Иво Андриќ е еден од најпознатите писатели на овие простори и единствен добитник на Нобеловата награда за книжевност (1961 година). Неговите безвременски дела, особено „Мостот на Дрина“, се преполни со неверојатна нарација, раскошни описи и неверојатно убави описи за меѓучовечките односи, местото на поединецот во општеството, власта и владеењето, човекот како човек, но и динамиката и менталитетот на народите што живеат на овие бурни простори.

(извор: NobelPrize.org)
Иво Андриќ е роден на 10 октомври 1892 година и по тој повод, денес на блогот читаме извадоци од неговите книги „Проклета авлија“, „Госпоѓица“ и „Травничка хроника“, а за прекрасните мисли од „Мостот на Дрина“ има посебен текст на блогот кој исто така можете да го прочитате: Прекрасни мисли од „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ!

„Кај луѓето што ни стануваат блиски, ние сите тие подробности од првиот опир со нив ги забораваме; ни се чини како да сме ги знаеле отсекогаш и како секогаш да биле со нас. Од сето тоа, во сеќавањето само понекогаш ќе искрсне некаква неповрзана слика.“
– Ама тоа е наука, тоа се книги! – огорчено го прекинува кадијата, кој од искуство знаеше колку штетни и опасни, и за општеството и за поединецот, можат да бидат луѓето кои поради својата ограниченост неограничено веруваат во своите памет и проникливост и во точноста на секој свој суд и заклучок.
„Тоа обично бидува така. Оние што сакаме да ги видиме не доаѓаат во миговите кога мислиме на нив и кога најмногу ги очекуваме, а се појавуваат во некој момент кога со мислите сме најдалеку од нив.“
„Не можам јас – вели – добар човеку, да оздравам, оти јас и не сум болен, ами сум ваков каков што сум, а од себе човек не може да оздрави.“
„Ако сакаш да знаеш каква е некоја држава и нејзината управа, и каква им е иднината, гледај само да разбереш колку во таа земја има чесни и невини луѓе по затворите, а колку подлеци и престапници се на слобода. Тоа ќе ти каже најдобро.“
„Госпоѓица“ – Иво Андриќ

„И зашто треба да знаеш дека луѓето се добри и совесни кон оние кои не зависат од нив и ништо не бараат, ама штом се врзеш и дојдеш во зависна позиција, сѐ престанува, и бог и душата, и родот и пријателството, и образот и обѕирот.“
„Оти, оној кој самиот ќе се одвои од едно друштво, друштвото го исклучува без жалење и без многу мислење и размислување, а уште и се погрижува засекогаш да му го невозможи враќањето назад, дури и да се предомисли.“
„Зашто, и најголемите пустини ја имаат својата пролет, колку и да е таа кратка и незабележлива.“
„Времето ги мачи и ги заморува само оние кои живеат зафатени само со ништовни грижи за својата личност и за своите уживања, ама кратко е и несетно за оние кои, заборавајќи на себе, работат што било што ги надминува; мерено со големината на еден смел и неостварлив сон, тоа речиси и не постои.“
„Зашто, во нашето време, и најголемите војни и најсовршените победи ретко и нецелосно ги решаваат прашањата поради кои се војува и се победува, ама затоа редовно отвораат голем број нови и тешки прашања. Овој народ го бара решението на токму овие прашања.“
„Травничка хроника“ – Иво Андриќ

„Зашто, човек може да живее и од еден единствен збор, само ако во него има уште решеност да се бори и со борба да се одржува во живот.“
„Но бурните времиња, со големи промени и социјални пореметувања, ископуваат и продлабочуваат непремостлив јаз помеѓу две генерации и од нив вистински создаваат два света.“
„Тогаш за првпат чувствува како човек може да се крши и раскинува на две во себе, како може да паѓа и да се крева во своите очи, или, накусо: колку може да бидат занесите минливи, колку се тие неодредени и испомешани додека траат, и колку скапо се плаќаат и колку горко каење предизвикуваат кога ќе минат.“
„Сега почнува да му се појавува мислата дека и тој пат би можел да биде само беспаќе, една од многуте илузии, дека тој таканаречен прав пат и не постои, и дека животот на човека се губи во вечниот стремеж по правиот пат и во вечното исправување на оној кривиот по којшто оди. Значи, правиот пат треба да се бара и понатаму. По толку кревања и паѓања, тоа повеќе не е ниту лесно ниту едноставно како некогаш.“
„Можеби револуциите раѓаат чудовишта?“ се прашува тогаш уплашено. „Да, тие се зачнуваат во големина и во морална чистота, но раѓаат чудовишта.“, често си одговара самиот на себе.
„Мирните времиња и средените околности ги прават просечните луѓе уште попросечни, а бурните времиња и големите промени од нив создаваат комплицирани природи.“
„Отсекогаш се случува така две генерации што се допираат и што се менуваат најтешко да се поднесуваат и, во суштината, најмалку да се познаваат. Но, многу од тие разијдувања и многу од тие судири меѓу различните генерации почиваат, како и поголемиот дел од судирите воопшто, на недоразбирања.“
„Не е најголем будала оној кој не знае да чита, туку оној кој мисли дека сето она што ќе го прочита е вистина.“
„А, извинете, зошто вие се грижите за тоа какви сте во очите на другите луѓе и што за вас се мисли и се знае? Како да е тоа важно! Важно е колку човек има од животот и што во животот ќе стори од себеси, од својата средина и од своето потомство.“
„Никој не знае што значи тоа да се родиш и да живееш на работ меѓу два света, да ги познаваш и да ги разбираш и едниот и другиот, а да не можеш да сториш ништо за тие да се објаснат меѓу себе и да се зближат, да се сакаат и да се мразат и едниот и другиот, да се колебаат и да се водат еден со друг сиот век, да се има два родни краја без да се има ниеден, да се биде секаде дома и засекогаш да се остане странец; накусо: да се живее распнат, но како жртва и мачител во исто време.“
