Шарлот Бронте е една од најзначајните писателки на сите времиња, а нејзиниот роман „Џејн Ер“ е еден од највлијателните романи на сите времиња. Но, животот на Шарлот и нејзините сестри и денес е обвиен во мистерија и академската заедница се труди да дознае повеќе за нивниот живот и пријателства. Греам Вотсон е специјалист за сестрите Бронте и за Елизабет Гаскел, а моментално истражува викторијански литературни идентитети на Универзитетот во Глазгов. Објавил повеќе трудови во списанието Brontë Studies и и минатата година ја објавил неговата прва книга „Обмислувањето на Шарлот Бронте: Еден нов живот“ и токму денес на блогот можете да прочитате извадок од неговата книга објавена од издавачката куќа „Пегасус“, каде тој го истражува влијанието на пријателството и заедницата врз авторката на „Џејн Ер“.

(извор: Lit Hub)
„Која е оваа нова книга на госпоѓица Бронте, знаеш ли?“ Елизабет ја праша Џенет. „Би било многу интересно да се чуе повеќе за нејзините сестри, но ќе биде прилично тешко тоа да го направи добро и дискретно.“
Откако дознале дека Шарлот е депресивна, Елизабет, Џенет и Хариет Мартино разговарале за својата загриженост. Хариет ѝ предложила на Шарлот да дојде да престојува кај неа во Емблсајд, откако слушнала „од еден нејзин познаник во Лондон дека се наоѓа во многу незадоволителна здравствена состојба… ќе направам сè што можам да се погрижам за неа.“ Ден пред Шарлот да замине, Хариет објаснила зошто е толку услужлива кон некоја толку озогласена личност: „Ми се допаѓаат писмата на Карер Бел; но јас ја познавав неа пред да ги дознаам за нејзините писма; и тоа прави голема разлика…“
Тие веќе се допишувале откако Хариет ја дешифрирала белешката што пристигнала заедно со Ширли. Неколку недели подоцна, додека го завршувала десертот со својот братучед Ричард и неговата сопруга Луси во нивниот дом во близина на Хајд Парк, ненадејно влетал гласник со елегантно напишана порака потпишана од Карер Бел: „Би ми било жал да ја пропуштам оваа можност да се сретнам со некој чии дела толку често ми ги исполнуваат мислите.“
Бидејќи писмото било испратено од адреса оддалечена едвај половина милја, каде Шарлот престојувала кај семејството на Џорџ Смит, Хариет веднаш испратила одговор по курир, поканувајќи ја на чај следната вечер. Следното утро, еден слуга донел позитивен одговор. „Ќе се обидам сега трпеливо да дочекам да дојде шест часот“, напишала Карер Бел. „Ова е писмо од жена“, заклучила Хариет. За само неколку часа, вистинското лице на Карер Бел требало да биде откриено. Луси возбудено му напишала на својот син тинејџер кој престојувал на село: „Се прашувавме какво суштество ќе излезе овој Карер Бел; дали висок човек со мустаќи, висок шест стапки, или постара жена, или девојка, или пак нешто сосема друго; дух, измама или измамник!“ Како што се приближувал шест часот, Луси го осветлила затемнетиот салон со запалени свеќи, за да имаат најдобар поглед. Сите внимателно ја набљудувале вратата и стрелките на часовникот што полека се приближувале кон шест часот. Одеднаш се слушнал громослен тропот, вратата нагло се отворила и на прагот се појавил импресивно висок маж. Објавил дека собира донации за засолништа за бездомници. Го испратиле, а само пет минути подоцна пред куќата застанала кочија. Ѕвончето заѕвонило и, по краток момент на неизвесност, слугата го најавил нивниот гостин.
Бидејќи била делумно глува и користела ушен рог, Хариет погрешно го слушнала името како „госпоѓица Броџен“, па Луси морала да појасни дека станува збор за „госпоѓица Бронте“ – едно од имињата што веќе кружеле низ лондонските гласини. „Влезе една уредна, ситна жена, вистинско мало, живо суштество, убаво облечено и со негувана, сјајна коса“, напишала Луси. „Мислев дека е најмалото суштество што сум го видела (освен на некој панаѓур)“, се сеќавала Хариет, „а очите ѝ блескаа; барем така ми се чинеше. Брзо го разгледа просторот со поглед, па кога мојот рог ѝ го посочи моето место, ми подаде рака отворено и срдечно.“ Шарлот, пак, му напишала на Вилијам Смит Вилијамс: „Кога влегов во собата и ја подадов раката кон госпоѓица Мартино, самиот чин на поздрав и фактот на нејзиното присуство ми делуваа како нешто нереално, речиси како привид.“
По запознавањето, таа седнала покрај Хариет и ја погледнала со таков отворен израз на ранливост и благодарност што ја затекнал Хариет неподготвена:
Таков поглед – толку полн со љубов, толку трогателен – што, во спој со нејзината длабока жалост облечена во црно и сознанието дека е единствената преживеана од своето семејство, едвај успеав да ѝ возвратам со насмевка или да се совладам. Искрено, посакав да заплачам.
