Прекрасни реплики од „Диво месо“ од Горан Стефановски!

Диво месо“ од Горан Стефановски е една од најзначајните драми во македонската драматургија. Напишана во 1979 година, дејството се врти околу куќата на семејството Андреевиќ и членовите на семејството некаде пред почетокот на Втората светска војна. Главата на куќата е Димитрија, кој е неподвижен по една несреќа и тој има три деца: Андреја, кој се приклучува на комунистичките суверзивни движења и е бунтовен и сака да се бори против неправдите; Симон, кој работи како келнер, но често се опива и постојано се плаши од нешто и се бори со депресија и Стефан (Стево) кој е млад и амбициозен и е желен да напредува во кариерата и да „направи нешто од себе“.

Постојано се чувствува тензија во воздухот, но таа се забрзува и засилува со пристигнувањето на Германецот Клаус кој доаѓа во нивната куќа и нуди да ја купи – тогаш експлодира тензијата, Димитрија е бесен бидејќи целиот живот го посветил да ја изгради таа куќа, а на крај ги изгубил и нозете – куќа која ја создал за своите деца, а од друга страна Стево ја гледа таа куќа и одбивањето на татко му како пречка за неговиот напредок во кариерата, тој смета дека тие само го спречуваат да оди „во Европа“. Оттаму работите тргнуваат само надолу, кон пропаст – но, не само на семејството, туку и целото општество кое веќе е на раб на војна.

И покрај тоа што е напишана пред многу децении, самата драма е неверојатно многу моќна и релевантна и нема изгубено ни трошка од својата модерност и современост, особено имајќи ги предвид темите, метафорите и случувањата. Нијансите се менуваат, но суштината останува иста.

Во чест на Горан Стефановски и неговото неверојатно ремек-дело, денес на блогот прочитајте дел од најубавите реплики од драмата.

Димитрија: Ќе има војна. Ќе има војна.
Марија: Доста беше и ваков мир.

Димитрија: Да ти каже тебе татко ти нешто. Не кажувај на светот што мака имаш. Не сака светот да знае. Си има светот свои маки. Ако кажуваш, кажи нешто убаво или ништо не кажувај. Што му е некому гајле што тебе ти е страв од темно.

Андреја: Многу се таквите што сакаат да седат во публика, да грицкаат семки и да чекаат голови. А треба да се трча. Да се трча!

Стево: Еднаш да се најдеш на право место во право време, целиот живот ќе го поминеш како по лој.

Андреја: Зашто си го кажа името кај умрените?
Симон: За секој случај.

Херцог: Испив три кафиња. Ќе пукнам. Во овој град се пие, се јаде и се игра како утре да ќе биде пропаст на светот. Што и не е исклучено. Како што тргнале работите можеби ќе присуствуваме на крајот. Последната голема експлозија. Земјината топка испукана од ждрелото на разорен топ. Величествените последни секунди во кои сè ќе биде возможно.

Херцог: Стравот е независен од реалната опасност.

Сивиќ: Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино.

Сара: Литературата постои на хартија, сликата на платно, а музиката? Каде постои музиката?

Сара: Зошто сте таков, господине Стево? Зошто не се борите за себе? Ако некој ви ласка, длабоко се сомневате дека ги заслужувате неговите ласки и лесно ги отфрлате. А ако некој ве напаѓа, веднаш мислите дека е во право, се повлекувате и кревате раце. Зошто? Зошто татко ми би имал право? Што знае татко ми за вас за да каже што било? Зошто не се цените малку повеќе? Зошто само некој кој ве навредува успева да предизвика вистинска почит кај вас?

Стево: Многу брзо судите за мене.
Сара: Зар може да се суди полека?
Стево: Секој има нешто што не е веднаш видливо.
Сара: Нека си го чува тоа невидливо за себе. Не ме интересира што мислите вие за себе туку што мислам јас за вас. Целиот живот е на прв поглед. Луѓето се заљубуваат на прв поглед, се убиваат на прв поглед…

Сара: Тоа е препросто. Можеби е искрено, но затоа е патетично. Никој не е среќен. Сите мислат дека некој друг, на некое друго место е среќен и ја користи онаа среќа која тие ја заслужуваат. И сите грдо и наместено се смешкаат и тивко го влечкаат својот очај зад себе. И никој не може да ги засака оние кои се вљубени во него, ниту да ги придобие оние кои го мразат.

