15 работи што можеби не сте ги знаеле за „Дон Кихот“

Дури и ако никогаш не сте го прочитале романот „Умниот благородник Дон Кихот од Ла Манча“ на Мигел де Сервантес, веројатно ви е позната приказната за благородникот што ја изгубил врската со реалноста, неговиот дебелкав штитоносец и ветерниците што во неговата фантазија се претвораат во чудовишта. Сепак, постојат неколку помалку познати факти за ова ремек-дело од 17 век, објавено во два дела, кои можеби досега не сте ги слушнале.

„Дон Кихот“ се смета за првиот модерен роман

Угледни интелектуалци, меѓу кои и наградуваниот книжевен критичар Харолд Блум и прославениот романсиер и есеист Карлос Фуентес, го сметаат „Дон Кихот“ за првиот вистински пример на модерен роман. Според Блум, она што го издвојува ова дело од неговите претходници е развојот и преобразбата на главниот лик и неговиот придружник Санчо Панса низ приказната. Фуентес, пак, сметал дека токму сложеноста и суптилноста на дијалозите, како и начинот на кој се обликувани ликовите, го прават „Дон Кихот“ поинаков од сите претходни книжевни дела.

Сервантес ја добил идејата за „Дон Кихот“ додека бил во затвор

Младиот Мигел де Сервантес се соочувал со проблем што им е добро познат на многу писатели почетници: морал да работи за да заработи за живот, додека истовремено се обидувал да се посвети на пишувањето. Пред да го постигне својот книжевен успех, Сервантес работел различни работи, меѓу кои и како собирач на даноци за шпанската држава. Меѓутоа, поради честите неправилности во финансиските пресметки, во периодот од 1597 до 1602 година двапати завршил во кралскиот затвор во Севилја. Се верува дека токму за време на престојот во затворот Сервантес првпат ја добил идејата за приказната што подоцна ќе прерасне во „Дон Кихот“.

Сервантес го именувал главниот лик по роднина на својата сопруга

Кон крајот на вториот дел од „Дон Кихот“, Сервантес открива дека вистинското име на неговиот јунак е Алонсо Кихано (Quixano, односно Quijano). Се смета дека името го позајмил од Алонсо де Кесада и Салазар, прачичко на Каталина де Салазар и Паласиос, со која Сервантес се оженил во 1584 година. Се претпоставува дека Алонсо не послужил само како инспирација за името, туку и за некои од карактерните особини на главниот јунак. Интересно е и потеклото на името „Кихот“. Тоа произлегува од збор што означува дел од витешкиот оклоп наменет за заштита на бутовите.

Сервантес го најавил вториот дел од „Дон Кихот“ во предговорот на друго дело

Во 1613 година Сервантес ја објавил збирката „Примерни новели“ (Novelas ejemplares), составена од дванаесет кратки прозни дела што ги пишувал постепено во текот на осумте години по објавувањето на првиот дел од „Дон Кихот“. Во предговорот на оваа збирка, освен што го претставил новото дело, Сервантес им ветил на читателите дека подготвува продолжение на сè уште недовршената приказна за благородникот од Ла Манча. Ваквиот начин на најавување ново дело во рамките на сосема поинаква книга може да се смета за еден вид претходник на современите филмски трејлери, чија цел е да ја разбудат љубопитноста на публиката за она што допрва следува. Вториот дел од „Дон Кихот“ бил објавен две години подоцна, во 1615 година.

Постои и лажно продолжение на „Дон Кихот“

Само една година откако Сервантес го најавил продолжението на „Дон Кихот“ во предговорот на „Примерни новели“, се појавила книга со мистериозно потекло, која се претставувала како втор дел од романот. Неофицијалното продолжение било дело на автор што пишувал под псевдонимот Алонсо Фернандес де Авељанеда. Книгата станала озлогласена поради слабиот книжевен квалитет, но и поради бројните навредливи забелешки упатени кон Сервантес и неговото оригинално дело.