По чајот, останале сами да разговараат. Хариет се сеќава дека имало нешто:
неискажливо трогателно во појавата на тоа кревко мало суштество што создало толку големи нешта, и кое успевало да се одржи со толку светол поглед и толку смирено лице и тоа под товар не само на толкава тага, туку и пред изгледот на длабока осаменост. Во својата длабока жалост, облечена во црно (уредно како кај квекерка), со својата убава, мазна кафеава коса, проникливи очи и разумно лице што одразувало навика на самоконтрола.
Кога Хариет ѝ рекла дека „Џејн Ер“ е меѓу најдобрите романи на нивното време, Шарлот заблескала од задоволство и олеснување. Хариет се сеќава дека:
За Џејн Ер природно и речиси општо се претпоставуваше дека е самата Шарлот; но таа секогаш го негирала тоа мирно, ведро и со очигледна искреност што го обележувала сè што го кажувала. Таа тврдела дека за таквото тврдење нема друга основа освен ова: еднаш им рекла на своите сестри дека грешат, дури и морално грешат, кога своите хероини ги прават убави по правило. Тие ѝ возвратиле дека е невозможно да се создаде интересна хероина под други услови. Нејзиниот одговор бил: „Ќе ви докажам дека не сте во право. Ќе ви покажам хероина толку ниска и толку обична како мене, а сепак ќе биде подеднакво интересна како која било од вашите.“ „Оттука е и „Џејн Ер“,“ рекла таа, раскажувајќи ја анегдотата, „но таа не сум јас, освен во таа смисла.“
Таа опишала како трескавично пишувала со молив во мали квадратни тетратки, држејќи ги блиску до очите, создавајќи повеќе од 120.000 зборови за само три недели, сè до моментот кога Џејн го напушта Рочестер и Торнфилд. Потоа направила пауза и го довршила делото со поголема промисленост. Во прозата, ѝ рекла на Хариет, морала да биде совесна и измислените сцени да ги држи во рамките на вистинитоста на сопственото искуство. Хариет се сеќава дека таа инсистирала:
описот на училиштето во „Џејн Ер“ е повеќе од вистинит. „Хелен“ од таа приказна не е баш најстарата сестра… но е повеќе налик на неа од која било друга реална личност. Таа е таа сестра, „со разлика“. Друга сестра починала дома, набргу по напуштањето на училиштето, како последица од неговите тешки услови.
…Шарлот Бронте никогаш не се ослободила… од гризечкото чувство, и од слабоста што доаѓа со него, на вистински глад; и од тогаш не пораснала ни педа. Таа била најситната од жените и токму тоа училиште го запрело нејзиниот раст.
Шарлот раскажала дека смирено ги читала сите свои критики – пофалбите ги примала со резерва, а интелигентните критики ги гледала како поуки, но била збунета од одредени коментари за „Џејн Ер“ и ја прашала Хариет дали ѝ имаат смисла. Хариет знаела дека романот бил контроверзен поради начинот на кој Шарлот ги истражува двосмисленостите на љубовта, нешто што таа го сметала за исклучително добро напишано, но никако за вулгарно. Сепак, признала дека, доколку го прочита повторно, можеби подобро би ги разбрала критиките. Шарлот ја замолила да го направи тоа и секогаш искрено да ѝ го кажува своето мислење за нејзиното пишување. Хариет се согласила. Тоа било ветување што подоцна ќе го наруши нивното пријателство. Но во тој момент, тие биле нови пријателки и им се придружиле на останатите во домот, разговарајќи со нив под светлината на свеќите.
Знаејќи дека таа вечер е меѓу луѓе што ја разбираат, Шарлот ја раскажала тажната приказна за својот живот исполнет со тага и осаменост, како што подоцна ќе им ја раскаже и на Џенет и Елизабет. Иако ја сретнала за првпат, без претходно познанство, дури и една речиси непозната личност како Луси Мартино можела веќе следниот ден да даде краток преглед на нејзината животна приказна:
Таа живее во мошне повлечен дел од Англија, речиси никого не гледа, а нејзиниот татко не излегол да преноќи надвор од својот дом веќе дваесет години. Таа е единственото дете што му останало, бидејќи уште три други починале од брза изнемоштеност во текот на изминатата година.
