Неодамна од печат излезе збирката „Низ прозорецот на една песна“ од Кристин Димитрова, бугарска поетеса, писателка и преведувачка. Препевот е на Маја Лазаревска, а збирката е во издание на издавачката куќа „Артконект“, а издавањето на оваа збирка е поддржано од програмата „Креативна Европа“ и Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
Авторка е на четиринаесет збирки поезија, од кои последната е „Почитувани патници“ (2018), а најновата – „Маалска антропологија“ – ќе излезе оваа година. Нејзини збирки се издадени во Велика Британија, Ирска, Индија, Чешка и Чиле. Покрај поезијата, таа има напишано два романи: „Сабазиј“ и „Ќе се вратам за тебе (2022), како и три збирки раскази: „Љубов и смрт под кривите круши“ (2004), „Тајниот пат на мастилото“ (2011), „Кога ќе пристигнеш, јави се“ (2017). Кристин Димитрова има добиено седум награди за поезија („Иван Николов“, „Иван Пејчев“, Награда на Здружението на бугарските писатели и др.), четири за проза („Христо Г. Данов“, „Перото“, и др.), како и три награди од Сојузот на преведувачите во Бугарија за особен придонес во преведувањето: за преводите на Џон Дон, Луис Карол и Филип Ларкин.
Нејзините книги, песни, раскази и есеи досега се објавени во 37 држави и преведени на 29 јазици.
Денес имате можност да прочитате четири песни од нејзината неодамна објавена збирка на македонски јазик:
СЛОБОДНО ПАЃАЊЕ
Ајде двајцата, фатени за раце,
да скокнеме во небото – заедно
ќе влетаме во неговото темно непце
и враќајќи го времето,
ќе се најдеме одново зад лупата –
таму каде што изгледавме
недоделкано нови и глупаво
зголемени од надежта.
ВО ПАРКОТ
Чуден беше овој ветар.
Од друг свет.
Ту топол, ту студен,
неволно најавуваше пролет.
Ги лепеше косите на жените врз нивните нацрвенети усни.
Ја гаснеше запалката, принесена кон лицето.
Фрлаше прав во очите.
Ги врзуваше луѓето за клупите.
Вљубените забораваа да се перчат еден пред друг
и замајано гледаа пред себе.
Прегрнати. Без да трепкаат.
Секој од нив за миг избегал
кај своите стари љубовници.
НА ПАТ ЗА РАБОТА
Од грмушките
лименка кола-кола имитира лето.
Рано е
да си поверуваме
дека ја издржавме зимата.
МОЈОТ ЖИВОТ ВО КВАДРАТИ
Како шахист што игра
со црните и со белите фигури
истовремено, јас одамна
се напаѓам себеси.
При секое завртување на таблата
се бранам од ловците на противникот.
Коњите бревтаат, тапкаат во место,
скокнат ли, пробиваат со копито
гради.
Кралицата ми се потсмева.
Денес белата.
Утре црната.
Ја слушам, додека мислам
на следниот потег.
Некои луѓе ја завршуваат
А јас се вознемирувам,
ја превртувам таблата,
ја напуштам собата.
Потоа размислувам за загубата и сфаќам
дека беше проклето нефер.
Во продолжение погледнете го и интересното промотивно видео објавено на ЈуТуб каналот на издавачката куќа „Артконект“, во кое Маја Лазаревска ја чита песната „Мојот живот во квадрати“.

