Светлана Алексиевич е една од најпознатите современи писателки, најпозната по нејзината способност да им даде глас на оние чиј глас никогаш порано не се слушал. Таа на еден начин е современа хроничарка на некои од најзначајните настани на 20 век. Алексиевич е најпозната по нејзините книги „Војната нема женско лице“, „Чернобилска молитва“, „Цинковите момчиња“, „Последните сведоци“ и „Времето secondhand: крајот на црвениот човек“. За нејзиното неверојатно пишување и печат што го остави врз современата книжевност, таа во 2015 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. Денес на блогот прочитајте го нејзиниот прекрасен говор т.е нејзиното Нобелово предавање од 7 декември 2015 година.

(извор: jamestown.org)
Не стојам сама на оваа говорница… Околу мене има гласови, стотици гласови. Отсекогаш биле со мене, уште од детството. Пораснав на село. Како деца, сакавме да си играме надвор, но навечер, гласовите на уморните селски жени што се собираа на клупите пред своите куќи нè привлекуваа како магнет. Ниту една од нив немаше сопруг, татко или брат. Не се сеќавам на мажи во нашето село по Втората светска војна: за време на војната, еден од четири Белоруси загинал, или на фронтот, или како партизан. По војната, ние децата живеевме во свет на жени. Она што најмногу го паметам е дека жените зборуваа за љубов, а не за смрт. Раскажуваа како ден пред да заминат во војна се простувале со мажите што ги сакале, зборуваа како ги чекале – и како сè уште ги чекаат. Поминале години, а тие продолжувале да чекаат: „Не ми е гајле ако ги изгубил рацете и нозете, ќе го носам.“ Без раце… без нозе… Мислам дека уште од детството знаев што е љубов…
Еве неколку тажни мелодии од хорот што го слушам…
Прв глас:
„Зошто сакаш да го знаеш сето ова? Толку е тажно. Го запознав сопругот за време на војната. Бев во тенковска единица што стигна сè до Берлин. Се сеќавам, стоевме близу Рајхстагот, тогаш сè уште не ми беше сопруг, и ми рече: ‘Ајде да се венчаме. Те сакам.’ Бев вознемирена – целата војна живеевме во кал, нечистотија и крв, не слушавме ништо освен пцовки. Му одговорив: ‘Прво направи ме жена: донеси ми цвеќе, шепни ми убави зборови. Кога ќе ме демобилизираат, ќе си сошијам фустан.’ Бев толку лута што сакав да го удрам. Тој го почувствува сето тоа. Едниот образ му беше страшно изгорен, со лузни, и видов како солзите му течат по лузните. ‘Добро, ќе се омажам за тебе,’ реков. Така… не можев да поверувам дека го изговорив тоа… Околу нас немаше ништо освен пепел и искршени тули, накратко – војна.“
Втор глас:
„Живеевме близу нуклеарната централа Чернобил. Работев во пекарница, правев пецива. Сопругот ми беше пожарникар. Само што се бевме венчале и се држевме за рака дури и кога одевме до продавница. Денот кога експлодираше реакторот, сопругот ми беше на должност во пожарната. Излегоа на интервенција во кошули, во обична облека – имало експлозија во нуклеарната централа, но не им дадоа никаква заштитна опрема. Така живеевме… знаеш… Работеа цела ноќ гасејќи го пожарот и примија дози радијација неспоиви со живот. Следното утро веднаш ги пренесоа во Москва. Тешка радијациска болест… не се живее повеќе од неколку недели… Мојот сопруг беше силен, спортист, и беше последниот што почина. Кога стигнав во Москва, ми рекоа дека е во посебна изолациона комора и никој не смее да влезе. ‘Но јас го сакам,’ молев. ‘Војници се грижат за нив. Каде мислиш дека одиш?’ ‘Јас го сакам.’ Се расправаа со мене: ‘Ова веќе не е човекот што го сакаш, туку објект што треба да се деконтаминира. Разбираш?’ Постојано си повторував: сакам, сакам… Ноќе се качував по противпожарните скали за да го видам… или ги молев ноќните чистачи… им давав пари за да ме пуштат… Не го напуштив, бев со него до крај… Неколку месеци по неговата смрт, родив девојче, но таа живееше само неколку дена. Таа… Толку се радувавме на неа, а јас ја убив… Таа ме спаси, ја впи целата радијација во себе. Беше толку мала… сосема малечка… Но ги сакав и двајцата. Може ли навистина да се убие со љубов? Зошто љубовта и смртта се толку блиску? Секогаш доаѓаат заедно. Кој може да го објасни тоа? На гробот клекнувам…“
