„Вистинска приказна“ од Лукијан од Самосата: Првиот научнофантастичен роман во историјата?

Напишана во вториот век од нашата ера, „Вистинска приказна“ од Лукијан од Самосата се смета за едно од најраните дела што ги најавуваат почетоците на научната фантастика. Во ова необично, духовито и сатирично патување, Лукијан ги носи своите читатели на Месечината, во средби со фантастични суштества и во светови во кои границата меѓу можното и невозможното целосно исчезнува. Исмевајќи ги претераните и неверојатни раскажувања на античките писатели и патописци, Лукијан создал дело што и по речиси две илјади години изненадува со својата имагинација. Ова дело веќе беше препорачано на блогот, а денес можете да прочитате уште една интересна анализа првично објавена на The Collector.

„Вистинска приказна“, на некои места познато и како „Вистинска историја“, е дело напишано од Лукијан во II век од нашата ера. Лукијан од Самосата бил сатиричар роден во Сирија, познат по своите книжевни и философски критики на популарните дела од античката литература. „Вистинска приказна“ се смета за едно од неговите најзначајни дела. Во овој роман Лукијан од Самосата имал една јасна книжевна цел – да ги разобличи авторите како Хомер и Херодот, кои своите раскажувања им ги претставувале на читателите како историска вистина. Затоа „Вистинска приказна“ е намерно исполнета со апсурдни преувеличувања. Таа ги пародира античките патописни раскажувања преку фантастично патување до најоддалеченото место што можело да го замисли античкиот свет – Месечината.

Целта на „Вистинска приказна“ на Лукијан од Самосата

„Ќе ја кажам вистината кога ќе речам дека лажам.“

„Вистинска приказна“, Прва книга

Во прологот, Лукијан од Самосата објаснува дека единствената вистина во неговото дело е токму тоа дека сè во него е лага. Целта на „Вистинска приказна“ била да ги исмее античките писатели кои своите крајно преувеличени приказни ги претставувале како вистински историски настани. Тој ја сатиризира нивната работа така што фантазијата ја доведува до крајна граница. Токму поради оваа целосно нереална природа на романот, неговите јунаци можат да отпатуваат надвор од границите на Земјата, нешто што, без намера, му овозможило на Лукијан да создаде дело што многумина денес го сметаат за првиот научнофантастичен роман во историјата. Прашањето дали „Вистинска приказна“ навистина може да се нарече научна фантастика долго време е предмет на расправи. Сепак, делото несомнено содржи многу елементи што денес се сметаат за карактеристични за тој жанр. Поради тоа, најчесто се опишува како најстарото зачувано научнофантастично дело.

Содржина

Лукијан и неговите сопатници го започнуваат своето патување кај Херакловите столбови, а потоа продолжуваат по море кон мистериозен остров населен со смртоносни суштества. По таа необична авантура, силна бура ги крева во воздух и ги носи на Месечината, каде што се наоѓаат среде војна меѓу жителите на Месечината и Сонцето. За време на престојот таму запознаваат чудни облици на живот и необични цивилизации што постојат во вселената. На патот назад кон Земјата посетуваат многу необични места, меѓу кои и еден град населен со живи светилки. Но нивните искушенија не завршуваат. Штом повторно стигнуваат на Земјата, ги проголтува огромен кит. Во неговата утроба откриваат цели цивилизации, земји и народи. Откако ќе го убијат китот и ќе избегаат, веднаш продолжуваат кон море од млеко, во кое се наоѓа остров направен од сирење, а потоа пристигнуваат и во Земјата на блажените, каде што се среќаваат со многу прочуени личности од минатото. Книгата завршува ненадејно. Лукијан ветува дека нивните патувања ќе продолжат во следните книги, што, според неговите сопствени зборови, е последната лага што им ја кажува на читателите.

Иако е апсурдно, необично и исполнето со неверојатни суштества, места и случувања, ова дело претставува едно од најоригиналните достигнувања во античката книжевност.

