Есента е едно од најубавите годишни времиња, совршено за читање, но и за гледање филмови и телевизиски серии во постудените денови. Денес на блогот прочитајте три предлози за интересни серии од три различни жанрови кои ќе ви понудат забава, а некои од нив дефинитивно ќе остават силен впечаток и уште долго потоа ќе мислите на нив.
Источно од рајот (East of Eden, 2026)

Каде можете да ја гледате: NETFLIX
Опис: „Источно од рајот“ од Џон Штајнбек е едно од ремек-делата на американската книжевност и дело што веќе беше препорачано на блогот. Овој роман веќе беше екранизиран во 1955 година, со Џејмс Дин во главната улога, а по повеќе од неколку децении публиката има можност одново да ја разгледа оваа приказна, овојпат преку мини-серија од седум епизоди. Приказната се фокусира на неколку генерации од семејството Траск, првенствено преку браќата Адам и Чарлс, а потоа преку браќата Кејлеб и Арон. Приказната ги истражува темите на искупувањето, злото и доброто и на многу начини навлегува во односите меѓу браќата како алегорија за Каин и Авел. Адам и Чарлс се браќа кои се многу различни и секој од нив има комплициран однос со нивниот татко, но и нивниот меѓусебен однос варира низ текот на годините.
Нивната врска е повторно ставена на тест кога Кејти се појавува на нивниот праг, претепана и на работ на смртта. Адам се заљубува во неа, но Чарлс постојано е сомничав кон неа. На крајот Адам се жени со Кејти и заминуваат во Калифорнија каде наскоро Кејти раѓа близнаци, но набргу решава дека мирниот семеен живот не е за неа и ги напушта сите и тоа на прилично драматичен начин.
Ликот на Кејти е неверојатно добро изграден дополнително навлегувајќи во истражување на тоа дали навистина постои чисто зло? Дали судбината на човекот е предодредена и дали тој се раѓа зол или добар или можеби самиот тој е одговорен за тоа каков човек ќе стане?
Серијата е навистина одлично замислена, иако не се доближува до височините во романот, но сепак се гледа дека материјалот е направен со голема почит кон делото, иако со одредени измени кои се контроверзни и се дебатираат на социјалните мрежи. Сепак, сценариото е одлично, актерската екипа погодена и визуелно е одлично спакуван производ. Дефинитивно треба да ја погледнете, а доколку го немате прочитано романот со цело срце ви препорачувам да го сторите тоа.
Кери (Carrie, 2026 – )

Каде можете да ја гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: Доколку сте љубители на хорори и страшни приказни, оваа серија е за вас. Се работи за малку помодерно реобмислување на култниот хорор-роман „Кери“ на Стивен Кинг, кој исто така имаше една исклучително успешна и сакана екранизација од 1976 година во режија на Брајан де Палма. Романот е феноменален, дури и за оние кои не сакаат хорори, а истиот беше препорачан на блогот. Во оваа верзија на екранизацијата, дејството е сместено во денешно време, односно се работи за сосема модерна верзија на „Кери“. По смртта на нејзиниот татко, социјални работници и полицијата ја пронаоѓаат Кери во нејзиниот дом и така дознаваат дека таа целиот живот била затворена дома и никогаш не одела во училиште, поради религиозните и екстремистичките ставови на нејзините родители.
Но, мајката на Кери е соочена со избор: или ќе почне да работи и ќе ја запише Кери во средно училиште, или ќе го изгуби старетелството. И покрај тоа што се противи на тоа, мајка ѝ сепак попушта за да не ги изгуби родителските права. Кери започнува да оди во училиште, но се соочува со културен шок и иако се труди да се вклопи во средината, не ѝ оди баш најдобро и наскоро станува мета на врсничко насилство, додека истовремено започнува да открива дека има некои натприродни моќи. Сето тоа води кон пат на деструкција, но морате да ја изгледате серијата за да откриете што врие зад мирната и шармантна природа на Кери.
Првата сезона има осум епизоди и е дело на Мајк Фланаган, популарниот режисер на хорор филмови и серии, а неодамна беше потврдено дека ќе се снима и втора сезона, но нема информации кога би била достапна за гледачите и гледачките. На интернет има многу поделени мислења бидејќи во одредени аспекти серијата навистина се разликува од книгата, но според мене тоа не ја намалува вредноста на серијата, бидејќи Фланаган ја замислува од малку поинаков и помодерен аспект, опфаќајќи и теми што денес се актуелни, па така промената не ми пречеше.
Духови (Ghosts, 2021 – )

Каде може да ја гледате: NETFLIX
Опис: Оваа серија за мене беше неверојатно освежување и навистина не знам како досега не ми се појавила на радарот. Се работи за хумористична серија, во т.н „ситком“ формат, каде една епизода трае околу 20 минути и секоја епизода истражува различна тема/лик. Дејството се фокусира на еден млад брачен пар, Саманта и Џеј, кои дознаваат дека Саманта наследила одреден имот од далечна роднина која немала други наследници. Саманта е многу возбудена од оваа можност и го убедува Џеј да инвестираат во куќата и имотот и да отворат еден вид на хотел, односно преноќевалиште. Џеј не е убеден во ова, но Саманта успева да го убеди и тие сфаќаат дека се работи за куќа која е многу стара и потребни се многу средства за да ја обноват.
При нивната прва посета, Саманта паѓа по скали и речиси е на самиот раб на смртта, но по одредено време во кома, полека се опоравува и тие решаваат сериозно да се зафатат со куќата. Но, има еден проблем. Саманта сфаќа дека нешто се случило при тој нејзин пад и таа сега може да гледа духови. Дополнително, таа дознава дека има многу духови во самата куќа, сите починале на самиот имот и од некоја причина се заглавени таму и не можат да го напуштат имотот. Има еден Викинг, Индијанец, капетан од Граѓанската војна во САД, викторијанска жена, џез пејачка од времето на Прохибицијата, жена која била хипик во 60. години на 20 век, извидник, и брокер од Вол Стрит. Сите тие имаат свои карактеристики и приказни и иако Саманта е шокирана на почетокот, со текот на времето развива симпатично пријателство.
Ова е американска верзија на оригиналната британска серија и се работи за многу симпатичен формат, полн со многу хумор и убава енергија и дефинитивно ви ја препорачувам ако барате нешто за опуштање и позитивност. Серијата има пет сезони кои се достапни за гледање, а шестата сезона наскоро ќе биде достапна за гледачите.
