Вирџинија Вулф е една од водечките писателки и интелектуалки на 20 век. Нејзините романи како „Госпоѓа Даловеј“, „Кон светилникот“, „Бранови“, „Орландо“ извршија неверојатно влијание врз книжевноста и правецот на текот на свеста. Таа исто така објавила и многу написи, осврти, критики и есеи. Во извадоците од нејзините дневници кои беа објавени во книгата „Дневникот на една писателка“ освен нејзиниот творечки процес и размислувања, таа запишувала и нејзини мисли и доживувања од книгите што ги читала. Во продолжение прочитајте дел од нејзините лични доживувања и осврти на некои од најпознатите дела.

„Дон Жуан“ – Лорд Бајрон
„Тоа е најчитаната поема, претпоставувам: квалитет кој делумно се должи на брзата, случајна непредвидена галопирачка природа на нејзиниот метод. Тој метод е сам по себе откритие. Тоа е она што човек залудно го бара – еластичен облик кој ќе држи што и да одлучите да ставите во него. Така, тој би можел да го напише неговото расположение како што го доживува; може да каже сѐ што има во главата.“
„Јас стојам на тоа дека ваквите недозволени книги се многу поинтересни од соодветните книги кои цело време побожно ги следат илузиите. Сепак тоа не е лесен пример за следење; и впрочем како сите слободни и лесни нешта, само искусните и зрелите успешно ги изнесуваат. Но, Бајрон бил полн со идеи – квалитет кој му дава цврстина на неговиот стих и ме води до мали излети во околниот прејсаж или соба среде читањето.“
„Електра“ – Софокле
„Она што постојано одново ме импресионира е извонредната природа на приказната. Се чини, тешко е возможно да не може да се направи добра драма од неа.“
„Херојската жена е многу слична и во Грција и во Англија. Таа е од видот на Емили Бронте. Клитемнестра и Електра се очигледно мајка и ќерка и според тоа би требало да имаат заемно разбирање, иако веројатно разбирањето кое тргнува во погрешна насока раѓа најжестока омраза.“
„Загубениот рај“ – Џон Милтон
„Погодена сум од екстремната разлика помеѓу оваа поема и која било друга. Мислам дека тоа лежи во возвишената дистанцираност и објективност на емоциите. Никогаш не сум го читала Купер на кауч, но можам да замислам дека каучот е деградирачка замена за „Изгубениот рај“. Целата содржина на Милтон се состои од чудесни, прекрасни и виртуозни описи на ангелски тела, битки, летови, живеалишта. Тој се бави со ужас и безмерност и беда и возвишеност, но никогаш со страдањата на човековото срце. Дали некогаш некоја голема поема допуштила толку малку светлина врз сопствената радост и тага? Немам помош во проценката на животот; едвај чувствувам дека Милтон живеел и дека познавал мажи и жени; освен зловолните личности поврзани со бракот и должностите на жената. Тој беше прв од мажите, но неговото омаловажување потекнува од неговата лична лоша среќа и изгледа дека има дури и пакосен последен збор во неговите семејни расправии. Но колку течно, силно и детално е сето тоа! Каква поезија? Можам да забележам дека дури и Шекспир по ова делува по малку проблематично, лично, остро и несовршено. Можам да забележам дека ова е суштината од која секоја друга поезија е растворена. Неописливата префинетост на стилот, која се гледа нијанса по нијанса, го тера човек да зјапа во неа, уште долго откако содржината од површината е распределена понатаму. Подлабоко човек фаќа нови комбинации, отфрлања, блаженства и умеење. Покрај тоа, иако не постои нешто како ужасот на леди Макбет или како пискотот на Хамлет, нема сожалување, ниту милосрдие, ниту претчувство, ликовите се величествени; во нив е содржан голем дел од она што луѓето го мислеле во врска со нашето место во универзумот, нашата должност кон Господа, нашата религија.“
„Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес
„Дозволете ми да кажам што мислам додека го читам „Дон Кихот“ по вечерата – во принцип таквото пишување во тоа време било раскажување за забава на луѓето додека седеле покрај огнот брз ниту едно од денешните средства за забава. Седеле така, жените пределе, мажите размислувале, и весела, нереална, прекрасна бајка им се раскажувала, како на возрасни деца. Ова ме импресионира како мотив на Д.К: да нѐ забавува на секој начин. Колку што можам да проценам, убавината и мислата доаѓаат несвесно. Сервантес едвај дека е свесен за сериозното значење и тешко дека го гледа Д.К. како што го гледаме ние. Впрочем, во тоа е мојата тешкотија – тагата, сатирата, колку тие се наши, непланирани – или дали овие големи ликови имаат способност да се менуваат во зависност од генерациите што ги гледаат? Многу, признавам, од раскажувањето на приказната е здодевно – не многу, само малку на крајот на првата книга, што е очигледно раскажана како приказна за да го задоволи човека. Така малку кажано, многу воздржано, како тој да не сакал да ја развие таа страна на работата – сцената кога маршираат робовите на галиите е еден пример на она што сакам да го кажам. Дали С. ја чувствувал целосната убавина и тага како што јас ја чувствувам? Двапати споменав „тага“.
„Крилјата на гулабот“ – Хенри Џејмс
Ја завршив „Крилјата на гулабот“, и го давам овој коментар. Неговата манипулација толку се анализира кон крајот што наместо да го чувствувате уметникот вие едноставно го чувствувате човек кој го поставува предметот. А јас мислам дека тој ја губи силата за да ја почувствува кризата. Тој станува претерано паметен. Ова, го слушате како вели, е начинот како треба тоа да се прави. И токму тогаш кога очекувате криза, вистинскиот уметник ја одбегнува. Не правете го нештото и тоа ќе стане повпечатливо. Конечно, по сево ова жонглирање и аранжирање на свилени марамчиња, човек престанува да има какви било чувства за ликот зад себе. Така изманипулиран, Мили исчезнува. Тој се измамува себеси. И човек веќе не може да го препрочитува. Менталното зграпчување и протегнување се волшебни. Не млитава или неинтересна реченица, но прилично ослабена од оваа плашливост или свесност или што и да е. Многу високо американски, претпоставувам, во решеноста да биде одгледуван на високо ниво и блага тапост за тоа што значи високото одгледување.
„Опатија ноќна мора“ и „Замокот мушичка“ – Пикок
И двата се многу подобри отколку што паметам. Пикок е вкус кој се стекнува во зрелоста. Кога бев млада, додека го читав во воз во Грција, седејќи наспроти Тоби, се сеќавам дека ми причини огромно задоволство со потврдувањето на мојата забелешка дека Мередит ги добила своите жени од Пикок и дека тие се многу шармантни жени, тогаш велам, претпочитам да го поттикнувам мојот ентизуијазам.
Ми се допаѓа скептицизмот на неговиот ум повеќе. Уживам во интелектуалноста. Покрај тоа, фантастичноста е доста подобра од лажната психологија. Малку црвенило во образите е сѐ што дава тој, но јас можам да го направам останатото. А и тие се толку куси; и ги читам во малку жолтеникави совршено соодветни први изданија.“
„Пуританци“ – Валтер Скот
Виртуозниот Скот ме истекна за коса уште еднаш. „Пуртинаци“. Јас сум во средината; и морам да трпам некои здодевни лекции; но се сомневам дека тој може да биде здодевен, бидејќи сѐ е во одржувањето – дури и неговото необично еднобојно сликање пејсажи, во благи наноси на сепија и изгорена жолта боја. Едит и Хенри би можеле да се типични фигури нс еден стар мајстор, ставени точни на вистинско место. А Кади и Моз како вообичаено маршираат напред, силни како животот. Но, јас се осмелувам да кажам осветлувањето и раскажувањето на приказната го спречуваат да напредува со неговата забава како „Антиквар“.
„Принцезата де Клев“ – Мадам де Лафајет
Ова ремек дело одамна ми лежи на совеста. Да зборувам за фикција, а да ја немам прочитано оваа класика! Но читањето класика обично е тешка работа. Особено класика како оваа која е класика заради совршениот вкус, обликуваност, композиција, уметност. Ни влакно од нејзината коса не е разбушавено. Ја сметам убавината за многу голема, но тешка за почитување. Сите ликови се благородни. Движењето е грандиозно. Машинеријата по малку гломазна. Приказните треба да се раскажат. Писмата да се остават. Ние го набљудуваме дејството на човековото срце, а не мускулот на судбината. Но, приказните за благородни срца имаат свои движења кои се недостапни во други околности. Постои чудна потценета длабочина во односите меѓу помеѓу госпоѓа де Клев и мајка ѝ, на пример. Кога јас би давала осврт, мислам дека за мојот текст би ја зела убавината во ликот. Но, фала му на Бога не правам осврт.
„Улис“ – Џејмс Џојс
„Треба да го читам „Улис“ и го разработувам мојот случај за и против. Досега прочитав 200 страници – ни една третина; и првите две или три глави ме развеселија, ме восхитија, ме заинтересираа – до крајот на сцената на гробиштата; а потоа бев збунета, иритирана и разочарана од еден нервозен студент кој си ги стиска мозолчињата. А Том, големиот Том смета дека ова е на исто ниво со „Војна и мир“! Мене ми се чини инфериорна, вулгарна книга; книга на самоук работник, а сите знаеме колку се тие бедни, колку себични, упорни, сирови, нападни и крајно одвратни. Кога човек може да има готвено месо, зошто да го јаде сирово? Но, мислам дека ако сте анемични, како Том, има слава во крвта. И самата прилично нормална брзо повторно сум подготвена за класиката. Ова може да го проверам подоцна. Не ја компромитирам мојата критичка остроумност. Ставам стапче во земјата за да ја одбележам страницата 200.“
„Го завршив „Улис“ и мислам дека е ќорфишек. Има генијалност, мислам; но од инфериорно значење. Книгата е развлечена. Соленкава. Претенциозна. Третокласна, не само во очигледна смисла, но и во буквална. Првокласен писател, мислам, цени дека премногу пишување е деликатно; возбудливо, забавно. Постојано се потсетувам на едно незрело момче, полно со памет и енергија, но толку самосвесно и себично што ја губи главата, станува екстравагантно, пристојно, громогласно, неудобно, прави љубезните луѓе да го жалат, а грубите да се нервираат; и човек се надева дека ќе го надрасне тоа; но бидејќи Џојс има 40 години, ова тешко дека е веројатно. Не го прочитав внимателно; и само еднаш; и е многу мрачен; затоа не е чудо што ја поразив доблеста во него повеќе отколку што е фер. Чувствувам како безброј мали крушуми се истураат; но човек не добива смртна рана веднаш – како од Толстој, на пример; но апсурдно е да се споредува со Толстој.“
*извадоците се преземени од: Вулф, Вирџинија, „Дневникот на писателката“, Скопје: НАМПРЕС, 2013