Трет глас:
„Првиот пат кога убив Германец… имав десет години, а партизаните веќе ме носеа на мисии. Тој Германец лежеше на земја, ранет… ми рекоа да му го земам пиштолот. Дотрчав, а тој го стегаше пиштолот со двете раце и го впери кон моето лице. Но не успеа прв да пука, јас пукав…
Не ме исплаши тоа што убив човек… И никогаш не помислив на него за време на војната. Многу луѓе умираа, живеевме меѓу мртвите. Се изненадив кога, многу години подоцна, одеднаш почнав да го сонувам тој Германец. Доаѓаше од никаде… постојано го сонувам истото… Летам, а тој не ме пушта. Полетувам… летам, летам… Тој ме стигнува и паѓам со него. Паѓам во некаква јама. Или сакам да станам… да се исправам… но тој не ми дава… Поради него не можам да одлетам…
Истиот сон… Ме прогонуваше со децении…
Не можев да му кажам на син ми за тој сон. Беше мал – не можев. Му читав бајки. Сега син ми е возрасен – но сè уште не можам…“
***
Гистав Флобер се нарекувал себеси човечко перо; јас би рекла дека сум човечко уво. Кога одам по улица и фаќам зборови, фрази, извичници, секогаш си мислам – колку романи исчезнуваат без трага! Исчезнуваат во темнината. Не сме успеале да ја „фатиме“ разговорната страна на човечкиот живот во книжевноста. Не ја цениме, не нè изненадува, не нè восхитува. Но мене ме фасцинира и ме зароби. Сакам како зборуваат луѓето… Го сакам осамениот човечки глас. Тоа е мојата најголема љубов и страст.
Патот до оваа говорница беше долг – речиси четириесет години, од човек до човек, од глас до глас. Не можам да кажам дека секогаш бев достојна да го следам тој пат. Многупати сум била шокирана и исплашена од луѓето. Сум доживеала и воодушевување и одбивност. Понекогаш сум сакала да заборавам што сум слушнала, да се вратам во време кога живеев во незнаење. Но повеќе од еднаш сум го видела возвишеното во луѓето и сум сакала да заплачам. Живеев во земја каде што нè учеа да умираме уште од детството. Нè учеа на смрт. Ни велеа дека човекот постои за да даде сè што има, да изгори, да се жртвува. Нè учеа да ги сакаме луѓето со оружје. Да пораснев во друга земја, немаше да можам да го поминам овој пат. Злото е сурово, мора да бидеш „вакциниран“ против него. Растевме меѓу џелати и жртви. Дури и кога родителите живееја во страв и не ни кажуваа сè, а најчесто не ни кажуваа ништо, самиот воздух на нашиот живот беше отруен. Злото нè набљудуваше.
Напишав пет книги, но чувствувам дека сите тие се една книга. Книга за историјата на една утопија…
Варлам Шаламов еднаш напишал: „Бев учесник во колосална битка, битка што беше изгубена, за вистинското обновување на човештвото.“ Ја реконструирам историјата на таа битка, нејзините победи и порази. Историјата на тоа како луѓето сакале да изградат Небесно царство на земјата. Рај! Градот на Сонцето! На крајот, остана само море од крв, милиони уништени човечки животи. Но имало време кога ниту една политичка идеја на 20 век не можела да се спореди со комунизмот (или Октомвриската револуција како негов симбол), време кога ништо не ги привлекувало западните интелектуалци и луѓето ширум светот посилно и поемотивно. Рејмонд Арон ја нарекол Руската револуција „опиум на интелектуалците“. Но идејата за комунизмот е стара најмалку две илјади години. Ја наоѓаме во учењата на Платон за идеалната држава; во соништата на Аристофан за време кога „сè ќе им припаѓа на сите“… кај Томас Мор и Томазо Кампанела… подоцна кај Анри де Сен-Симон, Шарл Фурије и Роберт Овен. Постои нешто во рускиот дух што го тера да се обидува овие соништа да ги претвори во стварност.
