На 27 април 1952 година се роди Горан Стефановски, еден од најзначајните македонски книжевници и интелектуалци, македонскиот Шекспир, како што често го нарекуваа. Како и секоја година, така и оваа, се организира настан кој симболично ќе го прослави неговиот живот и творештво. Утре (27 април, понеделник), со почеток од 17 часот кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, со поддршка и организација на општина Центар, ќе се одржи настан кој ќе го одбележи и прослави неговото творештво, неговиот дух и неговото присуство во културниот и општествениот живот, преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори.
Домаќин на настанот ќе биде неговиот син, Игор Стефановски, кој ќе разговара со блиски пријатели и соработници на Горан Стефановски, а свој настап ќе има хорот „Мирче Ацев“ кој ќе изведе неколку од омилените песни на Горан. Свој настап ќе има и младата џез формација „Трицкл“, по што ќе се изведат и неколку актерски монолози од делата на Горан, ќе се постави и ликовна изложба со портрети од Горан насликани од уметникот Ненад Рафајловски, а диџеј Шурбе ќе го заокружи настанот со свој музички сет.
На настанот се поканети сите, пријатели, роднини и соработници на Горан, но и сите граѓани кои сакаат да му оддадат почит на македонскиот великан, чие целокупно делување и творештво е длабоко вткаено во македонската култура, драматургија и книжевност.