Животот на Шарлот Бронте, онака како што самата го раскажувала, почнал да допира до секој што бил подготвен да слуша.
*
„Запомнете, железничката станица Виндермир е вашата крајна дестинација. Потоа следуваат шест милји со омнибус или кочија; и ако му кажете на возачот, ќе ве донесе точно до мојата порта.“ Оваа насока на Хариет водела до Нол, куќата во Емблсајд што ја изградила исклучиво за себе и според сопствени замисли. „Живеам во рај,“ објавила таа тогаш, „и ми се чини невозможно да излезам од него.“ За неа, убавината на пределот им давала сила на луѓето што живееле таму. „Никој овде не изгледа болен,“ забележала, „никогаш не сум видела место со таква виталност, и покрај целото количество дожд што паѓа. Што се однесува до мене, цела година ниту еднаш не се разболев.“ Таа ги канела пријателите да ѝ се придружат: „Од мојата мала тераса ќе ви го покажам рајот што се простира пред нас… Ако времето е лошо, не е важно. За мене е прекрасно да стојам крај прозорецот и да го гледам дождот.“
Таа декемвриска недела била обележана со студени денови, со наизменични облаци и остро сонце, а ноќите биле бистри и замрзнати. Кога паднал снег, само ги побелил врвовите на ридовите. „Целиот овој декември, речиси без прекин, имаме ваков златножолт сјај во текот на целиот ден,“ напишала Хариет ден пред доаѓањето на Шарлот, „а ноќите се со највеличествено небо. Моите прошетки под ѕвезденото небо пред раниот појадок се вистинско уживање. Разбурканиот тек на реката Рота како да носи со себе млазови од ѕвезди кон езерото.“ Хариет станувала рано, започнувајќи го денот со ледена бања, па прошетка во зори, пред да седне да пишува во седум часот. Не очекувала гостите да ѝ се придружат и ги оставала да си го следат сопствениот ритам. Шарлот ѝ напишала на Елен:
Нејзините гости уживаат во најсовршена слобода; она што таа го бара за себе, им го дозволува и ним. Станувам кога ќе посакам, појадувам сама… утрото го поминувам во дневната соба – таа во својата работна соба. Во два часот се среќаваме, работиме, разговараме и шетаме заедно сè до пет часот – нејзиниот час за вечера, а потоа ја поминуваме вечерта заедно, кога таа зборува течно, изобилно и со најотворена искреност. Јас се повлекувам во својата соба набргу по десет часот – таа останува будна, пишувајќи писма до полноќ. Се чини неисцрпна и по сила и по дух, и неуморна во својата способност за работа.
Следниот ден ја одвела Шарлот на своето предавање за Битката кај Креси во локалниот механички институт. Забележала дека Шарлот не можела да го тргне погледот од неа и дека видно се вознемирила додека таа раскажувала како Едвард III побарал да знае дали неговиот син е ранет или убиен. Кога му било одговорено дека не е ниту едното ниту другото, Едвард, славно, возвратил дека момчето е доволно силно да се бори само до победа. Потоа двете жени се вратиле во Нол во тишина. „Во дневната соба, првото што го направив беше да ја запалам ламбата и првиот блесок ја осветли Шарлот Бронте, со широко отворени очи вперени во мене, додека повторуваше: ‘Дали мојот син е мртов?’“
Шарлот била импресионирана од Хариет, восхитувајќи се на нејзината самостојност и независност, уверена дека и двете умеат да се заштитат од тага и осаменост. Во писмо до Елен ја опишала како:
„голема и добра жена; секако не без свои особености, но досега не сум забележала ништо што би ме вознемирило. Таа е и строга и топлосрдечна, нагла и приврзана; либерална и деспотска. Верувам дека воопшто не е свесна за својата апсолутност. Кога ѝ го кажувам тоа, енергично го негира; тогаш јас ѝ се смеам. Мислам дека речиси владее со Емблсајд. Некои од повисоките слоеви не ја сакаат, но пониските имаат голема почит кон неа.“
Во близина, семејството Кеј-Шатлворт се вратило во Брајери Клоуз и, со истата упорна настојчивост што ги одликувала сите нивни односи со Шарлот, ја притискале да помине неколку дена кај нив. Барајќи изговор во веќе направени планови, таа ја замолила Елен да дојде кај неа наместо веднаш да се врати дома. И покрај тоа што се обидувала да ги одбегне, Џејмс ја донел својата кочија за да ја однесе на уште едно од неговите разгледувачки возења. Очекувајќи да се изнервира, била изненадена кога го видела. Блед и исцрпен, ѝ објаснил дека здравјето на неговата сопруга нагло се влошило и ја оставило прикована за постела. „Со тага морам да кажам дека ми изгледа како да вене,“ ѝ се доверила таа на Елен. Неговата ранливост ја скршила нејзината раздразнетост и ѝ дозволила да признае дека отсекогаш бил добар кон неа. Неговото пријателство, заклучила Шарлот, сепак било искрено.
