Необичната секојдневна рутина на Џејн Остин додека ги пишувала своите романи…

Како изгледал еден обичен ден во животот на Џејн Остин и во какви услови настанале некои од најпознатите романи во светската книжевност? Иако денес ја сметаме за една од најзначајните писателки на сите времиња, Остин немала сопствена работна соба, ниту пак тишина и приватност за пишување. Наместо тоа, своите книжевни ремек-дела ги создавала среде секојдневниот семеен живот, со едноставна, но внимателно воспоставена рутина. Во текст објавен на порталот „Mental Floss“ се откриваат нејзините необични писателски навики, малите секојдневни ритуали и начинот на кој успевала да создава приказни што и повеќе од два века подоцна продолжуваат да ги освојуват читателите.

(извор: Stock Montage/GettyImages)

Џејн Остин е авторка на шест класични книжевни дела, меѓу кои се „Разум и чувствителност“, „Гордост и предрасуди“ и „Убедување“. Безвременските теми за љубовта, општествените класи и моралот што ги обработува во своите романи ги освојуваат срцата на генерации читатели, а нејзините дела послужиле како инспирација за безброј филмски и телевизиски екранизации.

И самиот живот на Џејн Остин е предмет на бројни истражувања и голем интерес. Родена е во 1775 година во Стивентон, во англиската област Хемпшир, во многудетно семејство. Голем дел од своето рано образование го стекнала благодарение на неограничениот пристап до богатата библиотека на нејзиниот татко. Почнала да пишува уште како дете, а на возраст меѓу 11 и 17 години создала бројни раскази и книжевни фрагменти. Меѓу својата 19. и 25. година ги напишала првите верзии на романите што подоцна ќе станат познати како „Разум и чувствителност“, „Гордост и предрасуди“ и „Нортангерска опатија“.

Кога Џејн Остин имала 25 години, нејзиниот татко се пензионирал и го преселил семејството во Бат. Четири години подоцна тој починал, оставајќи ги Остин, нејзината сестра и нивната мајка во значително потешка финансиска состојба. Следните години ги поминале живеејќи кај семеен пријател во Саутемптон. Во овој период на неизвесност и нестабилност, Остин не пишувала редовно и не успеала да доврши ниту еден ракопис. Во 1809 година, кога Остин имала 33 години, нејзиниот брат им понудил на мајка си и на сестрите пространа куќа на својот имот во Чотон. Токму таму, и покрај постојаната раздвиженост во домот и честите ненајавени посетители, Остин успеала да воспостави стабилна секојдневна рутина што ѝ овозможила да ги доврши и објави ракописите што ги започнала години претходно, но и да создаде многу нови дела.

Утринската рутина на Џејн Остин

Куќата во која живеела Џејн Остин во Чотон | Фотографија: Ден Китвуд/Getty Images

Џејн Остин била ранобудничка и станувала пред останатите жени во куќата. Првото нешто што го правела секое утро било да седне покрај пијаното и да свири. Понекогаш, во тие рани утрински часови, одговарала на писма, се договарала со домаќинките околу домашните обврски или пешачела до блиското село. Потоа го организирала семејниот појадок, кој секој ден се служел во девет часот наутро и најверојатно се состоел од препечен леб со путер и мали печива. Подготовката и организирањето на појадокот биле единствената секојдневна домашна обврска на Остин. Нејзината сестра Касандра се грижела за најголемиот дел од практичните работи поврзани со одржувањето на домаќинството, за што Џејн ѝ била особено благодарна.

„Ми се чини невозможно да се пишува кога главата ти е полна со мисли за овчешки коленици и дози од караница“, забележала таа во една пригода.

Писателските навики на Џејн Остин

Масата на која пишувала Џејн Остин | Фотографија: Ден Китвуд/Getty Images

По појадокот, Џејн Остин седнувала да пишува. Изненадувачки, таа никогаш не пишувала во самотија. Наместо тоа, секогаш работела во дневната соба, честопати додека нејзината мајка и сестра шиеле во нејзина близина. Нејзиното творење често било прекинувано од посетители, кои знаеле да се појават ненајавено во секој момент.

Вратата од дневната соба секогаш силно чкрипела кога некој влегувал, а според внукот на Остин, Џејмс Едвард Остин-Ли, тоа воопшто не било случајно. Во своите мемоари тој запишал дека Остин им забранила на слугите да ги подмачкуваат шарките на вратата, бидејќи чкрипењето ѝ служело како предупредување што ѝ давало доволно време да го скрие она што го пишувала. Исто така, намерно пишувала на мали листови хартија, токму затоа што можела брзо и лесно да ги тргне настрана кога ќе се појавел некој посетител.

Остин пишувала со перо, седејќи покрај мала оревова маса со три ногарки, поставена во близина на прозорецот. Масата и денес може да се види во нејзината куќа во Чотон. Токму на оваа мала маса ги преработила романите „Разум и чувствителност“, „Гордост и предрасуди“ и „Нортангерска опатија“, а ги напишала и „Менсфилд парк“, „Ема“, „Убедување“ и недовршениот роман „Сандитон“.

Пишувала бавно и внимателно, постојано поправајќи го текстот додека работела. Откако ќе ја завршела првата верзија на некое дело, повторно го прегледувала и преработувала целиот ракопис. Правела редовни паузи, а новите идеи и можните измени често ги осмислувала за време на попладневните прошетки и во вечерните часови. Џејн Остин особено уживала во градинарството и во животот опкружен со природа, а често шетала низ блискиот овоштарник.

„Не можете да замислите – човечката природа едноставно не е способна да замисли – колку прекрасна патека за прошетка имаме околу овоштарникот. Редот букови дрвја навистина изгледа прекрасно“, напишала таа во едно писмо од 1811 година.

Вечерата и вечерните часови во Чотон

Вечерата, која била вториот главен оброк во денот, се служела меѓу 15 и 17 часот. Вечерите биле резервирани за дружење, играње друштвени игри и пиење чај, а околу 19 или 20 часот се послужувале лесни закуски и колачи. Во тие часови Остин често му читала на семејството одломки од своите недовршени романи, а мислењата и забелешките на нејзината мајка и сестра биле важен дел од нејзиниот творечки процес.

Првиот роман на Џејн Остин, „Разум и чувствителност“, бил објавен во 1811 година, а по него следувале „Гордост и предрасуди“, „Менсфилд парк“ и „Ема“. Сите овие дела биле довршени среде секојдневниот метеж и раздвиженоста на семејната куќа, исполнета со разговори, домашни обврски и постојаното присуство на жените од нејзиното семејство.

Џејн Остин починала во 1817 година, на 41 година. Иако нејзините книги дотогаш веќе биле меѓу омилените четива на влијателни личности, вклучувајќи го и идниот крал Џорџ IV, за пошироката јавност нејзиниот вистински идентитет останал непознат сè до нејзината смрт.

Извор: The Mental Floss

Leave a Reply