Tурбулентниот живот на филозофскиот пионер Лудвиг Витгенштајн…

Лудвиг Витгенштајн беше еден од највлијателните и најразновидни мислители на 20 век. Виенскиот филозоф поминал низ неколку кариерни пресврти, учествувал во Првата светска војна и радикално ја променил својата филозофска перспектива на средината од животот. Најважно од сè, верувал дека конечно ги решил сите проблеми на филозофијата – и тоа двапати. Овој текст на Сара Павиќ за The Collector се осврнува на неговиот личен живот, на контекстот во кој живеел, како и на познатиот премин од раниот кон доцниот Витгенштајн.

Лудвиг Витгенштајн: амбивалентен филозоф

Лудвиг Витгенштајн е роден во 1889 година, во едно од најбогатите семејства во Европа во тоа време, како најмладо од девет деца. Тој и неговите браќа и сестри пораснале во импозантната Палата Витгенштајн во Виена; зградата денес не постои, но зачувани се некои фотографии од нејзиниот надворешен и внатрешен изглед. Нивниот татко, Карл Витгенштајн, бил титан на челичната индустрија, решен да остави трајно наследство преку своите пет синови; тројца од нив подоцна извршиле самоубиство. Патријархот бил и познат покровител на уметноста, па домот бил исполнет со слики, скулптури, а често и со самите уметници. Една од сестрите на Витгенштајн, Маргарет, е овековечена во слика од Густав Климт. Самиот Лудвиг, пак, по смртта на татко му се откажал од својот дел од наследството и живеел скромен (а понекогаш и суров) живот.

Како млад, Лудвиг Витгенштајн првенствено се интересирал за инженерство и започнал образование во областа на аеронаутиката. Неговиот длабок интерес за ова поле постепено го насочил кон сè поапстрактен начин на размислување, што поттикнало доживотна страст кон филозофијата на математиката и логиката. Ова ново интересирање кулминирало со неговата одлука да стапи во контакт со Готлоб Фреге, логичар и филозоф кој пишувал за „Основите на аритметиката“, дело што денес се смета за темелен текст на логицизмот. Фреге бил импресиониран од младиот мислител и го убедил да студира кај Бертранд Расел, кој подоцна станал негов ментор.

Откако бил воведен во светот на филозофијата, младиот Витгенштајн неуморно работел на делото што подоцна ќе стане неговата прва објавена книга, „Tractatus Logico-Philosophicus“. Неговата работа била прекината со избувнувањето на Првата светска војна во 1914 година, за која веднаш се пријавил. По четири години служба, му било одобрено воено отсуство и во тоа време престојувал во семејниот дом; период што ќе се покаже како исклучително несреќен за него. Во рок од само неколку месеци, неговиот вујко, неговиот брат и негов близок пријател и љубовник починале ненадејно. Дополнително, издавачката куќа на која ѝ испратил примерок од Tractatus одлучила да не ја објави книгата. Потресен, Витгенштајн се вратил од отсуството, само за да биде заробен од сојузниците; девет месеци поминал во логор за воени заробеници.

Филозофот што не сакал да биде филозоф

Овие болни години се покажале како пресудни. По завршувањето на војната, обесхрабрениот Витгенштајн решил да се откаже од филозофијата и да води поедноставен живот како учител во основно училиште во едно оддалечено австриско село. Но неговите обиди брзо пропаднале: бил премногу префинет и ексцентричен за да се вклопи во малата заедница, а неговата наклонетост кон физичко казнување не била прифатена. По неколку промени на работното место, конечно се откажал од наставата откако едно момче што го удрил се онесвестило – инцидент за кој подоцна бил изведен пред суд. Следните години ги поминал работејќи на архитектонски проект осмислен од неговата сестра Маргарет; зградата, денес позната како Haus Wittgenstein, сè уште може да се види и посети во Виена.

Во меѓувреме, Бертранд Расел го искористил своето влијание во филозофските кругови за да ја обезбеди објавата на Tractatus. Новообјавената книга довела до формирањето на Виенскиот круг – група академици кои се собирале да ги дискутираат идеите и содржината на делото, а подоцна ќе создадат и сопствено филозофско движење, познато како логички позитивизам. Витгенштајн често влегувал во расправи со членовите на Виенскиот круг и развил извесна антипатија кон некои од нив; чувствувал дека неговите идеи се погрешно разбрани. Ова „присилно“ враќање во светот на филозофијата се покажало како плодотворно, бидејќи Витгенштајн на крајот прифатил предавачко место на Тринити колеџ во Кембриџ во 1929 година. Токму во овој период ги развивал идеите на „доцниот Витгенштајн“, одејќи спротивно на многу од принципите што претходно ги застапувал.

По речиси две децении како професор, се повлекол за да работи самостојно; починал во 1951 година. Филозофот никогаш не ја видел објавата на некои од своите најпознати дела, меѓу кои и исклучително влијателното „Филозофски истражувања“, бидејќи никогаш не бил целосно задоволен од своите текстови. За среќа, многу од неговите ракописи биле објавени постхумно, под внимателното водство на неговите ученици.

„Раниот“ Витгенштајн: јазикот како слика на светот

Филозофијата на Лудвиг Витгенштајн доживеала толку интересна еволуција што многу академици го сметаат како двајца филозофи во едно; вообичаено е да се прави разлика барем меѓу „раниот“ и „доцниот“ Витгенштајн. Раниот Витгенштајн е оној што го напишал „Tractatus Logico-Philosophicus“, делото што довело до формирањето на Виенскиот круг. Како што открива и самиот наслов, книгата е фокусирана на логиката. Во времето кога Витгенштајн го пишувал Tractatus, логиката станувала сè попопуларна тема: Готлоб Фреге, само неколку децении претходно, ја развил аксиоматската предикатна логика, која ќе стане основа за поголемиот дел од подоцнежните логички истражувања, а филозофите постепено почнале да ја согледуваат важноста на неговите резултати.

