Џејмс Болдвин беше голем американски автор и активист за граѓански права. Од раните тинејџерски години како пентекостален проповедник, тој поседувал ораторски вештини кои силно ја поттикнувале публиката во повикот и одговорот, а кога како млад човек ја напуштил говорницата, тој ги носел своите дарови со себе, верувајќи дека религијата нема да биде доволна за ја создаде потребната промена во расните односи, но дека неговото пишување би можело. Доколку сакате да ги читате неговите дела, денес на блогот можете да прочитате еден интересен текст со препораки објавен на „Гардијан“.

извор: Steve Schapiro/PBS
Почетна точка
Болдвин имал 33 години кога го објавил својот расказ „Блузот на Сони“ во 1957 година, и може да се каже дека целиот негов живот е внесен во приказната. Читателите кои денес првпат би ја читале оваа приказна за животот во Харлем и зависноста од хероин може да ја разгледаат од современа гледна точка, и нема никаква штета во тоа: пораките во приказната се безвременски како и библиските алузии што Болдвин ги користи во приказната. Но, исто така вреди да се потсетиме дека во 1957 година немало Закон за граѓански права, борбата против расистичките закони и сегрегацијата уште била во својот зачеток, а условите околу расните односи и нееднаквостите биле жалосни и занемарени од повеќето бели Американци.
Приказната го поставува отуѓувањето на двајца браќа поради зависноста и нивното крајно зближување како тивко имплицитна аналогија на расната поделба и инспирација кон единство и љубов, и порив, како што сугерира нејзиниот наслов, за музика, особено џез. Само читателот со камено срце нема да биде трогнат до солзи, од препознавање, тага и радост, кога приказната ќе дојде до својот крај.
Повик за акција
Шест години откако Болдвин ја објавил „Блузот на Сони“, тој сфатил дека јавноста не обрнува доволно внимание. Требало да се испрати поитна порака. Прво, како есеј во Њујоркер, а потоа како кратка книга со мемоари, Болдвин излегол со „Идниот пат оган“, велејќи:
„Ако сега не се осмелиме на сè, исполнувањето на тоа пророштво, пресоздадено од Библијата во песна од роб, е над нас: Бог му го дал на Ное знакот на виножитото: Нема повеќе вода, следниот пат оган!“
Неговото пророчко предупредување за уништување се остварило кога избувнале немирите во градовите низ САД по атентатот на Мартин Лутер Кинг. Половина век оттогаш оттогаш, инцидентите и граѓанските немири наспроти расното угнетување на моменти се повлекуваа, но не исчезнаа целосно – а зборовите на Болдвин и денес можат да донесат јасност во нашите разговори за оваа неправда.
Делото што заслужува повеќе внимание
Болдвин понекогаш се споредувал себеси со блуз или џез уметници, а не со книжевници. Во насловниот есеј на неговата збирка „Крстот на откупувањето“, тој забележува дека џезот настанал за да се спротивстави на европската претстава за светот и да ја откупи непишаната историја. Во новиот свет, поробените луѓе пееле и играле за своите поробувачи, околност што го наметнува прашањето: чија е музиката?
Во друг есеј, „Употребата на блузот“, Болдвин пишува:
„Зборувам за тоа што ќе ви се случи ако едвај избегнете самоубиство, или смрт, или лудило, или себеси, ги гледате вашите деца како растат и што и да правите, немоќни сте. Навистина немоќни против силата на светот што е надвор да му каже на вашето дете дека нема право да биде живо.“
Имајќи ги предвид околностите на неговиот живот – не само неговата раса, туку и неговите предизвици како вонбрачен син и како геј маж во време кога ставовите биле неповолни за неговата природа – тој покажува неверојатна јасност и великодушност на духот во овие есеи.
Ако сте во брзање
Осумте кратки раскази во збирката на Болдвин „Во пресрет на човекот“ ефективно ја евоцираат супстанцијата и темите што се дополнително истражени во неговите романи и книги. Без разлика дали станува збор за татко кој не може да му прости на својот син за неговата нелегитимност, предизвиците на црнец оженет со бела жена од Шведска или бруталниот фанатизам на заменик-шерифот од Југот кој може да води љубов со својата сопруга само замислувајќи ја како црна девојка, приказните ја носат длабочината на сочувството на Болдвин.
Миленикот на обожавателите
Во својот краток роман „Собата на Џовани“, Болдвин обезбедува извонредно точна и сложена емоционална интимност во која се вклучени еден млад Американец, неговиот геј љубовник и жената што мисли дека треба посоодветно да ја сака. Богато сместен во демимонд од 50. години од 20 век во Париз, наративот е исповед во прво лице за самопрезирот и за неуспехот во љубовта, што носи очајна критика на Америка: „Американците никогаш не треба да доаѓаат во Европа“, забележува еден лик. „Тоа значи дека никогаш повеќе нема да можат да бидат среќни. Што е доброто во Американец кој не е среќен?“ Во основата на романот лежи признанието на Болдвин дека со негирање на страдањето и болката како средство за среќа, не може да има чувство, разбирање или вистинска поврзаност во животот.