Симон: Луѓето се секогаш исти. Какви ќе се родат, такви умираат.

Клаус: Да. Забележав дека тука луѓето навистина прекрасно пеат и играат.
Симон: Добро сте забележале. И сите мислат дека само тоа го знаеме.

Клаус: Имате право. Јас сум буржуј. Отсекогаш сум бил. Јас не се срамам од тоа. Секој е она што е и треба да се помири со тоа.
Андреја: Напротив. Секој мора да се потруди да стане она што може да биде.

Андреја: Поминуваат покрај нас зад заматени прозорци и нè гледаат како да сме муви во маќеница. Некаде брзаат. После појадок одат на ручек. И поминуваат. Поминуваат со векови. Нè држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Нè држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние уплашено им правиме пат и ги поздравуваме. И сè додека се плашиме, тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот. Слобода е кога на улиците ќе се исфрлат и истресат сите сандаци од мемливите тавани, сите постели со влажен памук, кога ќе се истребат сите лебарки, подрумски стаорци и маларични комарци, кога сите куќи ќе се бојадисаат во бело, сите прозорци ќе се отворат, сите алишта ќе се извријат и исперат во изворска вода и ќе се остават на пролетно сонце да се сушат.

Димитрија: Ти ќе го продаваш тоа што самиот ќе го спечалиш и изградиш. Овде не чепкај. Ова е мое.

Стево: Остави ме ти мене на мира. И сите вие. На глава сте ми качени. Проклети селаништа! Се држите за некои свои принципи и обичаи како слепци за стап. Ме избрукавте пред човекот. Го гледавте како да ќе ве зарази со некоја непозната и страшна болештина. Сè што не ви е познато е проклето, туѓо и непријателско. Држи се за учкурот, важно е да сме свои, какви сме такви сме. Мене ме вика Европа, а вие не ме признавате за човек во ова посрано маало. Да можам да се откачам од вашето лепило, ќе летнам.

Димитрија: Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветер, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас. Воздивнувате по Германија! А таткото што ги изгубил нозете за вам да ви направи куќа е помија што не знае два и два и им пречи на Европјаните да направат кариера. Не знаете да се чувате. Живеете на вересија. Ќе загинете по некои дупки, ќе ве изедат пајажини, името ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас. Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење.

Клаус: Јас тоа го наречувам синдром на славјанската мазохистичка душа. Кога ништо не е во ред, а не се крева малиот прст ситуацијата да се поправи и во тоа дури и се наоѓа задоволство. А на овој Балкан никогаш ништо не било во ред. Дваесет илјади години наназад. И ако во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата на пропаѓање продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинирана состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно. Па мечка во циркус научува да вози велосипед.
(…)
После две ракии ви светнуваат очите и почнувате да се прегрнувате, бацувате и да му се заканувате на цел свет. И веќе не гледате кој што ви прави зад грбот. Или не пијте или научете подобро да поднесувате алкохол.
(…)
Треба нешто да сторите со себе. Треба да се ослободите од стегите на вашиот мазохизам и да пуштите да ве води срцето. Срцето никогаш не е мазохистички настроено, тоа е радосно, главата е таа која прави проблеми. Свесен сум дека вас ве глода и друга мака: вие не знаете што точно сака вашето срце. Но тоа е лажна дилема. Никогаш не сте го пуштиле да ви каже. Го држите задушено во малиот џеб и кукате што не умеете да го следите внатрешниот инстинкт. Оставете го срцето слободно да дише и тоа ќе ви се јави. Секако дека тука има и редица други компликации. Како што е, на пример, недостигот на чувство на припадност и традиција. До каде најдалеку наназад вие можете да ја следите својата фамилијарна лоза? Како се викале вашите прадедовци? Тешко дека знаете. А ете јас знам. Моето дрво е грижливо запишано наназад до XIV век. Може да се помисли дека тоа не се битни разлики, но од друга страна… од друга страна традицијата и културата се светски и општочовечки придобивки. Гете е исто толку ваш колку и мој.

Андреја: Тебе ти е потребна храброст. Јас го направив својот избор.

*репликите се преземени од: Стефановски, Горан. Диво месо. Скопје: ТРИ, 2023

Подолу погледнете ја и претставата од 1979 година, кога била поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Слободан Унковски.

Leave a comment