Вонземско заведување: Островот на лозјанките

На почетокот на „Вистинска приказна“, патниците пристигнуваат на еден мистериозен остров. Таму откриваат необични чуда – река од вино и прекрасни суштества што личат на жени, но всушност се создадени од лозови прачки. Неколкумина од нивните луѓе се заведени од овие суштества и засекогаш остануваат заробени во нивните лози. Иако оваа прва натприродна средба се случува на Земјата, таа всушност претставува класична приказна за заведување од вонземски суштества. Кон крајот на романот Лукијан повторно се навраќа на оваа тема. Патниците се среќаваат со суштества наречени „магарешки нозе“, кои се претставуваат како проститутки. Подоцна се открива дека нивниот горен дел е женски, а долниот е магарешки. И тие, како лозјанките, се обидуваат да ги заведат патниците, но овојпат без успех. Интересно е што многу вакви хибридни суштества се појавуваат и на Месечината, со што Лукијан ја поврзува вонземската фантастика со светот на Земјата.

Патување до Месечината

Откако ќе го напуштат островот на лозјанките, силна бура ги подига патниците кон вселената. За разлика од чудниот остров, новото место не им изгледа целосно туѓо. Напротив, опишано е како цивилизирана и населена земја. Овој пристап е пример за она што денес во научната фантастика се нарекува „когнитивно отуѓување“ – техника со која непознатите работи се претставуваат како познати, а познатите добиваат сосема необично значење. Патниците ги заробуваат луѓе што јаваат џиновски мршојадци и ги носат кај својот крал. Тој им открива дека се наоѓаат на Месечината и дека токму таму беснее војна против жителите на Сонцето, кои јаваат џиновски мравки, поради правото да ја колонизираат ѕвездата Деница. За време на патувањето низ вселената тие гледаат животни и инсекти претворени во огромни чудовишта – уште еден препознатлив мотив на научната фантастика, познат како гигантизам. Подоцна патниците повторно ќе се соочат со огромни размери кога ќе бидат проголтани од кит долг околу 320 километри, во чија утроба постојат градови, шуми и племиња од луѓе-риби. Така Лукијан создава свет во кој невозможните нешта се раскажуваат како сосема природни, со што поставува темели на идеи што научната фантастика ќе ги развива речиси две илјади години подоцна.

Жителите на Сонцето и Месечината

Кога започнува меѓупланетарната војна, Лукијан опишува цела низа необични вонземски суштества, хибридни созданија и бизарни оружја. Коњаницата на Месечината ја сочинуваат луѓе што јаваат „коњо-мршојадци“ и „зелкасти крилја“ – огромни птици украсени со разни тревки и пердуви од зелена салата. Во нивната војска има и „фрлачи на просо“ и „луѓе-лук“, кои, како што кажуваат и нивните имиња, ги напаѓаат непријателите со храна. Таму се и „болвите-стрелци“ – џиновски болви големи колку слонови. Од другата страна, војската на Сонцето е составена од други хибридни суштества што јаваат „коњо-мравки“ и „небесни комарци“. Во нивните редови се наоѓаат и смртоносните „небесни вртелешки“, кои фрлаат ротквици како оружје, „стеблести печурки“, што користат печурки како штитови, и „кучиња-желади“ – луѓе со кучешки лица што се борат јавајќи крилести желади. На крајот, победата ѝ припаѓа на војската на Сонцето.

По завршувањето на војната, Лукијан дава опширен опис на биологијата на жителите на Месечината, со што недвосмислено ги претставува како вистински вонземјани. Особено детално го опишува создавањето на „дрвјата-луѓе“, кои настануваат така што на жителите на Месечината им се отсекуваат половите органи, а потоа се засадуваат во земјата. Месечаните се ќелави и без влакна по телото. На секое стапало имаат само по еден прст, а наместо опашка – зелка. Очите можат да си ги вадат и повторно да ги ставаат кога ќе посакаат. Нивната слуз е мед, потта им е млеко, а за своите младенчиња имаат торбички, слични на оние кај торбарите. Уште поневеројатно е тоа што на Месечината нема жени. Склучуваат бракови со мажи, и зборот „жена“ воопшто не им е познат. До дваесет и петтата година од животот секој има улога на сопруга, а по таа возраст – на сопруг. Децата не ги носат во утробата, туку во ножните листови. Кога ќе се создаде ембрионот, ногата почнува да им набрекнува. Некое време потоа, ја засекуваат и од неа го вадат новороденчето мртво. Го оживуваат така што го оставаат со отворена уста да седи спроти ветер Сличноста меѓу овие суштества и современата претстава за класичен вонземјанин е речиси очигледна.