Пред дваесет години се простивме од „Црвената империја“ со клетви и солзи. Денес можеме да гледаме на тоа минато посмирено, како на историски експеримент. Ова е важно, бидејќи расправите за социјализмот не стивнуваат. Порасна нова генерација со поинаква слика за светот, но многу млади повторно ги читаат делата на Карл Маркс и Владимир Ленин. Во руските градови се отвораат нови музеи посветени на Јосиф Сталин, и му се подигаат нови споменици.
„Црвената империја“ ја нема, но „Црвениот човек“, homo sovieticus, останува. Тој опстојува.
Татко ми неодамна почина. Веруваше во комунизмот до крај. Ја чуваше својата партиска книшка. Не можам да се натерам да го користам зборот „совок“, тој погрден израз за советскиот менталитет, затоа што тогаш би требало да го применам и на татко ми и на луѓето блиски до мене, на моите пријатели. Сите тие потекнуваат од истото место – социјализмот. Меѓу нив има многу идеалисти. Романтичари. Денес понекогаш ги нарекуваат романтичари на ропството. Робови на утопијата. Верувам дека сите тие можеле да живеат поинакви животи, но живееле советски животи. Зошто? Долго време го барав одговорот на тоа прашање – патував низ огромната земја што некогаш се викаше СССР и снимив илјадници ленти. Тоа беше социјализам, но беше и едноставно нашиот живот. Ја собирав историјата на „домашниот“, „внатрешниот“ социјализам, дел по дел. Историјата на тоа како се одвивал во човечката душа. Ме привлекува тој мал простор наречен човек… поединецот. Во суштина, токму таму се случува сè.
Набргу по војната, Теодор Адорно, во шок, напиша: „Да се пишува поезија по Аушвиц е варварски.“ Мојот учител, Алес Адамович, чие име денес го спомнувам со благодарност, сметаше дека пишувањето проза за ужасите на 20 век е светогрдие. Ништо не смее да се измислува. Мора да се даде вистината каква што е. Потребна е „над-литература“. Сведокот мора да зборува. Ми доаѓаат на ум зборовите на Фридрих Ниче – ниту еден уметник не може да ѝ биде дораснат на реалноста. Не може да ја подигне.
Секогаш ме мачело тоа што вистината не ја собира во едно срце, во еден ум – што е на некој начин распарчена. Има многу вистина, таа е разновидна и расфрлана низ светот. Фјодор Достоевски сметал дека човештвото знае многу, многу повеќе за себе отколку што запишало во книжевноста. Па што е она што го правам јас? Го собирам секојдневието на чувствата, мислите и зборовите. Го собирам животот на моето време. Ме интересира историјата на душата. Секојдневието на душата, она што големата историја обично го изоставува или го презира. Работам со „изгубената“ историја. Често ми велат, дури и денес, дека тоа што го пишувам не е книжевност, туку документ. Што е книжевноста денес? Кој може да одговори на тоа прашање? Живееме побрзо од кога било. Содржината ја распарчува формата. Ја крши и ја менува. Сè се прелева преку своите граници: музиката, сликарството, дури и зборовите во документите излегуваат од рамките на документот. Нема граници меѓу факт и измислица, едното се прелева во другото. Сведоците не се неутрални. Кога раскажуваат, луѓето создаваат, се борат со времето како што вајарот се бори со мермерот. Тие се и актери и творци.
Ме интересираат малите луѓе. Малите – големи луѓе, така би рекла, затоа што страдањето ги проширува луѓето. Во моите книги тие луѓе ги раскажуваат своите мали истории, а притоа се раскажува и големата историја. Немавме време да разбереме што ни се случи и што сè уште ни се случува, треба само да го изговориме. За почеток, барем да го артикулираме она што се случило. Се плашиме од тоа, не сме подготвени да се соочиме со сопственото минато. Во романот „Бесови“ на Фјодор Достоевски, Шатов на Ставрогин на почетокот од нивниот разговор му вели: „Ние сме две суштества што се сретнале во бескрајната бесконечност… за последен пат во светот. Затоа остави го тој тон и зборувај како човек. Барем еднаш, зборувај со човечки глас.“
Така, отприлика, започнуваат моите разговори со моите протагонисти. Луѓето, се разбира, зборуваат од своето време, не можат да зборуваат од празнина. Но тешко е да се стигне до човечката душа, патот е затрупан со телевизија и весници, со суеверијата на векот, неговите предрасуди и измами. Би сакала да прочитам неколку страници од моите дневници, за да покажам како се движело времето… како идејата умирала… како јас ја следев по тој пат…
1980 – 1985
Пишувам книга за војната… Зошто за војната? Затоа што ние сме луѓе на војната – секогаш сме биле во војна или сме се подготвувале за војна. Ако се погледне внимателно, сите размислуваме во категории на војна. Дома, на улица. Затоа човечкиот живот е толку евтин во оваа земја. Сè е како во време на војна.
