Алексис де Токвил е еден од најпознатите филозофи на 19 век кој е познат по неговите размислувања за демократијата. Денес на блогот имате можност да погледнете видео и да прочитате еден текст за неговата филозофија објавен на The School of Life.

Демократијата е постигната преку толку долга, тешка и херојска борба што понекогаш може да биде непријатно, дури и срамно, да се почувствува мала разочараност од неа. Знаеме дека во клучни историски моменти луѓето правеле длабоки жртви за да можеме ние, одвреме-навреме, да заокружиме име на кандидат или кандидатка на гласачко ливче. Со генерации, во големи делови од светот, демократијата била тајна, очајна надеж. Но денес, често минуваме низ периоди во кои сме изнервирани и ни е здодевно од нашите демократски избрани политичар(к)и. Разочарани сме од партиите и скептични дека изборите навистина прават разлика. А сепак, да не се поддржува демократијата, отворено да се биде против неа, не е ниту возможен став. Се чини дека сме целосно посветени на демократијата, а сепак постојано разочарани и фрустрирани од неа.
Можеби најдобриот водич за овие чувства и за современата демократија воопшто е еден француски аристократ од 19 век, Алексис де Токвил, кој во раните 30 години на 19 век патувал низ САД проучувајќи ја политичката култура на првата вистински демократска нација во светот, а потоа ги собрал своите размислувања во едно од најголемите дела на политичката филозофија, „Демократија во Америка“, објавено во Франција во 1835 година. За Токвил, демократијата била исклучително егзотична и нова политичка опција. Тој се родил во 1805 година, кога Наполеон бил популистички диктатор над половина Европа. По Ватерло, Бурбонските кралеви се вратиле и, иако имало избори, правото на глас било многу ограничено. Но Токвил, со извонредна проникливост, верувал дека демократијата ќе стане големата идеја за иднината насекаде во светот. Она што го интересирало било: Како ќе изгледа тоа? Што ќе се случи кога општества кои со генерации биле управувани од мали аристократски елити, кои го наследувале своето богатство и моќ, ќе почнат да ги избираат своите лидери на избори на кои речиси целото возрасно население може да гласа?
Затоа Токвил отпатувал во Америка: за да види како ќе изгледа иднината. Таму стигнал благодарение на грант од француската влада, која сакала тој да го проучи американскиот затворски систем и да состави извештај од кој би можеле да извлечат поуки. Но Токвил не бил толку заинтересиран за затворите и во писмата до пријателите јасно покажал дека вистинската причина за неговото патување била да ги проучи американските обичаи, менталитет и економските и политичките процеси. Пристигнал во Њујорк, заедно со својот пријател и судија Гистав де Бомон, во мај 1831 година и потоа започнал долго патување низ новата држава кое траело девет месеци, сè до февруари 1832 година.
Токвил и Бомон отпатувале дури до Мичиген, кој тогаш бил гранична област и таму стекнале чувство за огромноста на американскиот Среден Запад. Се спуштиле и до Њу Орлеанс, но најголемиот дел од времето го поминале во Бостон, Њујорк и Филаделфија. Се сретнале со сите: претседатели, адвокати, банкари, чевлари, фризери… па дури се ракувале и со последниот жив потписник на Декларацијата за независност, човек по име Чарлс Керол.
