Денес започнува Скопски поетски фестивал!

Денес започнува шестото издание на Скопскиот поетски фестивал! Од денес, па сѐ до 9 мај, во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“, љубителите на поезијата ќе имаат можност да присуствуваат на различни настани на кои ќе се претстават околу стотина поети од Македонија и од странство. Според најавите, ќе има гостување на поети од Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.

Како што велат организаторите, мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…), со кое ја одбележуваат стогодишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и преку кое сакаат да истакнат дека „неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот“.

Автор на постерот е Андреј Павлов

Скопскиот поетски фестивал официјално ќе биде отворен денес во 20 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска која победи на „Отскочна даска #5“, преднастан на фестивалот наменет за млади поети и поетеси, а по ова прво меѓународно поетско читање следува поетско-музичка изведба на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора. Но, пред официјалното отворање на фестивалот, со почеток од 18 часот во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи промоцијата на поетската панорама подготвена од „ПНВ Публикации“ по повод пет години од „Отскочна даска“ и во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници и учеснички на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автор(к)и застапени во панорамата.

Организаторите најавуваат дека следниот ден програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите и поетесите ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана на повик, а потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а денот ќе се заокружи со уште едно меѓународно поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.

Настаните во рамки на последниот ден од фестивалот ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, во издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува меѓународно поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.

Покровители на годинешното издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, „Буквa“, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.

На официјалниот настан на Фејсбук можете да ја прочитате и целосната програма!

Leave a comment