Македонска поезија: „Бела пеперуга ја нареков љубовта моја“ од Гане Тодоровски!

Денес на блогот читаме прекрасни стихови од Гане Тодоровски!

Бела пеперуга ја нареков љубовта моја – Гане Тодоровски

Бела пеперуго на моите темни сништа,
пролет од крилата растреси и мини –
Знам, ќе те одвеат во невратка ветриштата
а мене морен ме подземат патиштата
кон црни вечери место кон утра сини!

Рожбо на април, дај со „апри-ли-ли“ лажи,
како во детска сказна мртвиот кога се буди,
сплети од зборови сребрени најчудесни пајажини,
па, како в зимска полноќ најзанесено раскажи ни
за мечти ненајавени или претчувствија луди.

… Си било еднаш некое несекое дете,
со триста желби се влекло меѓу два ума оно
дали да го дограбува она што е несетено
или да го прегрнува она што му е ветено
низ неразбраните полувистини на сонот…

Туку нејаснина се и доброто и злото. Грешни,
кај ли да знаеме што е најумното в светот?
Нашите малечки желби толку се некогаш смешни,
што нѐ исправаат ко грди безутешници,
помеѓу светото и клетото да сме за забранетото.

Но, казната на колебањето треба да се плати.
Бидејќи секоја приказна си има некаков крај,
дај да ги подотвориме кон некој излез вратите:
му било пишано, велат, да патува и пати
на детето од приказната, родено в мај.

Бела пеперуго на темни сништа гостин,
одлетај негде кон небило, небило ако си била,
секому горко му, колку што ќе му се прости
за грев ненаправен, за несторените злости,
секому горко му што ти ги допрел крилата.

„Апотеоза на делникот“ (1964)

 Gary Yost за Unsplash

Leave a comment