Книгите имаат моќ да нè утешат, да ни го разубават денот и барем за миг да нè однесат далеку од секојдневните грижи. Токму на таа идеја се темели хуманитарната акција „Книга за друштво“, чија цел е да им подари малку радост, надеж и топлина на пациентите кои примаат хемотерапија на Клиниката за онкологија. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога особено се потсетуваме на важноста на солидарноста и малите гестови на внимание, се организира хуманитарната акција „Книга за друштво“, која ќе трае од 13 ноември до 15 декември 2026 година.

Идејата е едноставна, но прекрасна – да подариме книга што некому ќе му биде друштво во тешките моменти, ќе му го исполни времето со интересна приказна или ќе му донесе насмевка во деновите поминати на лекување.
Како можете да се вклучите?
За да станете дел од оваа хумана иницијатива, потребно е да изберете книга од кој било жанр, нешто што сметате дека би му се допаднало на идниот читател. Книгата можете да ја купите во книжарниците „ТРИ“ и „Матица“, кои се вклучени во акцијата, во нивните физички продавници или преку нивните онлајн продавници. При купувањето, важно е да нагласите дека книгата е наменета за хуманитарната акција „Книга за друштво“.
Доколку купувате во физичка книжарница, доволно е да го известите продавачот. Ако купувате онлајн, во полето за забелешка наведете дека книгата е наменета за акцијата и дека треба да биде доставена во продавницата на книжарницата. Можете да ја изберете и опцијата „Подигање од продавница“. Оние што сакаат да купат книга од друго продажно место можат да се обратат на електронската адреса petkovskata@gmail.com, каде што ќе добијат дополнителни информации за начинот на донирање.
Подарете книга, но и неколку убави зборови
Она што ја прави оваа иницијатива уште посебна е можноста секоја подарена книга да носи и лична порака. Организаторите ги охрабруваат сите што ќе се вклучат да напишат кратка посвета, убава мисла или неколку зборови на охрабрување за непознатиот читател. Можеби токму тие зборови ќе му го разубават денот некому, ќе му донесат насмевка или ќе го потсетат дека не е сам. Сите собрани книги ќе бидат лично подарени на пациентите кои примаат хемотерапија на Клиниката за онкологија.
Понекогаш не е потребно многу за да направиме нешто убаво за друг човек. Една книга, неколку искрени зборови и малку внимание можат да значат многу. Затоа, овој декември, покрај книгите што ги избираме за себе и за нашите најблиски, да избереме уште една – за некој што не го познаваме, но кому можеме да му подариме малку радост.