Се верува дека лажното продолжение го поттикнало Сервантес да го доврши вистинскиот „Дон Кихот“

Иако Сервантес веќе јавно ја изразил својата намера да ја заокружи приказната за Дон Кихот со втор дел, се смета дека појавувањето на книгата на Авељанеда ја прелеало чашата и го поттикнало конечно да ја оствари својата замисла. Сервантес бил толку разгневен од оваа книжевна измама што решил лажното продолжение да го вклучи во сопствениот втор дел од романот. Притоа, остро го критикувал делото на Авељанеда, исмевајќи го неговиот слаб квалитет и погрешното разбирање на ликовите и приказната од оригиналниот роман.

„Дон Кихот“ придонел за обликувањето на современиот шпански јазик

Варијантата на шпанскиот јазик на која Сервантес го напишал својот роман била релативно нова на почетокот на 17 век. Всушност, таа била многу поблиска до јазикот што го зборуваат денешните Шпанци отколку до разговорниот јазик што се користел во тоа време. Огромната популарност на „Дон Кихот“ придонела за зацврстување и ширење на современиот шпански јазик, кој денес е еден од најраспространетите јазици во светот и втор по бројот на луѓе што го зборуваат како мајчин јазик, веднаш по мандаринскиот кинески.

Сервантес ги искористил сопствените искуства од ропството при пишувањето на „Дон Кихот“

Една од особено трогателните епизоди во романот е онаа во која Дон Кихот и Санчо Панса ослободуваат група затвореници осудени на принудна работа како веслачи на галии. Сочувството што Сервантес го покажува кон овие луѓе, кои стануваат предмет на витешката благородност на Дон Кихот, најверојатно произлегува од неговото лично искуство со заробеништвото во седумдесеттите години на 16 век. Сервантес поминал пет години во ропство во Алжир, каде што во повеќе наврати се обидувал да избега.

„Дон Кихот“ придонел за ширењето на еден популарен англиски израз

Денес, изразот „the proof is in the pudding“ е широко распространет во секојдневниот англиски јазик. Неговото значење е дека вистинската вредност или успешност на нешто може да се утврди само кога тоа ќе се испроба во практика. Всушност, станува збор за скратена и изменета верзија на постарата изрека „the proof of the pudding is in the eating“, која во буквален превод значи дека квалитетот на пудингот се докажува дури кога ќе се проба. Корените на оваа изрека водат до средноанглискиот јазик од 14 век, кога постоела слична формулација: „Jt is ywrite that euery thing Hymself sheweth in the tastyng“, односно „Запишано е дека вистинската природа на секое нешто се открива кога ќе се проба“. Во следните неколку векови изреката се појавувала во различни облици, но се верува дека нејзината современа формулација првпат се појавила во англиски превод на „Дон Кихот“ од 18 век. Преведувачот Пјер Антоан Мото го употребил овој израз наместо оригиналната шпанска поговорка на Сервантес: „al freír de los huevos lo verá“, што во превод значи „Ќе видиш кога ќе се испржат јајцата“.

Првиот превод на „Дон Кихот“ бил премногу буквален

Првиот превод на „Дон Кихот“ на англиски јазик бил дело на писателот Томас Шелтон, роден во Даблин. Преводот бил објавен во 1608 година. За разлика од неговиот наследник Пјер Антоан Мото, Шелтон не покажал особена јазична креативност при преведувањето. Напротив, неговото строго придржување до оригиналните зборови и изрази на Сервантес се смета за најголемата слабост на неговиот превод. На пример, кога Сервантес го употребувал шпанскиот збор „dedos“ (прсти) како дел од идиоматски израз за означување растојание, англискиот јазик би барал соодветен израз со зборот „inches“ (инчи). Шелтон, меѓутоа, го превел зборот буквално како „fingers“ (прсти), со што се изгубила природноста на изразот во англискиот јазик.

