Секој читател(ка) ја знае вредноста на книгите. Сите знаеме дека нема подобар пријател од книгата. Во книгите наоѓаме радост, утеха, се наоѓаме себеси и ги прошируваме нашите видици. Книгите го отвораат нашиот ум, го развиваат сочувството, љубовта, можноста да ги погледнеме работите од поинаква гледна точка. Денес на блогот имате можност да погледнете едно кусо видео од еден TED говор на Лиса Бу, која зборува за своето искуство со книгите и како тие можат да го отворат нашиот ум, но најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик.

Во седумдесеттите години на дваесеттиот век во Хунан, Кина, две години тренирав за да станам гимнастичарка. Кога бев прво одделение, државата сакаше да ме префрли во училиште за спортисти, со целосно покриени трошоци. Но мојата „тигар-мајка“ рече: „Не.“ Моите родители сакаа да станам инженерка како нив. Откако ја преживеале Културната револуција, цврсто веруваа дека постои само еден сигурен пат до среќата: безбедна и добро платена работа. Не било важно дали работата ми се допаѓа или не.
Но мојот сон беше да станам пејачка во кинеска опера. Тоа сум јас како свирам на моето замислено пијано. Пејачите во операта мораат да започнат со обука уште млади за да ги совладаат акробациите, па јас направив сè што можев за да одам во оперско училиште. Дури му пишував и на директорот на училиштето и на еден водител на радио-емисија. Но ниеден возрасен не ја прифаќаше таа идеја. Ниеден возрасен не веруваше дека сум сериозна. Само моите пријатели ме поддржуваа, но тие беа деца, исто толку немоќни како и јас. Така, на петнаесет години знаев дека е предоцна за да бидам обучена. Мојот сон никогаш немаше да се оствари. Се плашев дека до крајот на животот некоја второкласна среќа ќе биде најдоброто на што можам да се надевам. Но тоа беше толку неправедно. Затоа бев решена да најдам друг повик. Немаше никој околу мене што ќе ме подучува? Добро. Се свртев кон книгите.
Жедта за родителски совети ја задоволив со една книга од семејство на писатели и музичари – „Преписка во семејството на Фу Леј“. Мојот пример за независна жена го пронајдов во „Џејн Ер“, во општество каде конфучијанската традиција бара послушност. Од „Најлесно е со дузина“ научив како да бидам поефикасна. А откако ги прочитав „Собрани дела на Санмао (Ехо Чан)“ и „Поуки од историјата“ од Нан Хуаиџин, се инспирирав да студирам во странство.
Во САД дојдов во 1995 година, па кои книги прво ги прочитав тука? Се разбира, книги забранети во Кина. „Добрата земја“ зборува за животот на кинеските селани. Тоа едноставно не е погодно за пропаганда. Разбрав. Библијата е интересна, но чудна.Тоа е тема за друг ден. Но петтата заповед ми донесе просветлување: „Почитувај ги татка си и мајка си.“ „Почитувај“, си реков. „Тоа е толку поинаку, и подобро, од послушност.“ Така тоа стана мојата алатка за да се извлечам од оваа конфучијанска замка на вина и повторно да ја изградиме врската со моите родители.
Средбата со нова култура ја започна и мојата навика за компаративно читање. Тоа нуди многу сознанија. На пример, на почетокот оваа карта ми изгледаше чудно, затоа што кинеските ученици растат со поинаква. Никогаш не ми паднало на ум дека Кина не мора да биде центарот на светот. Картата всушност носи нечие гледиште. Компаративното читање, всушност, не е ништо ново. Тоа е стандардна практика во академскиот свет. Постојат дури и научни области како компаративна религија и компаративна книжевност. Споредувањето и контрастирањето им дава на научниците поцелосно разбирање на една тема. Па си помислив: ако компаративното читање функционира за истражување, зошто да не функционира и во секојдневниот живот? Така почнав да читам книги во пар.
Тие можат да бидат за луѓе, како „Бенџамин Френклин“ од Волтер Ајзаксон и „Џон Адамс“ од Дејвид Мекалоу – кои биле дел од ист настан, или пријатели со слични искуства, како „Лична историја“ од Кетрин Греам и „Снежната топка: Ворен Бафет и животот како бизнис“ од Алис Шредер. Ги споредувам и истите приказни во различни жанрови – Библијата и „Јагне“ од Кристофер Мур, или слични приказни од различни култури, како што правеше Џозеф Кембел во неговата прекрасна книга „Моќта на митот“. На пример, и Христос и Буда поминале низ три искушенија. Кај Христос, искушенијата се економски, политички и духовни. Кај Буда, сите се психолошки: страст, страв и општествена должност. Интересно.
Ако знаете некој странски јазик, забавно е да ги читате омилените книги на два јазика. „Патот на Чуанг Це“ од Томас Мертон и „Тао: Патот на водата“ од Алан Вотс. Наместо „изгубено во преводот“, открив дека има многу што може да се добие. На пример, токму преку преводот сфатив дека зборот „среќа“ на кинески буквално значи „брза радост“. Хм! А зборот „невеста“ на кинески буквално значи „нова мајка“. Ох-ох.
Книгите ми дадоа магичен портал за да се поврзам со луѓето од минатото и сегашноста. Знам дека никогаш повеќе нема да се чувствувам осамено или немоќно. Тоа што еден сон ќе се распадне навистина не е ништо во споредба со она што многумина други го претрпеле. Почнав да верувам дека остварувањето не е единствената цел на еден сон. Неговата најважна цел е да нè доведе во допир со местото од кое доаѓаат соништата, од кое доаѓа страста, од кое доаѓа среќата. Дури и скршен сон може да го направи тоа за вас. Па така, благодарение на книгите, денес сум тука – среќна, повторно живеам со цел и јасност, поголемиот дел од времето. Затоа, нека книгите секогаш бидат со вас.
Во продолжение погледнете го и говорот:
