Што читаше Кафе и книги во октомври?

Есента е во полн ек, започнаа дождовите и студеното време, а и деновите се веќе многу кратки. Многумина се растажуваат на оваа помисла, но за љубителите на книги ова е совршено време за читање, па затоа доколку ви треба инспирација, можеби ќе ја најдете во оваа листа со препораки!

„Крпач, Кројач, Војник, Шпион“ – Џон ле Каре

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт:
Доколку сте љубители на трилери и шпионски приказни, ова е одлична книга за вас! Џон ле Каре со право се смета за еден од најдобрите писатели од овој жанр, начинот на кој ја ткае приказната и ве вовлекува во еден возбудлив свет на интриги и сплетки е неверојатен. Џорџ Смајли е еден од неговите најпознати ликови, а овој роман е еден дел од неговиот серијал поврзан со Смајли. Дејството е сместено непосредно околу периодот на Студената војна, а Џорџ Смајли е веќе пензиониран контраразузнавач, односно шпион, кој целата кариера ја поминал во британската тајна служба, односно т.н Циркус.

Еден ден, тој се среќава со неколкумина поранешни колеги и дознава дека има сомнежи дека во службата има „крт“ кој издава и пренесува чувствителни државни тајни, а има големи шанси сето тоа да е поврзано со неговиот претходен шеф Контрола и со случајот кога еден шпион бил застрелан во Чехословачка неколку години претходно. И покрај немирите во неговиот приватен живот и разочарувањето од тоа како си заминал од службата, Смајли решава да навлезе во случајот и да допре до сржта на нештата каде што се кријат многу тајни, но и преку тој случај Смајли навлегува и во клопката на сопствениот живот.

Неверојатно напишана книга, одлична приказна, целата приказна е обвиена со мистериозна и меланхолична атмосфера и понекогаш на читателот може да му делува дека ништо не се случува, но сепак се фаќа себеси како е на штрек, како постојано да има некаква опасност во близина. Каре ве внесува во неговото магнетно поле без да забележите и не ве пушта од својот стисок додека не завршите со приказната.

„Нескршливото срце на Олива Денаро“ – Виола Ардоне

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4.5
Осврт:
Светот во којшто живееме е далеку од совршен, а ширум светот постојано се случуваат трагедии и неправди кои се чини дека никогаш не престануваат. Сепак, кога ќе погледнеме наназад во минатото, неспорно е дека во многу нешта сме постигнале напредок, особено во однос на правата на жените. Оваа книга е еден вид рефлексија на тоа колку бил трнлив патот на жените за да бидат сметани за рамноправни во општеството, за да добијат правда и независност самите да одлучуваат за себеси, наместо да бидат сметани за „имот“ кој само треба да пренесе од таткото на сопругот.

Инспириран од вистинска приказна, овој роман се фокусира на младата Олива Денаро која расте во едно село во Сицилија и која целиот живот слуша за тоа дека местото на жената е во кујната, да биде сопруга и мајка и дека образованието не е за жените. Во периодот кога има 15-16 години, нејзиниот живот се чини дека веќе е решен: ќе го напушти училиштетот и ќе се вери со добро момче кое ќе го одобрат нејзините родители. Но, по еден ужасно трауматичен настан, Олива е ставена пред навидум невозможен избор: или да се омажи со оној кој ја силувал или да се бори со систем кој однапред решил дека жената треба да ја докажува својата чест со тоа што ќе се омажи за оној кој ја обљубил.

Олива уште многу млада осознава многу тешки лекции и за нејзината кревка возраст мора да донесе одлуки кои не би требало никој да ги прави. Ние како читатели со неа ја минуваме целата нејзина голгота, но и нејзиното созревање и осознавање на светот кој е суров, но за кој вреди да се бориме за да го направиме подобар: за нас, но и за жените пред нас, но и за сите жени кои ќе дојдат по нас. Трогателна и потресна приказна, напишана на лесен и едноставен начин, но длабоко допира до оној што ја чита.

„Сите песни паф“ – Жарко Кујунџиски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Веќе почна есента, а есента е одлично време за поезија и стихови, па затоа решив месецов да посветам и на македонска поезија и македонските стихови и се одлучив за поетската збирка на Жарко Кујунџиски. Се работи за една пообемна поетска збирка, составена од, како што е наведено и под насловот на самата збирка, „некогаш и некаде објавена и никогаш и никаде објавена поезија“, поделена во неколку делови кои го одбележуваат поетското патување и творење на Жарко Кујунџиски. Како што и самиот опис кажува, дел од нив веќе биле објавени, а дел првпат се појавуваат во оваа збирка.