Почнав со сомнежи. Уште една книга за Втората светска војна… за што?
На едно патување запознав жена што била болничарка во војната. Ми раскажа приказна: додека го минувале Ладожкото езеро во зима, непријателот забележал движење и почнал да пука по нив. Коњи и луѓе пропаѓале под мразот. Сè се случувало ноќе. Таа фатила некого за кого мислела дека е ранет и почнала да го влече кон брегот. „Го влечев, беше мокар и гол, мислев дека облеката му е искината,“ ми рече. Кога стигнала на брегот, открила дека влечела огромна ранетa есетра. И тогаш избувнала во пцовки: луѓето страдаат, но животните, птиците, рибите – што згрешиле тие? На друго патување ја слушнав приказната на болничарка од коњичка единица. За време на битка извлекла ранет војник во кратер од граната, и дури тогаш забележала дека е Германец. Ногата му била скршена и крварел. Тој бил непријателот! Што да прави? Нејзините луѓе умирале горе! Но таа го преврзала Германецот и повторно излегла. Потоа донела руски војник што бил во бесвест. Кога дошол при себе, сакал да го убие Германецот, а кога Германецот дошол при себе, зграпчил митралез и сакал да го убие Русинот. „Го удирав едниот, па другиот. Нозете ни беа целите во крв,“ се сеќаваше таа. „Крвта беше измешана.“
Тоа беше војна за која никогаш не сум слушнала. Женска војна. Не беше за херои. Не беше за тоа како една група луѓе херојски убива друга група луѓе. Се сеќавам на чест женски крик: „По битката, одеше низ полето. Лежеа на грб… Сите млади, толку убави. Лежеа и гледаа во небото. Ти беше жал за сите, од двете страни.“ Токму овој став: „за сите, од двете страни“, ми ја даде идејата за што ќе биде мојата книга: војната не е ништо друго освен убивање. Така останала запомнета во женските сеќавања. Овој човек штотуку се смеел, пушел, а сега го нема. Исчезнувањето беше она за што жените најмногу зборуваа, колку брзо сè може да стане ништо во војна. И човекот, и човечкото време. Да, тие доброволно оделе на фронт на 17 или 18 години, но не сакале да убиваат. А сепак, биле подготвени да умрат. Да умрат за татковината. И да умрат за Сталин – тие зборови не можат да се избришат од историјата.
Книгата не беше објавена две години, сè до перестројката и Михаил Горбачов. „Откако ќе ја прочитаат вашата книга, никој нема да сака да војува,“ ме укоруваше цензорот. „Вашата војна е страшна. Зошто немате херои?“ Не барав херои. Ја пишував историјата преку приказните на нејзините незабележани сведоци и учесници. Никој никогаш ништо не ги прашал. Што мислат луѓето? Всушност, не знаеме што мислат луѓето за големите идеи. Веднаш по војната, човек раскажува една војна; неколку децении подоцна – тоа е веќе друга војна. Нешто во него се менува, затоа што го вплел целиот свој живот во своите сеќавања. Целото свое јас. Како живеел во тие години, што читал, што видел, кого сретнал. Во што верува. Конечно, дали е среќен или не. Документите се живи суштества – тие се менуваат како што се менуваме и ние.
Апсолутно сум убедена дека никогаш повеќе нема да има млади жени како девојките од војната во 1941 година. Тоа беше врвот на „црвената“ идеја, повисок дури и од Револуцијата и од Ленин. Нивната Победа сè уште го засенува ГУЛАГ. Искрено ги сакам тие жени. Но со нив не можеше да се зборува за Сталин, ниту за тоа дека по војната цели возови со најхрабрите и најгласни победници биле испраќани директно во Сибир. Останатите се вратиле дома и молчеле. Еднаш слушнав: „Единствениот пат кога бевме слободни беше за време на војната. На фронтот.“ Страдањето е нашиот капитал, нашиот природен ресурс. Не нафта или гас – туку страдање. Тоа е единственото што постојано можеме да го произведуваме. Секогаш го барам одговорот: зошто нашето страдање не се претвора во слобода? Дали навистина сè е залудно? Пјотр Чаадаев бил во право: Русија е земја без меморија, простор на целосна амнезија, „девствена“ свест без критика и рефлексија.
