Пол Остер беше американски писател, филмски работник и уметник, кој со своите дела остави печат врз американската книжевност. Тој почина на 30 април 2024 година и остави интересно книжевно наследство зад себе. Во Македонија е најпознат по неговото дело „Бруклински будалаштини“, кое беше препорачано и на блогот. Се работи за една многу интересна и човечна приказна, каде наратор е Нејтан Глас, средновечен маж, кој по разводот и проблемите со здравјето се сели во Бруклин. Тој е во навистина мрачно расположение и неговите односи со ќерка му се нарушени и некако не гледа некоја поента во животот околу себе. Но, за да го пополни времето, тој решава да ги запишува сите „човечки будалаштини“ со кои тој се среќавал, чудни случки, згоди и незгоди – и свои и на другите луѓе. Додека така живее, една средба со неговиот внук ќе се покаже клучна за неговиот живот да доживее пресврт. Делото изобилува со интересни филозофии и мисли, а во негова чест, денес на блогот прочитајте еден одличен избор мисли од ова негово дело.

„Читањето ми беше прибежиште и утеха, поддршка, симулација на избор: читав само од мерак, заради прекрасната смиреност што те обзема кога ќе одекнат зборовите на писателот како ехо во твојата глава.“
„Сè додека човек има храброст да го отфрли она што му го наметнува општеството, ќе си го живее животот по свое. Со која цел? Да биде слободен. А која е целта на неговата слобода? Да чита книги, да пишува книги, да мисли.“
„Големиот циркус на човековото расипништво. Те напаѓа од сите страни, и колку и да не ти се допаѓа, нема подобро шоу во градот.“
„Кога ќе бидеш на мои години, ќе си помислиш дека сè си видел и си чул, дека ништо на светот повеќе не може да те изненади. Стануваш поспокоен за своето таканаречено знаење за светот, но тогаш, од нигде никаде нешто искрснува и те потресува од чаурата на супериорност, и уште еднаш те потсетува дека не разбираш ни трошка за животот.“
„Не е битно колку безначаен ти е животот. Она што ти се случува е подеднакво важно колку и на кој било.“
„Секој човек има повеќе личности во себе, и повеќето од нас скокаат од едно јас на друго, без воопшто да знаат кои се. Еден ден расположен, друг ден во депресија, наутро тажен и повлечен, навечер насмеан и се расфрла со вицови.“
„Имала приказна, а кога човек има среќа да живее во приказна, да живее во светот на фантазијата, болката исчезнува. Сè додека трае приказната, реалниот свет не постои.“
„Колку бргу се врти светот околу нас; колку бргу еден проблем се заменува со друг; без секунда да уживаме во успехот.“
*мислите се преземени од: Остер, Пол. Бруклински будалаштини. Скопје: ТРИ, 2007
