Како и претходните недели, продолжувам со предлог-листа од пет книги што ја добиле Пулицерова награда. Претходните изданија погледнете ги тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука.
Еве ги новите пет предлози:
1. „Алис Адамс“ – Бут Таркингтон

~ „Дали животот е создаден за да го трошиш своето време замислувајќи работи што не постојат и никогаш нема да постојат? Убави работи секогаш им се случуваат на другите луѓе; зошто јас да бидам една од оние на кои никогаш не им се случуваат?“ ~
Бут Таркингтон секогаш знаел како да избере и напише интересна приказна, со многу чувство и на многу убав начин. Заради тоа, два пати ја добил Пулицеровата награда. Еднаш во 1919 година за книгата „Величествените Амберсонови“(книга што беше предлог минатата недела) и еднаш во 1922 година за книгата „Алис Адамс“, која е овонеделен предлог за читање.
Алис Адамс е ќерка на брачен пар од средна класа, но очајно сака да влезе во елитните друштва и високото општество во нејзиниот град. Сепак, нејзините амбиции се ограничени од реалноста и нејзината финансиска ситуација, а таа го прифаќа тоа со многу стил и елеганција. Критичарите велат дека Алис Адамс е најдобриот лик кој Бут Таркингтон некогаш го развил и напишал на хартија.
2. „Во овој наш живот“ – Елен Глазгоу

~ „Човечката природа. Никогаш не ми се допаѓала човечката природа, но луѓето ми се допаѓаат.“ ~
Оваа книга, која ја добила Пулицеровата награда во 1942 година, е аналитичка студија за чувството за роднинска поврзаност и сродство кое е манифестирано во семејството Тимберлејк, пропаднати аристократи кои живеат во еден јужњачки град. Ова е приказна за два брака кои се распаднати и тешко зло кое е нанесено на невино црномуресто момче. Во поголемиот дел, приказната е раскажана од шеесетгодишниот Аса Тимберлејк, сопруг на жена која е хипохондрик, татко на две ќерки, едната себична и ептен женствена, а другата храбра и галантна, но збунета и несреќна.
3. „Подарокот на Хамболт“ – Сол Белоу

~ „Постојано ги правиме истите работи и тоа со ужасна предвидливост. Па така, на човек може да му биде простено, барем кога станува збор за ова, за тоа што сака барем да биде поврзан со убавина.“ ~
Оваа книга, која му ја донесе на Сол Белоу Пулицеровата награда во 1976 година, на некој начин е комична книга за смртта, а Хамболт е моделиран на основа на поетот Делмор Шварц. Чарли Цирин, интелектуалец, средновечен автор на наградувани биографии и драми, размислува за две значајни фигури и филозофии во неговиот живот: Фон Хамболт Флејшер, починат поет кој му бил ментор и Риналдо Кантабил, ситен мафијаш кој придонел за пропаста на Хамболт.
Хамболт го научил Чарли дека уметноста е моќна и дека човек секогаш треба да биде верен на сопствениот креативен дух. Финансискиот советник на Чарли секогаш го советувал Чарли да ја користи уметноста за да добие профит. Книгата ги следи двоумењата на Чарли и неговата борба за да го пронајде сопствениот пат и насока во животот.
4. „Преведувачот на болести“ – Џумпа Лахири

~ „Понекогаш сум толку збунета од секоја милја која сум ја пропатувала, секој оброк кој сум го јадела, секоја личност која сум ја запознала, секоја соба во која сум спиела. Колку и да изгледа обично сето тоа, понекогаш ја надминува мојата фантазија.“ ~
Движејќи се помеѓу индиските традиции и новиот модерен свет, ликовите во оваа елегантна и трогателна книга, која ја доби Пулицеровата награда во 2000 година, се во потрага по љубов што ги надминува бариерите на културите и генерациите. Еден преведувач води еден млад американски пар со индиско потекло низ Индија од каде поттекнуваат нивните предци и се соочуваат со признание што ќе ги остави шокирани.
5. „Златно трнарче“ – Дона Тарт

~ „Држи се подалеку од оние кои многу ги сакаш. Тие се оние кои ќе те убијат.“ ~
Оваа книга ја доби минатогодишната Пулицерова награда, т.е во 2014 година. Приказна со шокантна наративна енергија и моќ која го хипнотизира читателот да продолжи да ја чита. Оваа книга преку својата приказна за Тео кој по смртта на неговата мајка и напуштен од сопствениот татко е земен под закрила на едно богато семејство, ги истражува филозофиите и мистериите на љубовта, идентитетот и уметноста. Прекрасна книга која ќе ве држи будни цела вечер, традиционална приказна за загубите и опсесијата, за преживувњето и себеоткривањето, како и за суровоста на судбината.

[…] Рубриката продолжува и оваа недела. Одлично време за нови книги и нови избори. Погледнете кои 5 книги добитнички на Пулицеровата награда влегоа во овонеделниот избор. Претходните изданија погледнете ги: тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука. […]
LikeLike