Набљудувањата што Токвил ги направил за Америка се духовити, често забавни и неретко многу остри. Еве што пишува за Њујорк:
„За еден Французин, изгледот на градот е чуден и не многу пријатен. Не се гледа ниту купола, ниту камбанарија, ниту некоја голема градба, па човек постојано има чувство дека се наоѓа во предградие.“
За националната гордост:
„Се сомневам дека од Американците може да се извлече и најмала вистина што е неповолна за нивната земја. Повеќето се фалат со својата држава и со една дрскост што е непријатна за странците… Општо земено, во нивниот карактер има многу провинциска ситничавост… Сè уште не сме сретнале навистина извонреден човек.“
За духот на средната класа:
„Оваа земја го прикажува најцелосниот надворешен развој на средната класа, или поточно, изгледа како целото општество да се претворило во една средна класа. Никој не ги поседува елегантните манири и префинетата учтивост на повисоките класи во Европа. Веднаш се забележува нешто вулгарно и една непријатна неформалност во однесувањето…“
За односот кон домородните народи:
„Среде ова американско општество, толку добро организирано, толку морализаторско, толку милосрдно, владее студен егоизам и целосна нечувствителност кога станува збор за домородците на оваа земја. Американците не ги пуштаат своите кучиња да ловат Индијанци како што тоа го прават Шпанците во Мексико, но во суштина станува збор за истото немилосрдно чувство што, овде како и насекаде, ја движи европската раса. Овој свет им припаѓа нам, си велат секојдневно: индијанската раса е осудена на конечно исчезнување, што не може да се спречи и не треба да се одложува. Небото не ги создало за да се цивилизираат; потребно е да исчезнат. Освен тоа, јас не сакам да се вмешувам во тоа. Нема да направам ништо против нив: ќе се ограничам на тоа да обезбедам сè што ќе го забрза нивното пропаѓање. Со текот на времето ќе ги имам нивните земји и ќе бидам невин за нивната смрт. Задоволен од своето размислување, Американецот оди во црква каде што секојдневно го слуша проповедникот како повторува дека сите луѓе се браќа и дека Вечниот, кој ги создал по свој образ, им ја дал должноста да си помагаат едни на други.“
Од друга страна, ни самиот не бил особено наклонет кон домородните народи:
„Бев полн со сеќавања на господин Шатобријан и на Купер, и очекував да ги најдам домородците на Америка како дивјаци, но дивјаци на чии лица природата ги втиснала белезите на некои од гордите доблести што ги раѓа слободата. Очекував да видам луѓе малку поразлични од Европејците, чии тела биле развиени од напорниот лов и војување, и кои ништо не би изгубиле ако се видат голи. Замислете го моето изненадување кога го видов следново. Индијанците што ги видов таа вечер беа со низок раст; нивните екстремитети, колку што можеше да се забележи под облеката, беа тенки, а не жилави; нивната кожа, наместо да биде црвена како што обично се мисли, беше темно бронзена и на прв поглед наликуваше на кожата на Африканците. Нивната црна коса паѓаше со необична крутост по вратот, а понекогаш и по рамената. Воопшто, нивните усти беа непропорционално големи, а изразот на лицето, недостоинствен и пакосен. Сепак, во нивните црти имаше нешто европско, но би рекол дека потекнуваат од најниските слоеви на нашите големи европски градови. Нивната физиономија сведочеше за длабока деградација каква што може да предизвика само долготрајна злоупотреба на придобивките на цивилизацијата, а сепак тие сè уште беа дивјаци.“
Но, имало и многу нешта што го восхитувало во Америка: убавината на жените, здравата едноставност на храната, ведрата отвореност на разговорите, удобноста на хотелите. Над сè, Токвил бил воодушевен од американската дивина:
„Невозможно е да се замисли нешто поубаво од северниот тек на реката Хадсон. Големата широчина на реката, извонредното богатство на северниот брег и стрмните планини што се издигаат долж источниот раб ја прават една од највеличествените глетки во светот… Секој ден им завидуваме на првите Европејци кои пред двесте години првпат го откриле устието на Хадсон и се искачиле по неговиот тек, кога двата брега биле покриени со безброј шуми и единствено се гледал чадот од огништата на домородците…“
Кога Токвил пристигнал во Њујорк, стапнал во единствената голема и релативно стабилна демократија во светот во тоа време. Тој се гледал себеси како некој што започнува една внимателна и нијансирана анализа: кои се општествените последици од демократијата? Какво општество треба да очекуваме од неа?
Токвил особено бил свесен за проблематичните, па дури и мрачни страни на демократијата. Пет прашања му се издвоиле како клучни:
Прво: Демократијата раѓа материјализам
Во општеството што го познавал од детството, заработувањето пари не било во центарот на мислите на повеќето луѓе. Сиромашните (кои биле огромно мнозинство) речиси немале никаква шанса да стекнат богатство. Затоа, иако им било важно да имаат доволно за јадење, парите како такви не биле дел од нивниот идентитет или амбиции, едноставно затоа што немало реална можност за тоа. Од друга страна, малубројната аристократија не морала да заработува, па дури се сметало за срамно да се работи за пари или да се занимава со трговија. Како резултат на тоа, од сосема различни причини, парите не биле мерило за вредноста на животот.
Сепак, Американците што ги сретнал Токвил лесно верувале дека со напорна работа е можно да се стекне богатство и дека тоа е сосема оправдано и восхитувачко. Затоа немало никаква недоверба кон богатите, постоела извесна морална осуда кон сиромашните и огромна почит кон способноста да се заработуваат пари. Се чинело дека тоа е, едноставно, единственото достигнување што Американците го сметале за вредно за почит. На пример, Токвил забележал дека во Америка, книгата што не носи пари, бидејќи не се продава добро, не може да биде добра, затоа што мерилото за секоја вредност е паричната добивка. А сè што носи профит мора да биде восхитувачко во секој поглед. Тоа била поедноставена и нерафинирана перспектива, која го навела Токвил да ги согледа предностите на посуптилните, повеќеслојни општествени хиерархии во Европа, каде што некој можел (во добар ден) да биде сметан за добар, но сиромашен; или богат, но вулгарен.
Демократијата и капитализмот создале релативно еднаков, но истовремено и многу „израмнет“ и потиснувачки начин на кој луѓето се вреднуваат меѓусебно.
Второ: Демократијата раѓа завист и срам
Патувајќи низ САД, Токвил забележал неочекувана болест што ги нагризува душите на граѓаните на новата република. Американците имале многу, но таа благосостојба не ги спречувала да сакаат сè повеќе и да страдаат кога ќе видат дека некој друг поседува нешто што ним им недостига. Во едно поглавје од „Демократија во Америка“, насловено „Зошто Американците често се вознемирени среде својата благосостојба“, тој дава трајна анализа на врската меѓу незадоволството и високите очекувања, меѓу зависта и еднаквоста:
„Кога сите привилегии на раѓањето и богатството се укинати, кога секоја професија е отворена за секого, амбициозниот човек може да помисли дека лесно може да започне голема кариера и да почувствува дека му е наменета необична судбина. Но тоа е заблуда што искуството брзо ја разоткрива. Кога нееднаквоста е општо правило во едно општество, најголемите разлики не привлекуваат внимание. Но кога сè е повеќе или помалку изедначено, и најмалата разлика се забележува… Затоа постои онаа чудна меланхолија што често ги прогонува жителите на демократиите дури и среде изобилство, и она одбивност кон животот што понекогаш ги обзема дури и во мирни и лесни околности. Во Франција сме загрижени поради зголемениот број самоубиства. Во Америка, самоубиствата се ретки, но ми велат дека лудилото е почесто отколку на кое било друго место.“
Свесен за ограничувањата на аристократските општества, Токвил немал никаква желба да се врати на условите што постоеле пред 1776 или 1789 година. Тој знаел дека жителите на современиот Запад уживаат животен стандард далеку повисок од оној на пониските класи во средновековна Европа. Сепак, разбирал дека тие лишени класи имале и една душевна смиреност која нивните наследници засекогаш ја изгубиле:
„Кога кралската власт, поддржана од аристократиите, владеела со народите, општеството, и покрај сета своја беда, уживало во неколку видови среќа кои денес е тешко да се сфатат. Бидејќи никогаш не замислувале поинаков општествен поредок од оној што го познавале и не очекувале да станат еднакви со своите владетели, луѓето не ги доведувале во прашање своите права. Не чувствувале ниту одбивност ниту понижување кога се покорувале на строгостите, кои им изгледале како неизбежни зла испратени од Бога. Кметот ја сметал својата подреденост како последица на непроменливиот поредок на природата. Како резултат, се воспоставувала извесна доброжелателност меѓу класите толку различно обдарени од судбината. Нееднаквоста постоела во општеството, но душите на луѓето не биле понижени од тоа.“
Демократиите, меѓутоа, ги урнале сите граници на очекувањата. Сите членови на заедницата се чувствувале теоретски еднакви, дури и кога немале средства да постигнат материјална еднаквост. „Во Америка,“ пишува Токвил, „никогаш не сретнав граѓанин толку сиромашен што не фрла поглед исполнет со надеж и завист кон уживањата на богатите.“ Сиромашните граѓани ги набљудувале богатите одблизу и верувале дека и тие еден ден ќе тргнат по нивниот пат. Не биле секогаш во заблуда, некои богатства навистина биле создадени од луѓе со скромно потекло. Но исклучоците не стануваат правило. Америка сè уште имала подкласа. Разликата била во тоа што, за разлика од сиромашните во аристократските општества, сиромашните во Америка веќе не можеле да ја гледаат својата состојба како нешто друго освен како предавство на сопствените очекувања.
Различните сфаќања за сиромаштијата кај членовите на аристократските и демократските општества, според Токвил, особено јасно се гледале во односот на слугите кон нивните господари. Во аристократиите, слугите често ја прифаќале својата судбина со достоинство; тие можеле, како што вели Токвил, да имаат „возвишени мисли, силна гордост и самопочит“. Во демократиите, пак, атмосферата создадена од печатот и јавното мислење постојано им сугерирала на слугите дека можат да стигнат до врвовите на општеството и дека можат да станат индустријалци, судии, научници или претседатели. Иако ова чувство на неограничена можност првично можело да поттикне површна ведрина, особено кај младите слуги, и иако им овозможувало на најталентираните или најсреќните да ги остварат своите цели, со текот на времето, кога мнозинството не успевало да се издигне, Токвил забележал дека нивното расположение се затемнува, дека огорченоста ги обзема и им го задушува духот, а нивната омраза кон самите себе и кон нивните господари станува сè поинтензивна.
Крутиот хиерархиски систем што постоел во речиси сите западни општества до XVIII век, и кој ја негирал секоја надеж за социјална подвижност освен во ретки случаи, бил неправеден на безброј очигледни начини. Но, тој систем на оние на најниските нивоа во општеството им нудел една значајна слобода: слободата да не мора да ги гледаат достигнувањата на толку многу луѓе во општеството како мерило и со тоа постојано да се чувствуваат дека заостануваат во статус и значење.
Трето: Тиранијата на мнозинството
Обично ја доживуваме демократијата како спротивност на тиранијата. Во една демократија, не би требало повеќе да биде возможно мала група да владее со сите останати преку сила; лидерите треба да владеат со согласност на оние што ги управуваат. Но, Токвил забележал дека демократијата лесно може да создаде сопствен, специфичен вид тиранија: тиранијата на мнозинството. Мнозинството, во принцип, може да биде многу строго и непријателски настроено кон малцинствата. Токвил не мислел само на отворен политички прогон, туку и на еден помалку драматичен, но сепак реален вид тиранија, во кој самото тоа да се биде „во малцинство“ во однос на доминантните идеи почнува да изгледа неприфатливо, изопачено – па дури и како закана.
Демократската култура, сметал тој, лесно може да доведе до демонизирање на секое истакнување на различноста, особено на културната надмоќ или возвишеноста, кои мнозинството може да ги доживее како навредливи, иако таквите ставови понекогаш можат да бидат поврзани со вистинска вредност. Во една тиранија на мнозинството, општеството станува нелагодно пред извонредноста или амбицијата од каков било вид. Развива агресивен израмнувачки инстинкт, при што се смета за граѓанска доблест да се „спушти на земја“ секој што изгледа дека се издигнува над другите.
Ова, според него, било дел од природната цена што треба да се плати за живот во демократија.
Четврто: Демократијата нè поттикнува да му се спротиставуваме на авторитетот
Токвил ја гледал демократијата како поттикнувач на силни идеи за еднаквост, до степен што може да стане штетен и обесхрабрувачки. Тој забележал дека демократијата поттикнува „во човечкото срце изопачен вкус за еднаквост, кој секогаш ги наведува слабите да сакаат да ги спуштат силните на своето ниво“.