Вештачка интелигенција: Градот на светилките

Кон крајот на романот раскажувачот го опишува Лихнополис, Градот на светилките. Неговите жители се оживеани светилки, кои создале сопствено општество. Самата идеја дека предметите можат да оживеат и да изградат цивилизација претставува изненадувачки рана претходница на концептот што денес би го нарекле вештачка интелигенција. Уште еден технолошки мотив се појавува порано, за време на престојот на Месечината. Таму постои чудесно огледало поставено над еден бунар, во кое секој набљудувач може да види што се случува каде било на Земјата. Со други зборови, Лукијан опишува фантастичен предмет што многу потсетува на телескоп или дури на современ систем за далечинско набљудување.

Утописки и дистописки острови

Еден од честите мотиви во научната фантастика е утопијата – замисла за совршено општество. Еден од најраните примери на ваква книжевност е „Држава“ на Платон, дело што очигледно влијаело и врз Лукијан. При крајот на книгата патниците пристигнуваат на Островот на блажените. Островот е претставен како совршен рај. Градовите се изградени од злато, ѕидовите се од смарагди, низ земјата течат реки од масло, облеката е изработена од пајажина, а земјата изобилува со овошје и цвеќиња. Меѓу неговите жители се наоѓаат многу славни личности од античкиот свет – Одисеј, Ајакс, Сократ и многу други. Верен на својот сатиричен дух, Лукијан ја исмева самата идеја за совршено општество. Тој забележува дека Платон не живее на овој остров, туку во сопствената идеална држава што ја опишал во „Држава“. Со тоа сугерира дека утопијата е само хипотетичка замисла, која постои единствено во мислите на луѓето од несовршениот свет.

Набргу потоа патниците се протерани од островот, бидејќи еден од нив се обидува да побегне со Елена – мала, но очигледна алузија на Тројанската војна. Продолжувајќи го патувањето, тие пристигнуваат на сосема поинакво место. Воздухот мириса на печено човечко месо. Во темнината не можат ништо да видат. Од сите страни се слушаат удари од камшици и крици. Додека се искачуваат по остри карпи, гледаат полиња покриени со ножеви и колци, опкружени со реки од кал, крв и оган. Како директна спротивност на претходната утопија, патниците сега пристигнуваат во место што наликува на дистопија. И дистопијата, исто како утопијата, е чест мотив во научната фантастика – замислено општество што е целосно расипано, сурово и непожелно за живот.

Влијанието на „Вистинска приказна“ на Лукијан врз научната фантастика

„Вистинска приказна“ несомнено влијаела врз жанрот на научната фантастика, оставајќи трага врз многу познати автори. Џонатан Свифт, инспириран од сатиричното, но истовремено фантастично патување на Лукијан, создал свое такво патување во „Гуливеровите патувања“. Во „Неспоредливата авантура на еден Ханс Пфал“, Едгар Алан По пишува за слично патување до Месечината. Антропологијата и биологијата на вонземските суштества, прикажани во „Вистинска приказна“, послужиле како инспирација за „Микромегас“ на Волтер. Несомнено, „Вистинска приказна“ влијаела и врз други познати научнофантастични дела, покажувајќи дека и самата треба да се смета за дело што припаѓа на жанрот на научната фантастика.

„Вистинска приказна“ несомнено ги исполнува типичните критериуми на жанрот научна фантастика, вклучувајќи патување низ вселената, вонземски суштества, колонизација на вселената, меѓупланетарна војна и чудесна технологија. Единствената цел на Лукијан можеби била да создаде претерано апсурден патописен расказ, предизвикувајќи ги своите книжевни претходници. Сепак, правејќи го тоа, тој ненамерно помогнал во создавањето на жанрот на научната фантастика.

Извор: The Collector

Leave a Reply