А под нашите нозе се натрупани големи книги.
1989
Во Кабул сум. Не сакам повеќе да пишувам за војна. Но еве ме – во вистинска војна. Весникот „Правда“ пишува: „Му помагаме на братскиот авганистански народ да изгради социјализам.“ Луѓе на војната и предмети на војната има насекаде. Воено време.
Вчера не ме однесоа во борба: „Остани во хотелот, девојко. Подоцна ќе мораме да одговараме за тебе.“ Седам во хотелот и мислам: има нешто неморално во тоа да ја набљудуваш туѓата храброст и ризиците што луѓето ги преземаат. Тука сум веќе две недели и не можам да се ослободам од чувството дека војната е производ на машката природа, која за мене е неразбирлива. Но секојдневните „додатоци“ на војната се величествени. За себе открив дека оружјето е убаво: митралези, мини, тенкови. Човекот вложил многу мисла во тоа како најдобро да убива други луѓе. Вечниот спор меѓу вистината и убавината. Ми покажаа нова италијанска мина, и мојата „женска“ реакција беше: „Убава е. Зошто е убава?“ Ми објаснија прецизно, во воени термини: ако некој помине или стапне на неа така… под одреден агол… нема да остане ништо освен половина кофа месо. Тука луѓето зборуваат за ненормални работи како да се нормални, како нешто што се подразбира. Па, знаеш, војна е… Никој не полудува од тие слики, на пример, човек што лежи на земја, убиен не од природата, не од судбината, туку од друг човек.
Го гледав товарењето на „црниот лале“ (авионот што ги носи загинатите дома во ковчези од цинк). Мртвите често се облечени во стари воени униформи од 40. години, со панталони со проширени бедра; понекогаш нема ни доволно такви. Војниците разговараа: „Штотуку донесоа нови во фрижидерите. Мириса како расипана дива свиња.“ Ќе пишувам за ова. Се плашам дека никој дома нема да ми поверува. Нашите весници пишуваат само за алеите на пријателството што ги садат советските војници.
Разговарам со момчињата. Многумина дошле доброволно. Самите побарале да дојдат. Забележувам дека повеќето се од образувани семејства, од интелигенцијата – наставници, лекари, библиотекари, накратко, книжевни луѓе. Искрено сонувале дека ќе му помогнат на авганистанскиот народ да изгради социјализам. Сега се смеат на самите себе. Ми покажаа место на аеродромот каде што стотици ковчези од цинк мистериозно блескаат на сонцето. Офицерот што беше со мене не издржа: „Којзнае… можеби и мојот ковчег е таму… ќе ме стават во него… За што се борам тука?“ Сопствените зборови го исплашија и веднаш рече: „Немој да го запишеш тоа.“
Ноќе ги сонувам мртвите, сите имаат израз на изненадување на лицето: „Што? Значи убиен сум? Навистина сум убиен?“
Отидов во болница за авганистански цивили со група медицински сестри – носевме подароци за децата. Играчки, бонбони, колачиња. Имав околу пет плишани мечиња. Стигнавме во болницата која беше една долга барака. Никој немаше ништо повеќе од ќебе за постела. Ми пријде една млада Авганистанка, држејќи дете во рацете. Сакаше нешто да каже, во последните десет години речиси сите таму научиле по малку руски, и јас на детето му подадов играчка, која тоа ја зеде со забите. „Зошто со забите?“ прашав изненадено. Таа го тргна ќебето од неговото мало тело, момчето ги немаше двете раце. „Тоа беше кога вашите Руси бомбардираа.“ Некој ме придржа додека почнав да паѓам.