За викендот, Хариет ја одвела Шарлот на вечера во домот на Едвард Квилинан, постар поет од помал ранг и вдовец на Дора, ќерката на Вордсворт. Сакајќи да ја воведе Хариет во заедницата што таа свесно ја држела на растојание, ѝ предложил дека можеби ќе покани и неколку соодветни ергени. Таму каде што Шарлот можеби би се збунила, Хариет категорично му рекла „не“, кажувајќи му дека нема намера ниту да го менува својот начин на живот, ниту да се запознава со локалните жители. Квилинан попуштил и рекол дека ќе покани само еден сосед, Метју Арнолд, под услов и таа да ја доведе својата гостинка. Хариет била задоволна. По неколку часа разговор, мажите им посакале добра ноќ. Арнолд ги опишал вака:
„Во седум часот пристигнаа госпоѓица Мартино и госпоѓица Бронте (Џејн Ер); разговарав со госпоѓица Мартинео (која богохули зачудувачки слободно) за изгледите на Англиканската црква… јас разговарав со госпоѓица Бронте (над триесет и не баш убава…) за нејзините свештеници, за француските романи и за нејзиното образование во едно училиште во Брисел, а потоа ги испратив лавовите назад во нивните легла во половина по девет.“
Чувството на разочараност било заемно. Шарлот го сметала за површен, но ѝ било кажано дека со поблиско познанство ќе остави подобар впечаток, како и неговата мајка. Никогаш повеќе не се сретнале, но неколку години подоцна тој ќе се наврати на споменот од таа вечера и ќе го преработи во елегија. Во неа, Хариет ја прикажува како „цврста душа… непоколеблива и остра… која се осмелила / да им верува на сопствените мисли“, покрај Шарлот, која „млада, неискусна, ја раскажала / со мајсторски тон својата измислена / приказна за страстен живот.“
Тој површно се осврнувал на нејзиното пишување, но посредно размислувал за она што Шарлот му го доверила таа вечер. Нејзиното образование во Брисел било една од пресвртните точки во нејзиниот живот, разбудувајќи длабоко противречни лични чувства и една невозвратена љубов од која ѝ биле потребни години да се опорави. Нејзиното влијание се прелева низ сите нејзини книги и се преобразува во романот што тогаш го создавала, „Вилет“. И сепак, тука, пред двајца речиси непознати, таа зборувала за сето тоа. Колку и да била срамежлива, Шарлот се потпирала на една социјална маска, охрабрена со анегдоти што ги обликувала и за странци и за блиски, кои речиси неизбежно ги освојувале слушателите. Така било и со Арнолд, како што било и во Лондон со Хариет, во Готорп со Џенет и со Елизабет во Брајери Клоуз.
Таа го напуштила Емблсајд и се упатила кон возот за Бредфорд ден пред Бадник, потоа земала кочија до Бирстал, кај Елен, и таму го поминала Божиќ. Во парохиската куќа, кај својот татко, се вратила на новогодишната ноќ. Пред крајот на таа недела, весниците, покрај вестите за тоа како австрискиот император се сместил во лондонскиот хотел што подоцна ќе стане познат како „Клариџ“, за скандалозната кралица Изабела од Шпанија која се нашла „повторно во интересна состојба“, и за патентирањето на првата машина за миење садови во Њујорк, објавиле и дека „авторката на „Џејн Ер“, госпоѓица Бронте, неодамна била во посета кај госпоѓица Мартино во Емблсајд.“ Понатаму, со новите изданија на „Оркански височини“ и „Агнес Греј“, печатот ги претставил предговорите на Шарлот како вистинско откритие: „Непознатите автори! Белови! Конечно, тргната е завесата што ја покриваше мистеријата на односот меѓу Карер, Ектон и Елис Бел. Тие биле три сестри…“
Животот на Шарлот како анонимна жена завршил во 1850 година, година што започнала со озборувањата на соседите, а завршила со нејзиното име во весниците. Карер Бел, создадена за печат, токму од печатот била и „убиена“. Разоткриена, Шарлот влегла во 1851 година како јавна личност и како славна авторка, позната на сите под своето вистинско име, и по сопствениот талент.
