Како музиката го обликувала творештвото на Вирџинија Вулф?

Многу од раните критичари на Вирџинија Вулф забележале паралели меѓу нејзините книжевни иновации и оние на современите композитори, како што е Клод Дебиси. По нејзината смрт, интересот на Вулф за музиката во голема мера бил занемарен. Но, осумдесет години подоцна, сè повеќе се истражува како нејзините извонредни експериментални употреби на наративната перспектива, повторувањето и варијацијата произлегуваат од нејзиното внимателно проучување на конкретни музички дела и специфични музички форми.

(извор: Casa Carlini)

Музиката ѝ обезбедила на Вулф (како и на други модернисти, меѓу кои Џејмс Џојс, Езра Паунд, Гертруда Стајн и Кетрин Менсфилд) речник преку кој можела да ја замислува и опишува сопствената творечка практика и формалните новини во своето пишување. Вулф, на пример, го споредува пишувањето дневник со пијанист кој ги вежба своите скали. Читањето, пак, го опишува како процес на „наштимување“ за пишувањето. А во 1940 година славно забележала:

„Чудно е, бидејќи не сум особено музикална, но секогаш за моите книги мислам како за музика пред да почнам да ги пишувам.“

Музиката во животот на Вирџинија Вулф

Вулф пораснала опкружена со музика. Како млада жена, посетувала опери и концерти во Кралската опера во Лондон три или четири пати неделно, а понекогаш и секоја вечер. Како и повеќето жени од нејзината возраст и општествена класа, добила основно музичко образование по пеење и пијано. Но нејзината страст како слушателка далеку ги надминувала нејзините способности како изведувачка.

Нејзините писма и дневници постојано сведочат за љубовта што ја чувствувала кон класичниот репертоар, особено кон делата на Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Лудвиг ван Бетовен и Рихард Вагнер. Но таа слушала разновидна музика во најразлични средини. Додека патувала низ Англија, Шкотска и континентална Европа, слушала народна музика. Во музичките сали уживала во комични и патриотски песни. Со воодушевување ги следела делата на Арнолд Шенберг и другата авангардна музика преку своето членство во Националното грамофонско друштво, а во 1912 година била фасцинирана и од музиката на Руските балети кога тие гостувале во Лондон.

Издавачката куќа на Вулф, „Хогарт Прес“, објавувала и студии за современата музика, за композитори, како и популарни книги посветени на разбирањето и вреднувањето на музиката. Нејзиното познавање на музиката, а во некои случаи и блиските пријателства со водечките композитори, музички критичари, диригенти и музичари на нејзиното време ѝ овозможиле непосреден увид во професионалниот музички живот. Меѓу нејзините пријатели биле композиторите и критичари Еди Саквил-Вест и Џералд Бернерс, диригентката и музичка педагогинка Надија Буланже, како и композиторката и феминистка Етел Смит.

Музиката во делото на Вирџинија Вулф

Феминизмот, пацифизмот и космополитизмот на Вирџинија Вулф во голема мера биле обликувани од нејзината трајна и страсна љубов кон музиката. Општествените конвенции поврзани со музичкото образование, изведбата и композицијата стануваат поттик за некои од нејзините најдуховити и најостри општествени сатири, но истовремено ги обликуваат и нејзините критики на, на пример, нееднаквиот пристап на жените до музичкото образование.

Во својот прв роман, Патувањето“ (1915), Вулф се повикува на конкретни музички дела за да го доведе во прашање вкоренетото очекување дека мажите и жените треба да изведуваат различен музички репертоар. Главната хероина на романот, која е извонредна аматерска пијанистка, ги свири доцните клавирски сонати на Лудвиг ван Бетовен. Во тоа време овие дела често биле сметани за премногу технички и интелектуално сложени за женските изведувачки. Во текстови наменети за аматерки-пијанистки, тие дури биле опишувани како „едноставно недостижни“.

Музиката влијаела и врз творечките иновации на Вулф. Двојната наративна структура на романот „Госпоѓа Даловеј“, на пример, во која се спротивставуваат и испреплетуваат животите на угледната домаќинка Клариса Даловеј и трауматизираниот воен ветеран Септимус Ворен Смит, можеби е моделирана според двојната структура на музичките фуги. Интересно е што зборот „фуга“ во тоа време се користел и како термин поврзан со психичките последици од воената траума, односно т.н. „војнички шок“.

Во 1909 година Вулф забележала:

„Болно сме свесни колку малку можат зборовите да направат за да ја доловат музиката.“

Но токму оваа тешкотија често станува поттик и тема на нејзиното пишување. Затоа не е изненадувачки што нејзината проза станала богат извор на инспирација за композиторите. Така, нејзиното творештво го инспирирало Доминик Арџенто да го создаде вокалниот циклус „Од дневникот на Вирџинија Вулф“ во 1974 година, како и поиндиректни музички одговори, како музиката на Макс Рихтер за балетот „Делата на Вулф“ од 2015 година.

Во последните петнаесет години музичките интерпретации на творештвото на Вулф значително се зголемија, од гудачки квартети и песни создадени во рамките на проектот „Вирџинија Вулф и музиката“, до неодамнешната најава дека композиторката Теа Масгрејв работи на опера инспирирана од романот „Орландо“. Во есеј од 1905 година, Вулф ги повикала современите писатели да не забораваат дека зборовите имаат длабока врска со музиката и да црпат инспирација од таа поврзаност. Се чини дека денес и истражувачите на нејзиното дело и композиторите токму тоа го прават.

Извор: The Conversation

Leave a comment