Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (3)

Неделната рубрика за промовирање и предложување книги кои ја добиле Пулицеровата награда продолжува. По првиот и вториот дел, денес предложувам пет нови книги добитници на Пулицеровата награда. Се обидувам петте книги да не бидат временски премногу блиски (1-2-3 години) за да има поголема разновидност. 🙂

Оваа недела, изборот падна на следните книги:

1.  „Плодови на гневот“ – Џон Штајнбек

~ „Не постои грев и не постои доблест. Постојат само работи кои луѓето ги прават.” ~

Овој прекрасен роман кој ја добива Пулицеровата награда во 1940 година, ни дава преглед на времето на Големата депресија и движењето кон Запад на едно семејство и за една нација која е во потрага по работа и човечко достоинство. Кога се пишува за оваа книга многу често можете да налетате на коментарот дека е „најамериканската книга од сите американски класици“.

Книгата се фокусира на едно сиромашно семејство кое заради суша, економски проблеми и промени во финансиските и земјоделските индустрии е приморано да се пресели од својот дом во Оклахома. Заради нивната безнадежна ситуација тие се стационираат во Калифорнија, каде заедно со илјадници други луѓе пробуваат да обезбедат работа, земја и иднина за себе.

Кога се подготвувал да ја пишува книгата, Штајнбек напишал: „Сакам да ставам етикета на срамот на сите оние алчни копилиња кои се одговорни за ова {Големата депресија и нејзините ефекти}. Со оваа книга, Штајнбек ја добил наклонетоста на работничката класа, највеќе заради фактот дека самата книга гаи симпатии кон работничкото движење, како и лесниот стил на пишување разбирлив за секого.

2. „Патување во мракот“- Мартин Флавин

„Патување во мракот“ ја добива Пулицеровата награда во 1944 година, а интересен е фактот што и ден денес не е многу позната за пошироката публика. Оваа книга е приказна за Сем Брејден, од неговото детство до неговата старост. Сем е роден во сиромашно семејство, мора да го напушти училиштето на 15 години за да работи во продавница и да им помогне на родителите, а потоа работи и во телеграфска компанија, па влегува во бизнис со ѕидни тапети, а на крај стигнува до тоа да поседува сопствена инвестициска компанија.

Книга за човек кој од сиромаштијата се издигнува во човек со успешен бизнис, благодарејќи на неговата амбиција, снаодливост и интелигенција. Секако, како и во животот на секој човек, Сем се соочува со неуспеси на приватен план. Се заљубува во погрешна жена, а прави грешки и со своите пријатели и својот син.

3.  Работ на тагата“ – Едвин О’Конор

Потресна приказна за отецот Хју Кенеди, алкохоличар во процес на лечење, кој се враќа во Бостон за да ја поправи неговата парохија, која има претрпено многу штети. Во тој процес, тој е во вовлечен во светот на семејството Кармоди, просперитетно ирско семејство полно со страст и обвиено со многу тајни. Оваа книга е приказна која навлага во тајните на благосостојбата и обновувањето на сопствениот живот, приказна за пријателството и копнеењето и приказна за осаменоста и духовноста која пробива пат кон надежта. Книгата ја има добиено Пулицеровата награда во 1962 година.

4. „Надворешни работи – Алисон Лури

Добитникот на Пулицеровата награда во 1985 година е приказна за Вирџинија Мајнер, 50-годишна, немажена професорка која престојува во Лондон за да работи на нејзината нова книга за детски фолк рими. И покрај тоа што има американски пасош, таа се чувствува како Британка и со презир и ароганција гледа на нејзините американски сонародници. Но, и покрај тоа, таа започнува застрашувачка и задоволителна врска со турист од Оклахома. Истовремено, во Лондон се наоѓа и колегата на Вини, Фред Турнер, згоден, банкротиран, тазе разведен и длабоко мизерен млад маж кој се обидува да се фокусира на сопствените истражувања. Наместо тоа, тој е привлечен од прекрасна и непредвидлива англиска актерка и на светот на кому таа припаѓа.

5. Денот на независноста – Ричард Форд

~ „Сѐ е ова природен дел од процесот на стареење, кога наоѓаш сѐ помалку работи кои можеш да ги правиш и многу можности за да се јадеш одвнатре и да се каеш за сѐ што си направил.“ ~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1996 година е продолжение на романот „Спортскиот писател“ од 1986 година. Приказната се концентрира на Френк Баскобми, агент за недвижности во Њу Џерси, кој за време на викендот за Денот на независноста на САД оди да ги посети неговата поранешна жена, темпераментниот син, жената со која во моментот се гледа, човекот кој е одговорен за некој од неговите објекти и со клиенти кои сакаат да ја најдат совршената куќа. Заедно со неговиот син патуваат кон кошаркарската хала на славните. „Денот на независноста“  е книга која навлага длабоко во анализа средновечните години и како човек кој еднаш ќе влезе во нив, трага по сопственото место под сонцето и бара среќа за себеси.

~~~~~

Со ова завршува и третиот дел од „Предлог-листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда“. Се надевам дека во некоја од досегашните делови најдовте можен предлог за читање, нешто што ви го привлече вниманието. Листата ќе продолжи и наредната недела. 🙂

11 comments

Leave a reply to Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (осми дел) | Кафе и книги Cancel reply