Оваа мисловна линија денес звучи речиси сурово, бидејќи инстинктивно ја доживуваме еднаквоста како нешто пожелно. Но она што го вознемирувало Токвил било тоа што, во САД, луѓе без особено образование, вештина, искуство или талент одбивале да покажат почит кон она што тој ги нарекувал нивни „природни надредени“. Тие биле водени, според него, од неподготвеност да се поклонат пред каков било авторитет. Одбивале да прифатат дека некој може да биде подобар од нив само затоа што се школувал за лекар, студирал право две децении или напишал вредни книги. Здравата и пофална неподготвеност да се потчиниш на другите, според него, фатално поттикнувала една многу проблематична неспособност да се прифати било каква форма на авторитет. А сепак, како што тој гледал, едноставно мора да биде така дека некои луѓе се помудри, поинтелигентни, подостојни или позрели од други и токму поради тоа треба да се слушаат со посебно внимание. Демократијата, сметал тој, има опасна склоност кон медиокритет.
Петто: Демократијата ја поткопува слободата на мислата
Инстинктивно, би помислиле дека демократијата ги поттикнува граѓаните да имаат отворен ум. Зарем демократијата не ја охрабрува дебатата и не овозможува несогласувањата да се решаваат со гласање, наместо со насилство? Отвореноста на мислата обично ја поврзуваме со живеење во средина каде што се слушаат многу различни мислења. Сепак, Токвил дошол до спротивен заклучок: дека на малку места може да се најде „помалку независност на мислењето и вистинска слобода на дискусија отколку во Америка“. Верувајќи дека системот е праведен и исправен, Американците едноставно се откажувале од својата интелектуална независност и ја полагале својата доверба во весниците и во таканаречениот „здрав разум“. Скептицизмот што Европејците го имале кон јавното мислење бил заменет со наивна вера во мудроста на мнозинството. Понатаму, бидејќи станувало збор за комерцијално општество, луѓето биле многу внимателни да не отстапат премногу од ставовите на своите соседи (кои истовремено можеле да бидат и нивни клиенти). Подобро било да се повторуваат клишеа отколку да се ризикува оригиналност – особено кога треба да се продаде нешто ново.
По враќањето во Франција, Токвил започнал политичка кариера. Иако Франција формално била демократија во тој период, избирачкото право било строго ограничено, помалку од пет проценти од возрасните мажи имале право на глас. Тој бил пратеник и, за кратко време, министер за надворешни работи. Но во 1851 година, избраниот претседател Луј Наполеон се прогласил за император и го укинал уставот. Токвил, тогаш во средината на четириесеттите години, се повлекол од политиката и водел потивок живот на своите семејни имоти. Подолго време страдал од туберкулоза и починал во 1859 година, на 53 години.
Иако изнесува многу прилично мрачни согледувања за демократијата, Токвил не бил антидемократ. Тој не се обидувал да каже дека не треба да имаме демократија. Напротив, бил убеден дека демократијата ќе надвладее над сите други форми на политичка организација. Неговата цел била да нè поттикне да бидеме реалисти за тоа што значи тоа. Демократиите ќе бидат многу добри во некои нешта, но прилично слаби во други.
Со истакнувањето на вродените слабости на демократијата, тој покажувал зошто животот во демократија, во некои клучни аспекти, може да биде длабоко иритирачки и фрустрирачки. Тој нè поучува на стоичка лекција: дека одредени непријатности треба да се очекуваат, тие се веројатни придружници на политичкиот напредок. Проповеда една непровинцијална, светска лекција: секако дека ќе има прилично лоши страни во демократската политика и општество; не бидете премногу изненадени или шокирани; не пристапувајте со погрешни очекувања…
Фрустрацијата и раздразнетоста тајно се хранат од надежта (односно од уверувањето дека работите навистина би можеле да бидат многу поинакви). Со тоа што ни зборува трезвено и смирено дека демократијата има сериозни недостатоци, Токвил се обидува да нè направи стратешки песимисти. Секако, политиката ќе биде прилично лоша во многу аспекти. Не станува збор за тоа дека правиме нешто особено погрешно. Тоа е цената што се плаќа, и што треба да се прифати, кога крајната власт му се дава на секого.
Во продолжение погледнете го видеото:
