Трето издание на Денови на поезијата во „Скопје сити мол“!

По двете исклучително успешни изданија на Денови на поезијата, годинава повторно ќе уживаме и ќе ја славиме поезијата и стиховите. Од утре до 16 мај, во трговскиот центар „Скопје сити мол“ ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата, во организација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и со тоа, како што се наведува во соопштението, продолжуваат да се градат „мостови меѓу поетските генерации: од основоположниците, преку афирмираните автори, до најмладите гласови што допрва ги обликуваат идните хоризонти на македонската поезија.“

(извор: официјалниот настан на Фејсбук)

Манифестацијата и годинава ќе започне со одбележување на значајни јубилеи на низа истакнати македонски автори: Васил Куноски и Волче Наумчески (1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), како и Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946), а во рамки на манифестацијата ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски (95 години), Иван Чаповски (90), Ефтим Клетников (80), Катица Ќулавкова и Ванчо Полазаревски (75), како и Гордана Јовиќ-Стојковска (65).

Во текот на овие денови, во рамки на настаните „Во дослух со Шопов“, „Поети и препеви“ и „Ново раѓање на зборот“, учество ќе земат и современи македонски поети и поетеси како Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин, додека почесна гостинка на Деновите е естонската поетеса Дорис Карева, еден од најзначајните современи европски поетски гласови.

Музиката и поезијата одат рака под рака, па така во Синеплекс свој настап ќе има ПОЕТРОНИКА и проектот „Кон Ацо Шопов“. Во поглед на музичкиот дел, со оглед на тоа дека годинава се одбележуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски беше еден од иницијаторите на фестивалот, на 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и „Скопје Сити Мол“ ќе се претворат во поетско-музички лавиринт низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов.

Предвидена е и интерактивна програма со учество на ученици и ученички од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, а се очекува и голем број ученици и ученички да земат учество на Државниот рецитаторски натпревар за основно и средно образование, што ќе се одржи во рамките на манифестацијата во Синеплекс. Организаторите најавуваат дека програмата ќе заврши со претставување на најновата поетска генерација. Овојпат, во чест на Анте Поповски, ќе настапат млади добитници и добитнички на наградите што го носат неговото име. Организаторите исто така наведуваат дека Деновите на поезијата се првата македонска поетска манифестација вклучена во програмата „Поетска пролет“ – реномирана француска иницијатива што прерасна во важна меѓународна платформа за поетска и културна размена, а уште еден новитет е тоа што во рамките на манифестацијата ќе се одржи и Поетски саем на книгата.

Деновите на поезијата се одржуваат во соработка со бројни партнери како: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за музичка уметност, Македонскиот ПЕН центар, Сојузот на здруженијата за македонски јазик и литература, издавачките куќи: ПНВ Публикации, Култура Бета, Литература.мк и Чудна шума, како и киното „Синеплекс“.

За повеќе детали околу програмата и сите настани, следете го официјалниот настан на Фејсбук и официјалната страница на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“

Leave a comment