Хелен Келер е поистакнатите американски писателки и активистки од 20 век. Таа се родила како Хелен Адамс Келер во богата фамилија во Алабама, САД, на 27 јуни 1880 година, како постара од двете ќерки на издавачот Артур Келер и неговата жена Кетрин. Кога имала само 19 месеци Хелен се разболела и како последица на една треска, таа ослепела и оглувела. И покрај нејзината попреченост и тешкотии, таа сепак успеала да дипломира со сите почести во 1904 година и потоа станала позната писателка со околу 20 објавени книги, држела предавања и била активистка. Во текот на нејзиниот живот таа исто така станала добра пријателка со Марк Твен (види: Прекрасното пријателство на Марк Твен и Хелен Келер…) Тој бил нејзина најголема поддршка, дури и кога била напаѓана од јавноста, како што можете да прочитате во продолжение.
Во едно писмо од Марк Твен до неговата пријателка Хелен Келер од 1903 година, објавено во „Писмата на Марк Твен“, тој се осврнува на обвинувањата за плагијат што ѝ биле упатени на Хелен Келер околу единаесет години претходно, кога било утврдено дека нејзиниот расказ „Замрзнатиот крал“ е впечатливо сличен со расказот „Ледени самовили“ на Маргарет Канби. Келер била ослободена од обвиненијата по спроведената истрага, но случајот му останал во мислите на Твен, па повеќе од една деценија подоцна ги напишал следниве страсни зборови, кои речиси совршено ја доловуваат идејата за комбинираната креативност и митот за оригиналноста:

(Извор: The Marginalian)
„Ох, Боже мили, колку беше неискажливо смешна, бувовски идиотска и гротескна таа фарса со ‘плагијатот’! Како да има нешто многу во кој било човечки исказ, усен или пишан, што не е плагијат! Суштината, душата – да одиме и подалеку и да кажеме самата материја, масата, вистинската и вредна содржина на сите човечки искази – е плагијат. Зашто речиси сите идеи се половни, свесно или несвесно преземени од милион надворешни извори и секојдневно користени од оној што ги собира, со гордост и задоволство родени од суеверието дека токму тој ги создал; а притоа во нив нема ни трошка оригиналност, освен малата нијанса што ја добиваат од неговиот ментален и морален калибар и од неговиот темперамент, што се открива во начинот на изразување. Кога голем говорник држи голем говор, вие слушате десет века и десет илјади луѓе, но ние го нарекуваме негов говор, а всушност само еден многу мал дел од него навистина му припаѓа нему. Но не доволно за да има значење. Тоа е само Ватерло. Тоа е битката на Велингтон, до одреден степен, и ние ја нарекуваме негова; но имало и други што придонеле. Потребни се илјада луѓе за да се измисли телеграф, парна машина, фонограф, телефон или која било друга важна работа и само последниот човек ја добива заслугата, а ние ги забораваме останатите. Тој само го додал својот мал придонес, тоа е сѐ што направил. Овие поучни примери треба да нѐ научат дека деведесет и девет делови од сѐ што произлегува од интелектот се плагијати, чисти и едноставни; и таа лекција би требало да нѐ направи скромни. Но ништо не може да го направи тоа.“
