Пролетта е едно од моите омилени годишни времиња за читање. Сонцето се враќа во полна сила, околината раззеленува и расцветува и може човек да најде одлични места за читање. Оваа пролет прочитав многу книги, но една ми остави најголем впечаток и затоа денес можете да прочитате кус осврт и критика на делото. Станува збор за романот „Моите пријатели“ од Фредрик Бакман, во издание на „Антолог“.

За што се работи во романот?
Луиза е една млада девојка која уште од самиот почеток на нејзиниот живот се соочува со многу тешкотии. Останала сираче многу рано во животот и целиот живот го минала од едно во друго згрижувачко семејство. Во едно од нив се запознала со нејзината најдобра другарка Фиш, но и таа починала и таа уште тажи по неа. Таа има само еден ранец, пасош и една разгледница на која е поставена една од најпопуларните слики на светот. Кога дознава дека сликата е ставена на аукција, решава да се прикраде на местото и да ја види во живо. Но, таму се случуваат некои компликации и во чуден сплет на околности таа го запознава уметникот што ја насликал сликата и неговиот најдобар пријател. Таа решава дека мора да дознае што е позадината на сликата и да ја дознае судбината на тројцата момчиња кои се овековечени на сликата.
Зошто треба да го прочитате романот?
Затоа што се работи за неверојатно напишана книга која ќе ви го скрши срцето. Книга за суровоста на возрасните, за тоа како пријателството е некогаш единствената светлина што ни дава поддршка и сила да продолжиме да се бориме и живееме. Роман за моќта на уметноста, но и критика на светот за тоа како ја поима уметноста, како ја отфрла и ја третира како статусен симбол, превидувајќи ја убавината и нејзиниот важен дел во нашите животи.
Книгата постојано се движи напред-назад низ времето, од Луиза која во сегашноста се справува со загубата на својата пријателка, до едно лето во животот на тројца пријатели – лето кое на сите ќе им го промени животот, некои на подобро – некои на полошо. Тоа е летото и кога настанала најпознатата слика на светот. Романот исто така поставува и многу важни и убави прашања, особено осврнувајќи се на тоа како треба да се живее животот, знаејќи колку е ранлив и кршлив. Целата книга е полна со прекрасни извадоци, како овој во продолжение:
„Земањето на животот здраво за готово можеби е и смислата на животот, бидејќи што друго правиме? Ние сме само осамени мајмуни на една карпа во вселената, здивот ни се состои од осумдесет проценти азот, дваесет проценти кислород и сто проценти анксиозност. Единственото нешто што со сигурност можеме да го земеме здраво за готово е дека секој што сме го сретнале, секој што некогаш сме го познавале и секој што некогаш сме го сакале, ќе умре. Па колкава ли ни е фантазијата за секое утро воопшто да најдеме волја да станеме од кревет? Бескрајна! Фантазијата е единственото нешто што нѐ спречува да мислиме на смртта секоја секунда. А кога не мислиме? Е тоа се нашите најдобри моменти, тие „залудно“ потрошени денови. Да трошиме време, тоа е чин на величествен бунт. Да пливаме, да пиеме газирани сокови и да спиеме до доцна. Да бидеме лабави и лежерни, да се смееме на глупави шеги и да раскажуваме глупави приказни. Или да сликаме огромни слики, најголеми што може, и да се обидеме да научиме да шепотиме со боја. Да најдеме начин да им покажеме на другите: ова бев јас, ова беа моите луѓе, ова беа нашите прдежи. Ова беа нашите тела, и беа мали, премногу мали, затоа што во нив не ја собираше сета наша љубов. Тоа е животот. Сѐ на што можеме да се надеваме. Не смеете да мислите дека можеби ќе заврши, затоа што така живеете во страв и никогаш нема да сакате премногу, ниту да пеете премногу гласно. Морате да го земате здраво за готово, си вели уметникот, животот и сѐ во него: изгрејсонца и мрзливи неделни утра и балони со вода и нечиј здив на својот врат. Тоа е единственото храбро нешто што човек може да го направи.“
Покрај тоа, темата за пријателството на овие деца, оставени на маргините на општеството, со тешки животни приказни, ќе ве допре многу длабоко на начин што и самите ќе се вратите назад во времето, во оние времиња кога нашите пријатели и детски игри ни беа целиот свет и иако денес се само дамнешни сеќавања, длабоко имаат оставено печат врз нашата душа и живот, дури и ако некои од нив паднале во заборав. Секое дете има своја судбина и своја приказна, и ние полека се запознаваме со секое едно од нив и длабоко се поврзуваме со нив и го сфаќаме знаењето на нивното пријателство.
Што значи да се биде жив и да се живее? Овој роман поставува многу подлабоки прашања кои некогаш се директни, некогаш суптилни, а стилот на пишување е прекрасен. Оние што го читале Бакман претходно знаат дека тој знае да ве расплаче и да ве насмее, секогаш остава трошка светлина онаму каде што делува дека нема надеж, а во моментите на смеење знае да ве удри директно во срце. Но неговиот стил на пишување е полн со чувства, сочувство и огромна љубов кон луѓето и човештвото и прави и да се чувствуваме и ние дел од една заедница – заедница на луѓе што љубат, сакаат и кои и покрај сето зло на овој свет – сепак возвраќаат со добро и љубов и го прават овој свет малку подобар.
Извадоци и мисли од романот што ми оставија особен впечаток
„Зашто најопасното место на земјата е во нас самите. Кревки срце се кршат исто, и во палати, и во мрачни улички.“
„Дека постои брзина со која умее да чука срцето на која веќе не се сеќавате откако ќе престанете да бидете млади.“
„Затоа што на едно грдо место, се роди со толку многу убавина во себе што тоа беше чин на бунт. Во свет полн со чекани, неговата уметност беше објава на војна.“
„Неговата дарба беше да ја види убавината во сѐ, тоа се случува кога не умеете да ја видите во себе.“
„Да се биде човек, значи постојано да се тагува.“
„Кога умира светски познат уметник, телефони ѕвонат на сите континенти, луѓе зборуваат за него на вестите, луѓе што никогаш не го запознале, плачат. Уметноста е толку голема, толку недофатлива, што нѐ учи да тажиме и за непознати.“
Несфатливоста на смртта е тоа што нѐ да полудиме, тоа поради што забораваме да дишеме и да одиме, сѐ додека не поминеме цели ноќи талкајќи низ темни соби, вртејќи и вртејќи, обидувајќи се да сфатиме како може да постои телефонски број што веќе не му припаѓа никому.“
„Нешто не тежи повеќе од туѓата верба во тебе.“
„Кога се сеќавате на летата од детството, ви се чини дека секогаш било сончево, во носталгијата никогаш нема ни ветер ни дожд.“
„Но нема потврд човек на планетава од романтичар со скршено срце.“
„Тешко е да раскажете приказна, каква било приказна, но речиси е невозможна ако е вашата. Секогаш почнувате од погрешниот крај, секогаш кажувате премногу или премалку, секогаш го пропуштате најважното.“
„Приказните се сложени, сеќавањата се немилосрдни, нашите мозоци чуваат само неколку моменти од најдобрите денови од животот, но ја помниме секоја секунда од најлошите.“
„Затоа што уметноста е кревка магија, исто како љубовта, и тоа е единствената одбрана на човештвото против смртта. Тоа што создаваме, сликаме, танцуваме, се вљубуваме, тоа е нашиот бунт против вечноста. Сѐ што е убаво е штит. Винсент ван Гог напишал: ‘Секогаш мислам дека најдобриот начин да го запознаеш Бога е да сакаш многу нешта.“
Мислите се преземени од: Бакман, Фредрик. Моите пријатели. Скопје: АНТОЛОГ, 2025
