Среќен Светски ден на книгата!

Драги љубители на книгите и вљубеници во пишаниот збор, среќен Светски ден на книгата!

23 април е прогласен за Светски ден на книгата од страна на УНЕСКО, со цел да го промовира читањето, издаваштвото и авторските права. 23 април се слави како Светски ден на книгата уште од 1995 година.

tumblr_static_tumblr_static_32gm8o4keu04ckw84oog8kgwk_640

Зошто баш 23 април?

Приказната за тоа зошто е избран овој датум е многу интересна. Првичната идеја да се слави овој датум започнала уште во далечната 1923 година и тоа во Шпанија. Идејата била на Висенте Клавел Андрес, писател од Валенсија. Тој сметал дека потребно е да се најде начин како да се слави ликот и делото на Мигел де Сервантес (авторот на „Дон Кихот“). Тој предложил да има две чествувања: едното да биде на 7 октомври (датумот на раѓање на Сервантес) и на 23 април (денот кога починал).

Во 1995 година, УНЕСКО го одбрале 23 април за Ден на книгата и авторските права, затоа што 23 април истовремено е и денот кога починал доајенот на драматургијата, Вилијам Шекспир, но и уште неколку големи имиња од светот на книжевноста.

Еден од поинтересните историски факти е тоа што и Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир починале на истиот датум, 23 април 1616, но не и на истиот ден. Имено, во тоа време, Шпанија се водела според Грегоријанскиот календар, а Англија според Јулијанскиот календар, па така, Сервантес всушност починал 10 дена пред Шекспир, иако датумот е ист.

tumblr_m74u4i7a8h1ql137zo1_r1_500

Книгите се најдобри пријатели, придружници, учители…

Што да се каже на овој ден? Што повеќе би можел човек да каже за моќта на книгата? Всушност, со секој прочитан ред, со секое прочитано поглавје и книга, ние го славиме читањето, ги славиме прекрасните книжевни умови кои нашите животи ги прават побогати, посреќни. Книгите нѐ формираат и обликуваат како личности и тоа многу тивко, незабележливо. Читаш и слободен си. Читаш и кога по некое време се навраќаш назад, сфаќаш дека секоја книга (дури и оние кои не ти се допаднале) влијаела на твоето оформување како човечко суштество.

Има нешто толку магично во способноста на книгата да проникне длабоко во душата на човекот и преку приказните и случките кои им се случуваат на други луѓе во други времиња и на други места, да направи да научиме нешто за самите себе и да се спознаеме себеси.

Книгата е најверен пријател. Никогаш не осудува, никогаш не се расправа, никогаш не „соли“ памет. Книгата е покрај нас и во најтешките времиња и мудро, како што книгата само тоа го може, ни подава рака за да излеземе од лавиринтите и хаосот на животот.

И затоа сме им бескрајно должни на книгите. Без нив светот ќе продолжи да биде темно и сиво место, а нашите животи би биле многу празни и ќе им недостига боја и магија.

Среќен Светски ден на книгата, секој ден нека биде Ден на книгата! ❤

 

 

One comment

  1. […] 23 април е официјалниот Светски ден на книгата прогласен од страна на УНЕСКО. На блогот веќе имам пишувано за историјата на Светскиот ден на книгата и зошто се прославува и тоа можете да го прочитате тука. […]

    Like

Leave a reply to Светски ден на книгата: Зошто денес читањето е поважно од кога било? | Кафе и книги Cancel reply