Пет книги за љубителите на крими-романи и трилери! (6)

Летото е одлично време за читање, а трилерите, мистериите и крими-романите се секогаш помеѓу најчитаните жанрови, а одлични се и за мрзливо лежење на плажа или додека човек се крие од жештините. Денес на блогот прочитајте неколку препораки за читање, листа составена со пет романи што се од овој жанр и кои ги прочитав во изминатиот период.

Обликот на водата“ – Андреа Камилери

Издавачка куќа: ТРИ
Опис:
Одамна не сум читала толку шармантна и толку интересна мистерија што се чита во еден здив. Се работи за многу кратко четиво, нешто помалку од 150 страници, но секоја реченица е на свое место, нема делови што се таму само за да пополнат место, напротив, секој лик е одлично разработен и прикажан и кога ќе заврши ќе ви биде жал што завршила.

Во еден мал сицилијански град, во едно запуштено место познато по сомнителни сексуални средби, пронајден е автомобил во кој е пронајден инженерот Силвио Лупарело, еден од највлијателните луѓе во Вигата, но и пошироко. Го наоѓаат мртов и во многу компромитирачка ситуација и тоа веднаш ги поттикнува разните озборувања. Судејќи по сите докази, сѐ работи за природна смрт, но познатиот инспектор Монталбано има одредени сомнежи и не сака веднаш да го затвори случајот, иако сите околу него се чудат за таа одлука.

Понатаму го следиме расплеткувањето на случајот, но секоја страница е вистинско уживање. Ова дело е прекрасно напишано, покрај мрачните непријатности и целата мистеријата, во неа има и многу хумор и сарказам, но и одлични споредни сцени и случувања кои за момент ве вадат од мистеријата и ве забавуваат и тоа како бранови доаѓа и си оди и додека трепнете веќе сте ја прочитале.Уживав во оваа книга и топло ви ја препорачувам.

Долината на стравот“ – Артур Конан Дојл

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис:
Како што спомнав во една од моите претходни препораки, тешко можеме да зборуваме за крими-романи, мистерии и трилери без да зборуваме за Шерлок Холмс. Изминативе години почнав поинтензивно да ги читам приказните за Холмс и секогаш уживам во она што Дојл го создал за нас читателите. „Долина на стравот“ можеби ми е и омилената приказна за Шерлок Холмс досега.

Ги среќаваме нашите омилени Шерлок и Вотсон во нивното катче, размислувајќи за мистериозната порака и предупредување од некој анонимен соработник на професорот Моријарти, кога кај нив доаѓа информацијата дека Џон Даглас кој живее во Бирлстон е убиен во својот дом. Но нема никакви траги и сите мислат дека ова можеби е и преголем залак за Шерлок, но тој го гледа ова како голем и фантастичен предизвик, а во потрагата се откриваат завери, злосторнички банди, тајни ложи и предавства кои се протегаат дури до САД.

Маестрално напишана приказна, така прекрасно го вози читателот, навидум мирно и обично, но потоа одеднаш фаќа кривини и ве тера да седнете на работ од вашата столица. Додека ја читате, сфаќате зошто ликот и приказните за Шерлок Холмс толку силно го издржуваат тестот на времето.

Чувар на крокодили“ – Катрине Енгберг

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис:
Скандинавските трилери секогаш се возбудливи и го исполнуваат читателот или читателката со адреналин, па и овој роман е исклучок! Се работи за заплеткана, мрачна и малку страшна приказна со интересни ликови. Романот започнува кога во центарот на Копенхаген, една девојка е пронајдена брутално убиена во својот стан. На прв поглед делува дека таа била сосема обична девојка, но наскоро се откриваат многу мрачни тајни и од нејзиното минато, но и од минатото на многу други луѓе во нејзината околина.

Инспекторот Јепе Корнер и инспекторката Анет Вернер се назначени да го истражуваат случајот, а на Корнер ова му доаѓа дополнително мачно бидејќи и тој самиот минува низ лични проблеми. Од друга страна, газдарицата на куќата во која живеела жртвата се чини дека пишувала криминалистички роман, каде главниот лик е инспириран од жртвата, но и самото убиство од книгата е морбидно слично со тоа како таа е убиена. Дали е возможно една постара жена да е вмешана во ова ужасно злосторство?

Како што навлегуваат подлабоко во случајот Корнер и Вернер, заедно со нивните колеги и колешки од полицијата откриваат многу мрачни тајни кои не за оние со почувствителни нерви. Крајот за некого може да биде малку мелодраматичен, но самата приказна е одлично исткаена, сите ликови се одлично создадени, вклучително и оние што работат за полицијата.

Златната двојка“ – Грир Хендрикс и Сара Пеканен

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Опис:
За љубителите на семејни драми и трилери, ова е одлична книга која ќе ве држи будни до самиот крај, но и ќе ве тера да погодувате. Мариса и Метју Бишоп се стандарден пар. Навидум имаат совршен брак и совршено дете, живеејќи во совршена куќа, сѐ додека не го преминат прагот на необичната терапевтка Ејвери Чејмберс која всушност технички веќе не е терапевтка бидејќи ја изгубила лиценцата, но има необичен пристап кон своите клиенти.

Уште на првата сесија на виделина излегуваат проблемите, односно Мариса признава дека го изневерила својот сопруг – но само еднаш. Ова признание веднаш создава пукнатини во нивниот навидум совршениот живот, но Ејвери Чејмберс решава да ги прифати како свои клиенти и да им помогне да го поправат својот брак. Но, она што навидум делува како обична брачна драма, набрзо добива драматичен и мрачен пресврт. Какви сѐ тајни крие овој пар и од кого се необичните пораки и знаци кои делуваат заканувачки?

Книгата е многу динамична, со повеќе различни ликови и понекогаш треба време да се разберат сите страни вклучени во сето тоа, како и минатото на ликовите, но кога еднаш ќе навлезете, ќе почувствувате како сакате да останете до самиот крај и вие да ја отплеткате мистеријата.

Во окното на лифтовите“ – Линвуд Баркли

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис
: Линвуд Баркли ми е еден од омилените писатели на трилери и често сум го препорачувала на блогот. Па така, во раце ми падна и неговиот трилер „Во окното на лифтовите“, мрачен и интензивен трилер кој започнува со смрт на четворица луѓе кои умираат по една бизарна незгода со лифт, додека истовремено, малку подалеку, пронајдено е мртво тело зад една клупа, на кое му недостасуваат прсти, а лицето му е издеформирано, со цел да не биде идентификувано. Додека детективите работат на идентификацијата, се случува уште една бизарна незгода со лифт каде животот го губи една руска научничка.

Во центарот на цела таа мешаница се наоѓа градоначалникот на Њујорк, Ричард Хедли, кој и самиот се соочува со гласини за корупција и разни муабети, а зад неговите петици е и новинарката Барбара Метсон, која е неуморна кога работи на приказни, особено од политичкиот живот.

А како трета мистерија се појавува и чудното оперирање на една радикална група наречена „Надлетувачи“ кои наводно се одговорни за домашни терористички напади низ други градови во САД. Но, кој е вистинскиот виновник и кој е вистинската мета? Баркли на многу вешт начин ги заплеткува, а потоа ги отплеткува работите и ве води кон крајната разврска, која можеби ќе ве шокира, но можеби и не.

Leave a comment