои
за дабов кол,
јас не знам зошто
чувствата мои
се толку полни
со радост и бол.

Ете ја мајка ми
в шамија црна,
како ме чека
на татков праг,
ме чека топло
пак да ме згрне
во домот татков
познат и драг.

Колку ли време
плаче и пати,
старице моја
твојот син,
колку ли време
тој не се вратил –
светол за него
овој е чин.

Години, години,
мајче моја,
кај тебе дома
јас не сум бил,
мамице, мајко,
рашири раце,
згрни ме мене –
синот твој мил!

извор: The Cleveland Museum of Art на Unsplash

Leave a comment