Ги видов нашите ракети „Град“ како претвораат села во изорани полиња. Посетив авганистански гробишта, долги колку едно нивно село. Некаде на средината од гробиштата една стара Авганистанка врескаше. Се сетив на лелекот на една мајка во село кај Минск кога внесоа ковчег од цинк во куќата. Тој крик не беше ниту човечки, ниту животински… Налик на тоа што го слушнав на гробиштата во Кабул…
Морам да признаам дека не станав слободна одеднаш. Бев искрена со моите соговорници, и тие ми веруваа. Секој од нас има свој пат кон слободата. Пред Авганистан, верував во социјализам со човечко лице. Од Авганистан се вратив ослободена од сите илузии. „Прости ми, тато,“ му реков кога го видов. „Ме воспитавте да верувам во комунистичките идеали, но да ги гледам тие млади луѓе, неодамнешни советски ученици како оние што ти и мама ги учевте (моите родители беа селски учители), како убиваат луѓе што не ги познаваат, на туѓа земја – тоа беше доволно да ги претвори сите ваши зборови во пепел. Ние сме убијци, тато, разбираш ли!?“ Татко ми заплака.
Многу луѓе се вратија слободни од Авганистан. Но има и други примери. Имаше еден млад човек во Авганистан што ми викна: „Ти си жена, што разбираш од војна? Мислиш дека луѓето умираат убаво во војна, како во книги и филмови? Вчера мој пријател беше убиен, куршум во главата – и трчаше уште десет метри, обидувајќи се да си го фати сопствениот мозок…“ Седум години подоцна, истиот тој човек е успешен бизнисмен, кој сака да раскажува приказни за Авганистан. Ми се јави: „За што ти се книгите? Премногу се страшни.“ Беше друг човек, веќе не оној младич што го сретнав среде смртта, кој не сакаше да умре на дваесет години…
Се прашувам каква книга сакам да напишам за војната. Би сакала да напишам книга за човек кој не пука, кој не може да пука во друг човек, кој страда од самата помисла на војна. Каде е тој? Не сум го сретнала.
1990 – 1997
Руската книжевност е интересна по тоа што е единствената што ја раскажува приказната за експеримент спроведен врз една огромна земја. Често ме прашуваат: Зошто секогаш пишуваш за трагедии? Затоа што така живееме. Денес живееме во различни држави, но „црвените“ луѓе се насекаде. Тие излегуваат од истото тоа минато и ги носат истите спомени.
Долго време се спротивставував да пишувам за Чернобил. Не знаев како да пишувам за тоа, со каков инструмент, како да му пристапам на предметот. Светот речиси ништо немаше слушнато за мојата мала земја, скриена во еден агол на Европа, но сега нејзиното име беше на сечии усни. Ние, Белорусите, станавме народот на Чернобил. Првите што се соочија со непознатото. Сега беше јасно: покрај комунистичките, етничките и новите религиски предизвици, нè чекаат и поглобални, диви предизвици, иако засега се невидливи. По Чернобил нешто малку се отвори…
Се сеќавам на еден стар таксист што пцуеше во очај кога гулаб удри во шофершајбната: „Секој ден, две-три птици удираат во колата. А весниците велат дека ситуацијата е под контрола.“
Лисјата во градските паркови се гребеа, се изнесуваа надвор од градот и се закопуваа. Земјата од загадените подрачја се сечеше и исто така се закопуваше – земја се закопуваше во земјата. Се закопуваа и дрва за огрев, и трева. Сите изгледаа малку полудени. Еден стар пчелар ми рече: „Тоа утро излегов во градината и нешто недостасуваше, некој познат звук. Немаше пчели. Не слушнав ниту една. Ниедна! Што? Што се случува? Ни вториот ден не излегоа, ни третиот… Потоа ни рекоа дека има несреќа во нуклеарната централа, а не е далеку. Но долго време ништо не знаевме за тоа. Пчелите знаеја, а ние не.“ Сите информации за Чернобил во весниците беа на воен јазик: експлозија, херои, војници, евакуација… КГБ работеше директно на местото. Бараа шпиони и саботери. Кружеа гласини дека несреќата е организирана од западни разузнавачки служби за да се поткопа социјалистичкиот блок. Воена техника се движеше кон Чернобил, пристигнуваа војници. Како и секогаш, системот функционираше како во време на војна, но во овој нов свет војник со сјаен нов автомат беше трагична фигура. Единственото што можеше да го направи беше да прими големи дози радијација и да умре кога ќе се врати дома.
Пред моите очи луѓето од пред Чернобил се претвораа во луѓе од Чернобил.
