На 27 мај 1973 година се родил Никола Маџиров, македонски поет, есеист и преведувач. Негови најпознати дела се: „Заклучени во градот“ (поезија, 1999), „Некаде никаде“ (поезија, 1999), „Асфалт, но небо“ (поезија, 2003), „Преместен камен“ (поезија, 2007), а неколку пати и бил наградуван, досега ги добил наградите „Студентски збор“, „Ацо Караманов“, „Браќа Миладиновци“ и европската награда за млад поет „Хуберт Бурда“, која се доделува на автори родени во Централна и Источна Европа. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици и објавувана е во неколку избори и антологии на македонската поезија.
Денес му го честитаме неговиот роденден со споделување на негови стихови!
Брз е векот – Никола Маџиров
Брз е векот. Да бев ветер,
ќе ги лупев корите на дрвјата
и фасадите на периферните згради.
Да бев злато, ќе ме криеја во подруми,
во ровлива земја и меѓу скршени играчки,
ќе ме заборавеа татковците, а нивните синови
трајно ќе ме паметеа.
Да бев куче, немаше да ми биде страв
од бегалци, да бев месечина немаше
да се плашам од смртни казни.
Да бев ѕиден часовник
ќе ги криев пукнатините на ѕидот.
Брз е векот. Ги преживуваме слабите земјотреси
гледајќи кон небото, а не кон земјата.
Ги отвораме прозорците за да влезе воздух
од местата каде што никогаш не сме биле.
Војни не постојат, зашто секој ден некој
го ранува нашето срце. Брз е векот.
Побрз од зборот.
Да бев мртов, сите ќе ми веруваа
кога молчам.

