13 Ноември е Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичката окупација во Втората светска војна. Денес го одбележуваме денот кога Скопје повторно почнало слободно да живее. По тој повод, денес читаме прекрасни стихови за Скопје!
Скопје – Блаже Конески
Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче – чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е – зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто – молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!