Не можеше да ја видиш радијацијата, ниту да ја допреш, ниту да ја помирисаш… Светот околу беше и познат и непознат. Кога патував во зоната, веднаш ми рекоа: не бери цвеќе, не седи на тревата, не пиј вода од бунар… Смртта се криеше насекаде, но сега беше поинаква смрт. Со ново лице. Во непозната форма. Старите луѓе што преживеале војна повторно беа евакуирани. Гледаа во небото: „Сонцето сјае… нема чад, нема гас. Никој не пука. Каква е оваа војна? А сепак мора да станеме бегалци.“
Наутро сите ги грабнуваа весниците, жедни за вести, а потоа ги оставаа разочарани. Не беа пронајдени шпиони. Никој не пишуваше за непријатели на народот. Свет без шпиони и непријатели на народот исто така беше непознат. Тоа беше почеток на нешто ново. По Авганистан, Чернобил нè направи слободни луѓе.
За мене светот се раздели: внатре во зоната не се чувствував ниту како Белорусинка, ниту како Русинка, ниту како Украинка, туку како претставник на биолошки вид што може да биде уништен. Две катастрофи се совпаднаа: во општествената сфера, социјалистичката Атлантида тоне; а во космичката – Чернобил. Падот на империјата ги вознемири сите. Луѓето беа загрижени за секојдневието. Како и со што да се купуваат работи? Како да се преживее? Во што да се верува? Под кои знамиња да се оди овој пат? Или треба да научиме да живееме без голема идеја? И тоа последново беше непознато, бидејќи никој никогаш не живеел така. Стотици прашања стоеја пред „црвениот“ човек, но тој беше сам. Никогаш не бил толку осамен како во тие први денови на слободата. Бев опкружена со луѓе во шок. Ги слушав…
Го затворам дневникот…
Што ни се случи кога се распадна империјата? Претходно светот беше поделен: имаше џелати и жртви – тоа беше ГУЛАГ; браќа и сестри – тоа беше војната; електоратот – беше дел од технологијата и современиот свет. Нашиот свет беше поделен и на оние што беа затворени и оние што ги затвораа; денес има поделба меѓу славофили и западњаци, „фашисти-предавници“ и патриоти. И меѓу оние што можат да купуваат и оние што не можат. Ова второво, би рекла, беше најсуровото искушение по социјализмот, затоа што не така одамна сите беа еднакви. „Црвениот“ човек не успеа да влезе во царството на слободата за кое сонувал околу кујнската маса. Русија беше поделена без него, а тој остана без ништо. Понижен и ограбен. Агресивен и опасен.
Еве некои од коментарите што ги слушав додека патував низ Русија…
„Модернизацијата тука ќе се случи само со шарашки, тие затворски логори за научници, и со стрелачки водови.“
„Русите всушност не сакаат да бидат богати, дури и се плашат од тоа. Што сака еден Русин? Само едно: никој друг да не стане побогат од него.“
„Овде нема чесни луѓе, но има светци.“
„Никогаш нема да видиме генерација што не била тепана; Русите не ја разбираат слободата, им треба козак и камшик.“
„Двата најважни зборови на руски се ‘војна’ и ‘затвор.’ Крадеш нешто, малку се забавуваш, те затвораат… излегуваш, па пак завршуваш во затвор…“
„Рускиот живот треба да биде суров и одвратен. Тогаш душата се издигнува, сфаќа дека не му припаѓа на овој свет… Колку е повалкано и покрваво, толку повеќе простор има за душата…“
„Никој нема енергија за нова револуција, ниту лудост. Нема дух. На Русите им треба идеја што ќе те полази…“
„Нашиот живот виси некаде меѓу хаосот и касарната. Комунизмот не умре, трупот сè уште е жив.“
Ќе си дозволам да кажам дека ја пропуштивме шансата што ја имавме во 90. години. Се постави прашањето: каква држава треба да имаме? Силна држава, или достојна држава во која луѓето можат пристојно да живеат? Го избравме првото – силна држава. Повторно живееме во ера на моќ. Руси се борат против Украинци. Своите браќа. Татко ми е Белорусин, мајка ми Украинка. Така е кај многу луѓе. Руски авиони ја бомбардираат Сирија…
Времето полно со надеж беше заменето со време на страв. Епохата се сврте и тргна назад. Времето во кое живееме сега е половно време…
Понекогаш не сум сигурна дека ја завршив историјата на „црвениот“ човек…
Имам три татковини: белоруската земја, татковината на татко ми, каде што го поминав целиот живот; Украина, татковината на мајка ми, каде што сум родена; и големата руска култура, без која не можам да се замислам. Сите ми се многу драги. Но денес е тешко да се зборува за љубов.
