Погледнете ги промотивниот постер и промотивното видео за новата екранизација на „Гордост и предрасуди“!

Една од најомилените љубовни приказни во светската книжевност наскоро повторно оживува на малите екрани. „Нетфликс“ ги претстави новото промотивно видео и промотивниот постер за долгоочекуваната екранизација на „Гордост и предрасуди“, безвременскиот роман на Џејн Остин, кој повеќе од два века ги освојува читателите ширум светот. Како што веќе пишувавме на блогот, новата екранизација ќе биде мини-серија од шест епизоди, а нејзината премиера е закажана за 3 декември 2026 година, a досега веќе беше објавено едно кусо промотивно видео.

Во улогата на остроумната и независна Елизабет Бенет ќе ја гледаме Ема Корин, позната по улогата на принцезата Дијана во серијата „Круната“ (The Crown), додека мистериозниот и горделив господин Дарси ќе го толкува Џек Лауден, познат по серијата „Бавни коњи“ (Slow Horses). На актерската екипа ѝ се придружуваат и оскаровката Оливија Колман како госпоѓа Бенет, Руфус Сјуел како господин Бенет, Фреја Мејвор како Џејн Бенет, Дерил Мекормак како господин Бингли и Луис Партриџ како господин Викам. Во серијата ќе настапат и Фиона Шо како леди Кетрин де Бург и Џејми Деметриу како господин Колинс.

Netflix

Сценариото за сите шест епизоди го потпишува британската писателка и сценаристка Доли Алдертон, авторка на бестселерот „Сè што знам за љубовта“ (Everything I Know About Love), додека режијата му е доверена на Еурос Лин. Според најавите, новата екранизација ќе остане верна на оригиналниот роман од 1813 година, но форматот од шест епизоди ќе овозможи подлабоко истражување на ликовите, нивните меѓусебни односи и некои од приказните што во претходните адаптации добиле помалку внимание.

„Гордост и предрасуди“ досега доживеа повеќе успешни екранизации, меѓу кои особено се издвојуваат телевизиската серија на Би-би-си од 1995 година, со Колин Ферт и Џенифер Или во главните улоги, и филмот од 2005 година, со Кира Најтли и Метју Макфадјен.

Останува да видиме како новата генерација актери ќе ја оживее незаборавната приказна за Елизабет Бенет и господин Дарси, за љубовта што се раѓа наспроти првите впечатоци, гордоста и општествените предрасуди.

Додека ја очекуваме премиерата, ѕирнете во новото промотивно видео што ни открива дел од атмосферата на ова ново толкување на книжевниот класик.

Извор: Netflix

Leave a Reply