Еден славен писател го сметал Дон Кихот за својот омилен книжевен лик

Рускиот романсиер Фјодор Достоевски во повеќе наврати јавно го изразувал своето восхитување од Дон Кихот. Во писмо до својата внука Софија Иванова, Достоевски го опишал јунакот на Сервантес како највозвишениот книжевен херој:

„Од сите прекрасни личности во христијанската книжевност, една се издвојува како најсовршена – Дон Кихот.“

Потоа додал: „Но тој е прекрасен токму затоа што е смешен.“

Романот „Дон Кихот“ бил прогласен за најдоброто книжевно дело на сите времиња

Во 2002 година, Норвешкиот клуб на книгата спровел анкета меѓу угледни писатели од 54 земји, со цел да состави листа на 100 најзначајни книги некогаш напишани. Проектот го добил името „Светска библиотека“ (Bokklubben World Library). На листата биле вклучени дела од различни историски периоди, почнувајќи од древниот „Епот за Гилгамеш“, па сè до романот „Слепило“ на Жозе Сарамаго, објавен во 1995 година. Според официјалното објаснување, сите сто дела биле сметани за подеднакво значајни, без меѓусебно рангирање. Сепак, бил направен еден исклучок: „Дон Кихот“ на Мигел де Сервантес добил посебно признание и бил издвоен како „најдоброто книжевно дело некогаш напишано“.

„Дон Кихот“ е преведен на најмалку 50 јазици

Денес, „Дон Кихот“ е достапен на бројни јазици ширум светот, меѓу кои шпански, каталонски, галициски, баскиски, латински, англиски, француски, италијански, португалски, германски, романски, руски, јапонски, кинески, корејски, тајландски, тагалски, виетнамски, арапски, хебрејски, персиски, хинди, ирски, шкотски гелски, фински, норвешки, шведски, исландски, унгарски, полски, чешки, дански, холандски, грчки, турски, српски, албански, македонски, бугарски, хрватски, словенечки, латвиски, естонски, литвански, малтешки, грузиски, есперанто и јидиш. Делото е достапно и во изданија на Брајово писмо, што овозможува да го читаат и лицата со оштетен вид.

Сервантес речиси и да не заработил од огромниот успех на „Дон Кихот“

Иако романот „Дон Кихот“, чиј прв дел бил објавен во 1605 година, речиси веднаш стекнал огромна популарност, неговиот автор имал многу мала финансиска корист од успехот. Во 17 век било вообичаено писателите да не добиваат авторски хонорари од понатамошната продажба на своите објавени дела. Поради тоа, Сервантес не успеал значително да заработи од романот што подоцна ќе стане едно од најпознатите и најчитаните дела во историјата на светската книжевност. Ова изгледа особено неправедно ако се земе предвид неверојатниот успех што „Дон Кихот“ го постигнал во вековите по неговото објавување.

„Дон Кихот“ можеби е најпродаваниот роман на сите времиња

Со оглед на тоа што од објавувањето на „Дон Кихот“ поминале повеќе од четири века, речиси е невозможно прецизно да се утврди колку примероци од романот биле продадени низ светот. Сепак, според проценките на многу истражувачи, делото достигнало до околу 500 милиони читатели. Доколку оваа бројка е точна, „Дон Кихот“ би бил убедливо најпродаваниот роман во историјата на светската книжевност. За споредба, се проценува дека романот „Приказна за два града“ на Чарлс Дикенс е продаден во околу 200 милиони примероци, додека трилогијата „Господарот на прстените“ на Џ. Р. Р. Толкин достигнала продажба од приближно 150 милиони примероци.

Така, приказната за благородникот од Ла Манча, кој тргнал во светот решен да се бори против неправдата и да ги одбрани своите идеали, продолжува да освојува нови генерации читатели, повеќе од четиристотини години по своето создавање.

Извор: Mental Floss

Leave a Reply