Tractatus на Витгенштајн имал за цел да покаже неколку нешта за логиката, јазикот, светот и нивниот однос. Важно е да се напомене дека логиката се сфаќала како апстракција на јазикот – начин да се проникне во неговата најосновна и највистинска структура. Основната цел на книгата била да се разјасни што може да се каже и мисли со значење. Централната идеја на Витгенштајн била да го гледа јазикот и мислата како изоморфни со реалноста; мислата и јазикот добиваат значење преку тоа што го претставуваат светот, исто како што фотографијата го претставува својот објект. На пример, модел-авион претставува вистински авион затоа што делат одредени својства: имаат ист број седишта, и двата се бели, односот меѓу должината и ширината им е ист, и така натаму.

Витгенштајн верувал дека јазикот е модел на реалноста токму затоа што тие споделуваат заедничка логичка структура. Овој пристап е познат како „сликовна теорија на јазикот“.

(Не)смислата на филозофијата

Преку оваа основна идеја, Витгенштајн се обидел да повлече граница меѓу она што може и она што не може да се изрази со значење. Тој не бил заинтересиран за празни зборови или за изрази што обично ги сметаме за бесмислени; напротив, сакал да покаже дека голем дел од филозофијата всушност е бесмислена и произлегува од јазична забуна. На пример, прашања како што се што е правдата или која е смислата на животот не можат да нè доведат до вистина, затоа што не постојат факти во светот што би можеле да одговорат на нив; а ако нема соодветни факти, тогаш нема ни значење.

Една од главните тензии во Tractatus е тоа што делото се состои од филозофски искази кои, според самиот автор, се бесмислени. Витгенштајн и самиот го признава ова. Во еден од завршните пасуси, тој заклучува:

„Оној што ме разбира, на крај ќе ги препознае [моите искази] како бесмислени, кога ќе се искачи преку нив, врз нив, над нив. (Тој, така да се каже, мора да ја турне скалата откако ќе се искачи по неа).“

Овој дел од неговото дело е бескрајно анализиран и претставува позната интерпретативна тешкотија: како читањето на Tractatus може да биде корисно ако се состои од бесмислици?

„Доцниот“ Витгенштајн: јазикот, игрите и јазичните игри

Преминот од раниот кон доцниот Витгенштајн се случил преку неговите остри критики на сопствената работа, особено во однос на нејзината наводна „догматичност“. Витгенштајн набргу по објавувањето на Tractatus сфатил дека премногу се фокусирал на еден мал сегмент од јазикот, имено на исказите што можат да бидат вистинити или лажни, како „утре е понеделник“ или „небото е зелено“, а ги занемарил другите значајни, практични аспекти на природниот јазик.

Жалејќи за своите претходни „грешки“, тој го насочил вниманието кон различните начини на кои јазикот може да има значење; резултатите од овие истражувања се наоѓаат во „Филозофски истражувања“. Сега, филозофот тврдел дека значењето произлегува од колективната човечка активност и може целосно да се разбере само во својот практичен контекст. Јазикот не служи само за претставување на реалноста – често има сосема поинакви функции. На пример, не се обидуваме да го „претставиме“ светот кога даваме наредби, кога броиме или кога раскажуваме шега.

Ова значело дека фокусот на неговото истражување мора да се помести од логиката, апстрактната форма на јазикот, кон анализа на обичниот, секојдневен јазик. Во својата анализа на обичниот јазик, Витгенштајн ја нагласувал аналогијата меѓу јазичните практики и игрите. Забележал дека јазикот може да има различни функции и дека тие функции бараат да се придржуваме до различни правила.

На пример, значењето на зборот „вода!“ може радикално да се менува во зависност од контекстот и функцијата што ја има во таа ситуација. Можеби му помагаме на странец да го научи значењето; можеби даваме наредба; можеби опишуваме некоја супстанција – значењето се менува со ситуацијата во која се изговара изразот. За Витгенштајн, ова значи дека значењето се создава преку јавно, меѓусубјективно користење, а не, како што претходно мислел, преку неговото претставување на структурата на светот.

Витгенштајновото разбирање за улогата на филозофијата

Игрите и значењето ја делат истата особина: многу е тешко да се дефинираат на едноставен и единствен начин. Што е тоа што сите игри го имаат заедничко? Тоа не е стабилен сет правила, бидејќи детската игра е слободна и флуидна; не се ниту повеќе играчи, бидејќи многу игри се индивидуални; ниту пак можноста за „победа“, како што покажува подемот на симулациските игри. Исто како што е невозможно да се даде една единствена дефиниција за играта, така и јазикот и неговото значење не можат да се сведат на една формула; најмногу што можеме е да ги анализираме конкретните јазични практики.

Сето ова му служело на една од доживотните цели на филозофот – да ги „разоружа“ и разјасни филозофските проблеми. Доцниот Витгенштајн сметал дека голем дел од филозофијата произлегува од погрешно толкување на зборовите и нивната употреба според правилата на „погрешни“ јазични игри. На пример, кога филозофите размислуваат за тоа што е знаењето, тие земаат збор што има своето природно место во еден органски јазичен контекст и го изобличуваат неговото значење; значењето на знаењето може да се разбере преку неговата нормална употреба во јазикот.

Вистинската цел на филозофијата, тогаш, треба да биде да фрли светлина врз ваквите забуни, насочувајќи се кон практичната употреба на јазикот и помагајќи ни да избегнеме непотребна збунетост секогаш кога е можно.

Извор: The Collector

Leave a comment