Библиотеката на Чарлс Дарвин…

Чарлс Дарвин е најпознат по својата книга „За потеклото на видовите“ од 1859 година, со која на светот му го претстави основниот научен концепт на еволуцијата. За првпат по неговата смрт во 1882 година, импресивната библиотека на Чарлс Дарвин е повторно достапна, откривајќи го мноштвото книги, памфлети и списанија што ги користел и читал овој влијателен природонаучник, а сето тоа беше објавено на Си-Ен-Ен.

По повод 215 години од раѓањето на Дарвин, на 12 февруари 2024 година, истражувачкиот тим зад проектот „Дарвин онлајн“ објави каталог од 300 страници кој ги обединува оригиналните 7.400 наслови и 13.000 тома што некогаш му припаѓале на Дарвин. Каталогот вклучува 9.300 линкови до примероци од содржината на библиотеката што бесплатно се достапни на интернет, поканувајќи ја јавноста да разгледа што читал Дарвин.

(извор: Bettmann / Corbis)

„Овој досега невидено детален увид во целосната библиотека на Дарвин овозможува повеќе од кога било да се согледа дека тој не бил изолиран човек што работел сам, туку експерт од своето време кој се надградувал врз софистицираната наука, истражувања и знаење на илјадници други луѓе. Навистина, големината и опсегот на делата во библиотеката јасно ја покажуваат извонредната широчина на истражувањето на Дарвин врз трудовите на други автори,“ изјави раководителот на проектот, д-р Џон ван Вај, историчар на науки при Националниот универзитет во Сингапур.

Составување на изгубена библиотека

Додека бил жив, Дарвин водел прецизни записи за својата библиотека, вклучително и рачно напишан „Каталог на библиотеката на Чарлс Дарвин“ од 426 страници, составен во 1875 година. По неговата смрт, библиотеката првично била зачувана и евидентирана, но со текот на времето, голем дел од нејзината содржина се изгубил или завршил на други места. Две главни збирки со околу 1.480 книги биле задржани во Универзитетот Кембриџ и во Даун Хаус, семејниот дом на Дарвин во Дауни, Англија, кој и денес е отворен за јавноста. Сепак, овие збирки опфаќале само околу 15% од оригиналната библиотека.

По бројни писма од истражувачи и од јавноста со прашања за конкретни наслови од библиотеката на Дарвин, Вај и неговите колеги го започнале проектот за нејзино виртуелно обновување во 2007 година. „Научниците повеќе од еден век го истражуваат животот и делото на Дарвин,“ изјави ван Вај. „Еден од најважните елементи за разбирање на неговите теории се неговите извори, публикациите на други автори што тој ги користел во своите истражувања.“ Институции како музејот во Даун Хаус, библиотеката на Кембриџ и Христовиот колеџ во Кембриџ, како и приватни колекции, биле користени за пронаоѓање на материјалите во текот на овој макотрпен процес кој трае 18 години.

И покрај неговата дисциплина во водењето записи, Дарвин често користел скратени или нејасни начини за наведување на списанија и памфлети, при што многу записи немале автори, датуми или извори. Тимот детално ги прегледал сите пронајдени документи: ракописни семејни записи и писма, белешки од читање, дневници на неговата сопруга, како и листи од научници од пред еден век. Со споредување на овие извори, истражувачите откриле илјадници претходно непознати наслови, вклучително и поврзани книги и неповрзани томови и памфлети, и го следеле патот на делата продадени на аукции во изминатите сто години.

„Овој потфат беше како 5.000 мали детективски приказни, обид да се открие на кој автор или напис мислел Дарвин кога правел белешка. Вистинско задоволство е кога ќе се најде точниот извор,“ рече Вај. „Сега можеме да покажеме дека првично тој имал многу поголема библиотека отколку што се мислело.“

Изненадувачка колекција

Дарвин, секако, поседувал многу дела поврзани со неговите главни научни интереси, како биологијата и геологијата. Тој имал и примерок од текст на орнитологот Џон Џејмс Одубон со наслов:

„Опис на навиките на мисирковиот мршојадец (Vultura aura), особено со цел да се побие широко прифатеното мислење за неговото извонредно сетило за мирис“.

Овој текст, продаден на аукција во 1975 година, послужил како инспирација за едно од истражувањата на Дарвин додека пловел со бродот ХМС „Бигл“. Тој бил ангажиран во 1831 година како природонаучник на бродот и патувал низ Јужна Америка и околните острови, вклучително и Галапагос, со цел да проучува и собира растенија и животни. Дарвин поседувал примерок од книгата „Истражувања и авантури во екваторска Африка“, дело на Пол ду Шају, напишано откако овој зоолог станал првиот Европеец што ги опишал горилите во нивното природно живеалиште за време на експедициите во Африка во 50. години на 19 век. Во колекцијата на Дарвин имало и германско списание кое ги објавило првите фотографии на бактерии во 1877 година.

Но библиотеката на Чарлс Дарвин опфаќала многу повеќе, покажувајќи ја неговата жед за знаење, вели Џон ван Вај. Дарвин читaл и филозофи, како Џон Стјуарт Мил и Огист Конт, а поседувал и бројни дела од областа на психологијата, религијата, уметноста, историјата, патувањата, земјоделството, како и за одгледување и однесување на животни. Речиси половина од книгите биле напишани на француски, германски, италијански, холандски, дански, латински, шпански и шведски јазик, изненадувачки податок ако се има предвид дека Дарвин бил познат како слаб лингвист со „лош слух“ за јазици, според ван Вај.

„Тој бил високо образуван човек кој во училиште учел старогрчки и латински, како и француски,“ вели ван Вај. „Подоцна научил шпански и малку португалски за време на патувањето со Бигл, а самостојно (со помош на речници) научил да чита германски и италијански и на сличен начин се снаоѓал и со други јазици. Ова покажува колку бил решен да открие што објавиле другите научници и да извлече информации релевантни за неговите теории.“ Постојат и докази дека Дарвин читал патописни дела од истражувачи и мисионери за да ги разбере гестовите што ги користат различни етнички групи.

Дарвин уживал и во читање романи. Во 2019 година, примерок од романот „Сопруги и ќерки“ од Елизабет Гаскел, првично објавуван како серијал, а потоа како книга во 1866 година, се појавил на аукција со белешка: „Оваа книга беше омилена на Чарлс Дарвин и последната што му била читана на глас.“ Истражувањето на оваа разнолика библиотека открива различни страни од научникот и им овозможува на луѓето подобро да разберат каков бил како личност, вели ван Вај и додава: „Токму тоа го покажува библиотеката. Наместо разбирањето да се темели само на авторите што се спомнуваат во биографиите, сега секој може да ја прелистува целата негова библиотека. Впечатокот што го остава е дека тој бил страстен читател и дека прочитал навистина зачудувачки број дела.“

Извор: CNN

Leave a comment