Покрај многуте книги за читање, понекогаш е убаво човек да направи мала промена и да погледне некоја серија или филм. Денес на блогот погледнете три предлози за серии кои со сигурност ќе им се допаднат и на љубителите и љубителките на книги.
Другата сестра Бенет (The Other Bennet Sister, 2026)

Каде можете да ја гледате: BBC, HBO
Опис: „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин е роман што и после векови од неговото објавување, неуморно инспирира нови екранизации, реобмислувања и различни видови уметност. Пред извесно време на блогот беше објавено дека се подготвува телевизиската серија „Другата сестра Бенет“ и еве конечно дојде време истата да започне да се прикажува. „Другата сестра Бенет“ е една шармантна и симпатична серија која ја следи приказната на Мери Бенет, незабележливата и често заборавена сестра од семејството Бенет. Таа е повлечена и често е во сенка на своите сестри, но оваа серија се фокусира токму на неа, нејзината срамежливост но и потрагата да се пронајде себеси и своето место под сонцето. Дејството започнува околу периодот кога започнува дејството и во „Гордост и предрасуди“, односно со пристигнувањето на господин Бингли, но фокусот е ставен на Мери. Подоцна таа оди во Лондон и таму започнува да открива многу нови нешта. Многу симпатична и позитивна серија и ќе им се допадне на оние што ја сакаат Џејн Остин или историски драми. Серијата има десет епизоди, кои неделно се објавуваат на ХБО, a засега се поставени пет епизоди и секоја епизода трае околу 30 минути.
Господар на мувите (Lord of the Flies, 2026)
Каде можете да ја гледате: HBO
Опис: Оваа серија е екранизација на романот „Господар на мувите“ од Вилијам Голдинг, вистински класик кој веќе беше препорачан на блогот и за кој се пишуваше и порано (види: „Зошто треба да ја прочитате „Господар на мувите“ од Вилијам Голдинг?“ и „Како „Господар на мувите“ бил спасен од книжевното буниште?“) По една тешка авионска несреќа, една група ученици остануваат сами на еден пуст остров и се препуштени сами на себе да преживеат. Како и во секоја група, се појавуваат подоминантни ликови кои сакаат да го преземат лидерството и кои се трудат да ја наметнат својата волја на останатите. Но, сепак, на почетокот сите се држат до своите дадени задачи, сѐ додека полека не надвладее животинскиот инстинкт и ѕверското во нив почнува да излегува на површина. Се работи за тешка и мрачна приказна, на граница на дистопија и хорор, која преку изборот на деца оставени на пуст остров го прикажува губењето на човековата невиност и преминот кон суровоста и нечовечноста. Оваа серија добро ја следи тематиката и атмосферата на книгата, кинематографијата е одлична, музиката морничава, соодветна на тематиката, а младите момчиња избрани да ги толкуваат улогите се неверојатни и на висина на задачата.
Младиот Шерлок (Young Sherlock, 2026)

Каде можете да ја гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: Ова е одлична серија за љубителите на Шерлок Холмс и неговите авантури и случаи. Оваа серија е во режија на Гај Ричи, кој е режисер на филмот „Шерлок Холмс“ од 2009 година и ги следи авантурите на Шерлок Холмс пред да стане детективот што ситe го сакаме и многу пред да го најде својот придружник д-р Вотсон. Во оваа приказна од осум епизоди, го следиме младиот Шерлок кој откако ќе западне во неволја, како казна треба да служи на Универзитетот во Оксфорд. Тука секако е неговиот брат Мајкрофт, но на изненадување на сите, Шерлок токму тука го запознава Моријарти, кој во подоцнежниот серијал станува негов најголем ривал. Во текот на овие осум епизоди, ние ги следиме мистериите кои го опкружуваат младиот Шерлок и кои се закануваат дека ќе му го уништат животот, гледаме свет полн со убиства и предавства, но и можност Шерлок подлабоко да навлезе во историјата на неговото семејство. Интересна приказна со одлично изградени ликови и ќе ве тера да погодувате сѐ до самиот крај. Неодамна беше потврдено дека ќе се снима и втора сезона.
