Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (5)

Традиционално, продолжувам со неделните препораки од книги што добиле Пулицерова награда. По првиот, вториот, третиот и четвртиот дел, денес одиме со нови препораки.

Па да видиме кои книги денес влегоа во изборот:

1. „Мостот Сан Луис Реј“ – Торнтон Вајлдер

~ „Сега тој ја откри тајната од која никој никогаш целосно не се опоравува. Дозна дека дури и во најсовршената љубов, едниот секогаш сака помалку од другиот. Може да постојат двајца еднакво добри, еднакво талентирани, еднакво убави, но не може да постојат двајца што сакаат еднакво.“ ~

Оваа книга ја доби Пулицеровата награда во 1928 година. „На 20 јули 1714 година, во петок напладне, најдобриот мост во Перу се сруши и трагично зема со себе пет патници во заливот под него.“ Со оваа прославена реченица, Вајлдер ја започнува оваа книга, која денес има статус на култна книга и е преведена на многу јазици ширум светот.

Сосема случајно, еден свештеник сведочи на трагедијата. Отецот Џунипер си дава задача да докаже дека рушењето на мостот и смртта на патниците што исчезнаа во трагедијата е дело на Божја сила, а не случајност. Неговата потрага го води кон сопствената смрт и до безвременската фантазија на авторот за природата на љубовта и постоењето на човекот.

2.  „Приказни од Јужниот Пацифик“ – Џејмс А. Миченер

~ „Посакував да можев да ти кажам за Јужниот Пацифик. За тоа како навистина изгледаше. Бескрајниот океан. Бесконечните корални точки кои ние ги нарекувавме острови. Кокосови палми кои елегантно се нишаа кон океанот. Заливи над кои брановите се кршеа и лагуни кои беа прекрасни, многу повеќе од секој опис кој постои. Би сакал да ти кажам за испотената џунгла, полната месечина која изгреваше позади вулканите и чекањето. Чекањето. Чекањето без крај, чекањето кое постојано се повторува.” ~

За оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1948 година, „Њујорк Тајмс“ напиша: „Ова е навистина една од највпечатливите книги што излегле од војната. Г-динот Миченер е роден раскажувач“.

Ова е книга која нѐ воведува во егзотичниот свет на Јужниот Пацифик, книга која нѐ запознава со еден маж и една жена кои се фатени во драмата на Големата војна. Младиот војник лудо се заљубува во прекрасна девојка. Ќе ги запознаете и медицинската сестра Нели и нејзината француска помошничка Емили де Беск. Приказна за војниците, морнарите и медицинските сестри кои ја играат својата улога во војната и ја чекаат љубовта во тропскиот рај.

3. „Ангелите убијци“ – Мајкл Шара

~ „Зошто мора да постојат такви луѓе, луѓе кои уживаат кога друг човек умира?“ ~

Во четирите најкрвави и најхрабри денови во историјата на Америка, две војски се бореле за два сона. Едните сонувале за слобода, другите за поинаков начин на живот. Во оваа битка имало многу повеќе од пушки и куршуми. Војниците со себе донеле спомени, ветувања, љубов. И не умреле само луѓе во тие полиња во Пенсилванија. Скршените иднини, заборавената невиност и уништената убавина биле исто така жртви на војната.

Оваа книга е уникатна, емотивна, незаборавна – драматична реконструкција на боиштето за судбината на Америка, книга што ја доби Пулицеровата награда во 1975 година.

4. „Дневниците на Стоун“ – Керол Шилдс

~ „Во сечиј живот има поглавја кои многу ретко се читаат и секако не на глас.“ ~

„Дневниците на Стоун“ е приказната за една обична жена и нејзиното патување низ животот. Родена во 1905 година, Дејзи Стоун Гудвил лута низ улогите на дете, жена, вдовица и мајка и конечно нејзината старост. Немирна затоа што не може да го најде нејзиното место во сопствениот живот, Дејзи се обидува да најде начин да ја раскаже својата приказна. Таа слуша, набљудува и преку својата фантазија станува сведок на сопствениот живот: нејзиното раѓање, смрт и недостатокот на комуникација која таа го открива помеѓу сето тоа.

Борбата на Дејзи да се најде себеси во својот живот е парадигмата на нашата ера. Интелигентна и сочувствителна што го обработува човековото срце, Керол Шилдс ја создала оваа книга која е топла и поучна за сите. Затоа и ја добила Пулицеровата награда во 1995 година.

5. „Прекрасните авантури на Кавалиер и Клеј“ – Мајкл Шабон

~ „Неколку секунди лежеа таму, во темнината, во иднината, слушајќи го гламурозниот часовник на нивните срца и бели дробови, сакајќи се.“ 

Џо Кавалиер, млад еврејски уметник обучен за уметностата на бегствата и исчезнувањата на Худини, успева да се проникне и да избега од Прага, град окупиран од нацистите и оди во Њујорк. Семи Клеј, неговиот братучед што живее во Бруклин, е во потрага по партнер за да создава херои, приказни и уметност за најновиот хит во Америка – стриповите.

Цртајќи врз сопствените стравови и соништа, тие ги создаваат Бегачот, Набљудувачот и Луна Мот, инспирирана од прекрасната Роса Сакс која ќе биде силно поврзана и со двајцата. Со прекрасен стил и елеганција на пишување, Шабон ја раскажува незаборавната приказна за американската романса и можности и ја доби Пулицеровата награда во 2001 година.

6 comments

  1. […] И официјално започна пролетта и прекрасните сончеви денови. За љубителите на книги тоа значи преубава можност да се искористи сонцето на некоја клупа во парк со книга во рака и убаво кафе. Како и секоја недела, продолжува предлог листата за читање која е составена од книги кои добиле Пулицерова награда. Доколку не сте ги виделе претходните предлози, тоа може да го направите, тука, тука, тука, тука и тука. […]

    Like

Leave a reply to Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (деветти дел) | Кафе и книги Cancel reply