Се работи за едно одлично издание со многу интересни песни, целата збирка е некако разиграна, но и дисциплинирана, занимавајќи се со различни тематики, а во дел од нив може секој да пронајде. Голем дел од песните даваат чувство како да се кажани во еден здив, како да се кажани во миг на потреба да се каже нешто, а за дел од нив додека ги читав имав чувство како да се кажани по долг момент на молк, кога нешто се држело во себе, па во одреден миг морало да излезе надвор од себе. Барем такво чувство ми даде на мене.

Одлична збирка на која човек може постојано да ѝ се навраќа и секојпат да наоѓа нешто свежо и ново меѓу стиховите. Доколку сте љубители на поезија, дефинитивно треба да ја земете оваа книга во рака!

„Писма“ – Игор Исаковски

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Игор Исаковски денес се смета за еден од најзначајните современи писатели во македонската поезија и македонската (книжевна) јавност го знае по неговите неверојатни стихови и збирки, а малку познато е неговото дело „Писма“, кое всушност е неговата дебитантската книга, објавена кога бил многу млад.

Книгата е напишана во форма на писма и иако се работи за првенче и иако Исаковски бил многу млад, сепак доколку сте ги читале неговите песни, може да ги насетите контурите на персоната на Исаковски која подоцна излегува на површина во неговите песни: директна, бунтовна, енергична, помалку и застрашувачка и несопирлива.

Дополнително, се работи и за интересна временска каписла од крајот на 80. години на 20 век, потсетник на едно Скопје кое веќе го нема, не само физички, туку и духовно. Додека ја читате ќе се потсетите на многу култни места што сигурно ќе ви разбудат спомени, а кои веќе одамна не работат, се чини како оваа книга да го замрзнува времето и ги држи спомените не само на оној што ја напишал, туку и на оној што ја чита (дури и ако не е сосема негова генерација).

Книга напишана од млад човек чиј живот е пред него, одраз на младешка бунтовност и млад човек фатен во брзината на животот и навлегувањето во светот на возрасните, живеејќи го животот лудо и брзо, трудејќи да го живее животот со полни гради, но и трудејќи се да го најде сопствениот пат и сопственото место под сонцето, но и да го најде смисла на животот и да го разбере она што се случува околу него. На моменти раскажувањето ме потсети на Буковски, што е интересно, бидејќи во книгата има референца на Буковски.

„Две години, осум месеци и дваесет и осум ноќи“ – Салман Ружди

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 3/5
Осврт
: Доколку сакате фантастични, необични, провокативни приказни што во себе содржат и филозофија и историја, оваа книга дефинитивно ќе ви се допадне. Оние коишто веќе го читале Ружди и тука ќе ги препознаат главните карактеристики од неговите книги: градење на еден необичен свет во кој често се преминува границата меѓу реалноста и фантазијата, митот и вистината, свет во кој има многу ликови и секој од нив служи за одредена цел за да ја движи приказната, додека истовремено Ружди се обидува даде и еден вид на современа интерпретација на „Илјада и една ноќ“, и тоа воопшто не е суптилно, бидејќи и самиот наслов е алузија на „Илјада и една ноќ“, т.е две години, осум месеци и дваесет и осум ноќи изнесуваат 1.001 ноќ.

Романот започнува со приказна за филозофот Ибн Рушд и мистериозната Дуња принцеза од светот на џиновите и џиниите. Нивната љубовна врска ќе има последици што ќе се почувствуваат многу векови подоцна. Кога границата меѓу човечкиот и натприродниот свет почнува да се распаѓа, Земјата станува сцена на судир меѓу разумот и суеверието, љубовта и омразата, редот и хаосот. и доаѓа до судир меѓу доброто и злото.

Интересна и необична приказна, иако за разлика од претходните книги на Ружди што сум ги читала, на моменти премногу се развлекува и се движи во разни правци што прави малку да се разводни самата приказна. Се чини дека ова дело на Ружди е малку преамбициозно за свое добро и не ја остварува својата амбициозност во целост. Но, дефинитивно ќе ве изнесе надвор од вашата зона на удобност.

Leave a Reply