Практиката на палење книги не е нешто ново, книги се горат и палат уште откога постои книгата и пишаниот збор, но тоа никогаш никому не донело нешто добро. Австрискиот поет Ханјрих Хајне има напишано: „Онаму каде што се палат книги, на крај ќе се палат и луѓе.“ Тоа го напишал во 19 век, а по неколку декади од оваа напишана реченица, светот сведочеше на палење книги од страна на нацистите и сите знаеме како заврши тоа на крај. Трагично, ужасно, катастрофално…
Живееме во време на декларации за човекови права, борба за слободна мисла и слобода на говор, а некаде сѐ уште не се разбира тој концепт на слобода, самите ние да одбереме што ќе читаме и како тоа ќе влијае на нашиот ум и како ќе го обликува на нашето размислување.

(Извор: Global Village Space)
Одредени книги сѐ уште се забрануваат низ целиот свет, а последниот поразувачки пример од Полска ни покажува дека и покрај тоа што влеговме во 21 век, практиката на горење книги не планира наскоро да изумре.
Имено, Фондацијата „СМС од небото“ на Фејсбук постираше слики од свештеници кои пред неколку дена се собраа во полскиот град Гданск и организираа „церемонија“ на палење книги, особено книги кои промовираат магија, како книжевниот серијал „Хари Потер“ и „Самрак“.
На сликите, може да се види како огнени пламени проголтуваат предмети како: мала африканска маска, мала будистичка статуетка, статуетки во вид на слонови и книги за личен развој и магија, како и книгите на Џ.К.Роулинг. Сите тие биле донесени од верници кои биле поттикнати од свештениците кои им препорачале да ги „исчистат своите домови од предмети кои имаат зли духови.“
Католичката црква која е многу влијателна во Полска е против книжевниот серијал „Хари Потер“, велејќи дека промовираат магионичарство. На сликите објавени од страна на фондацијата, може да се видат свештеници како ги гледаат предметите кои горат. Од фондацијата велат дека палењето книги имало намера да ги предупреди верниците за лошото влијание кое доаѓа од магионичарството и „окултното“.

(Извор: Sky News)
Голем број од коментарите на објавата на Фејсбук беа негативни и ја критикуваа оваа „акција“, споменувајќи ги нацистите, а некои и прашаа дали следно на агенда е и палење вештерки како во Средниот век. Овој настан беше критикуван и од свештеникот Војчех Парафиjановиц, кој е портпарол на парохијата каде фондацијата е основана. Тој во интервју за една полска веб-страна посочи дека „окултното и магијата имаат лошо влијание на човечкиот живот“, но по настанот изјави дека „не му се допаѓа оваа форма на свештенички активизам, која е погрешна.“
Павел Гузински, доминикански фријар и популарен религиозен аналитичар искоментира дека палењето било повеќе „пад на мудрите отколку немудро суеверие“.
Откако привлекоа многу негативен публицитет, свештеникот Рафал Јаросијевиц се извини, велејќи дека ритуалот немал намера да осуди специфични автори, религии или општествени групи, додавајќи дека „горењето предмети требало да биде поврзано со магијата и окултното, работи кои сопствениците на тие предмети мислеле дека се „зли сили““ и целата ситуација ја опишал како „несреќна околност.“
Жално е што во 21 век луѓето уште имаат потреба да горат книги, наместо со позитивно влијание да се трудат да се борат за своите верувања. Горењето книги никому никогаш не помогнало и никогаш нема да помогне!
