Вилијам Фокнер е еден од најпознатите американски писатели на 20 век и добитник на Нобеловата награда за книжевност. Прочитајте за разновидната кариера на Вилијам Фокнер, двократен добитник на Пулицеровата награда за фикција и неговиот подем во книжевниот свет, во една одлична анализа на Шон Марфи за официјалната страница на Пулицеровите награди.

(извор:Alfred Eriss/Time Life Pictures/The Library of America)
Романот „Врева и бес“, објавен во 1929 година од издавачката куќа „Кејп и Смит“, бил пречекан со прилично воздржан прием, но претставувал пресвртна точка во животот на двократниот добитник на Пулицеровата награда за фикција, Вилијам Фокнер. Кога романот бил објавен во 1929 година, Фокнер сè уште бил речиси две децении далеку од Нобеловата награда за книжевност, што ќе ја добие во 1949 година, како и од своите подоцнежни Пулицерови награди во 1955 и 1962 година. Поголемиот дел од дваесеттите години го поминал во процес на сопствено преосмислување.
Во младоста бил впечатлива денди фигура во Оксфорд, Мисисипи. За време на Првата светска војна се пријавил во канадска резервна единица на Британската армија. Кон формалното образование покажувал мал интерес, пропуштајќи ја можноста да дипломира на Универзитетот на Мисисипи, бидејќи ги занемарувал предавањата во корист на својата сè поголема љубов кон поезијата. Неформалните часови со Фил Стоун, адвокат од Оксфорд, школуван на Јејл, кого Фокнер накратко го следел и во Њу Хејвен, како и со Шервуд Андерсон, во голема мера ги надоместиле недостатоците во неговото образование. Воедно, тие го вовеле во книжевниот модернизам, особено во делата на Т. С. Елиот и Џејмс Џојс. Андерсон одиграл клучна улога и во објавувањето на неговите први два романа. Иако подоцна Фокнер и авторот на „Вајнсбург, Охајо“ се оддалечиле еден од друг по нивното интензивно менторство, токму Андерсон го поттикнал помладиот писател да се сврти кон својот роден град и околината на округот Лафајет, во време обележано со нападите врз системот на Џим Кроу и проблематичниот подем на историографијата на „Изгубената кауза“.
Романот „Знамиња во правта“, кој можеби бил ограничен од влијанието на Новата критика и од раскажувањето насочено кон психолошката траума на Првата светска војна, бил одбиен од десет издавачи пред конечно да биде објавен од „Харкоут, Брејс & Компани“ под насловот „Сарторис“. Иако не успеал да ги освои ниту критичарите ниту читателите, поради што издавачката куќа „Викинг“ во 1973 година го објавила целосниот ракопис под неговиот првичен наслов – Фокнер успеал да го создаде првиот книжевен пејзаж на округот Јокнапатафа, неговата „апокрифна“ верзија на родниот крај.
Додека ги пишувал „Врева и бес“ и неговиот своевиден придружен роман, истовремено создаваното дело „Додека лежев умирајќи“ (1930), исто така сместено во Јокнапатафа, Фокнер бил воден од две спротивставени сили. Од една страна, неговото повеќегодишно додворување на својата сограѓанка Естел Олдам завршило со брак во 1929 година, но децата што таа ги донела од претходниот брак со судијата Корнел Френклин барале сигурен приход – кој првично го обезбедувал со продажба на раскази во списанија. Од друга страна, неуспехот на неговите први три романи го поттикнал кон уште посмел книжевен експеримент. Тоа особено се гледа во техниката на тек на свеста, преку која го прикажува психичкиот распад на Квентин Компсон на Универзитетот Харвард во „Врева и бес“. Истата постапка ќе се развие во мноштвото различни раскажувачи во „Додека лежев умирајќи“, а својот врв ќе го достигне во нелинеарната структура на „Абсалом, Абсалом!“ (1936), еден од клучните романи од сагата за Јокнапатафа.
Напишан брзо и осмислен како комерцијален успех, романот „Светилиште“ (1931) значително ја зацврстил репутацијата на Фокнер кај пошироката публика, добивајќи добри критики и солидна продажба. Сепак, сигурните приходи и понатаму изостанувале, што го принудило да се сврти кон уште еден вид митотворештво – пишување сценарија во Холивуд. Во 1926 година им испратил телеграма на колегата Бен Хект, дипломец на колеџот „Колумбија“ и Херман Џ. Манкивиц, велејќи: „Овде има милиони што само чекаат да бидат земени, а единствена конкуренција ти се идиоти. Само немој ова да го раскажуваш наоколу.“ До почетокот на триесеттите години тоа веќе не било никаква тајна. Дури и писатели како Френсис Скот Фицџералд и Дороти Паркер, секој на свој начин, попуштиле пред финансиските искушенија што ги нудела филмската индустрија. Фокнер никогаш не ги достигнал височините на Бен Хект или Франсес Мерион како хонорарен сценарист, сепак филмот „Големиот сон“ (1946) бил номиниран за Оскар и бил создаден со помош на мајсторот на научнофантастичните филмови Ли Бракет и сценаристот Џулс Фуртман. Тој филм веројатно е најблиску до сложената структура на неговата проза, иако останува плод на рамноправна соработка, а токму необичноста на оваа споредна кариера одиграла важна улога во обликувањето на неговата слика во јавноста.
Навистина, стереотипната слика за Фокнер во Холивуд: разочаран, женкар, без кошула, со очила за сонце, како пишува потпрен на градинарски мебел покрај базен, додека лекува мамурлак во кањоните – опстанала долго по неговата смрт. Таа инспирирала и мемоар на неговата долгогодишна љубовница Мета Вајлд објавен во 1976 година, како и незаборавната интерпретација на Џон Махони во улогата на алкохолизираниот В. П. Мејхју во филмот „Бартон Финк“ (1991) на браќата Коен. (Треба да се напомене дека соработката на Фокнер со режисерот на „Големиот сон“, Хауард Хокс, прераснала во блиско пријателство што траело сè до неговото повторно книжевно откривање. Меѓу нивните други проекти биле и никогаш остварениот филм „Борбен повик“, со Хенри Фонда и Роналд Реган, како и „Земјата на фараоните“, неправедно потценетиот еп од 1955 година, кој подоцна Мартин Скорсезе силно го бранел). Канонската фотографија на Фокнер во Холивуд, снимена за списанието „Лајф“ во почетокот на четириесеттите години на 20 век, дополнително ја зацврстило оваа слика. Холивуд и филмскиот ноар, на крајот, одиграле индиректна улога во најавувањето на неочекуваниот подем на Фокнер.

(извор: Alfred Eriss/Time & Life Pictures/Getty Image/Time Life Pictures/Тhe Pulitzer Prize)
Како и неговиот современик-модернист Џон Дос Пасос, Фокнер рано ги согледал можностите што ги нудат комбинирањето различни медиуми и нелинеарното раскажување. Романот „Ако те заборавам, Ерусалиме“, првично објавен како „Дивите палми“ (1939), подоцна бил спомнат од Жан-Лик Годар во филмот „Без здив“ (1960) и претходел на паралелните, но меѓусебно поврзани наративи во филмови како „Нешвил“ (1975) на Роберт Алтман. Сепак, токму бестселерот „Натрапник во правта“ (1948) – еден вид мистерија во која разнолика група жители на Јокнапатафа успева да го ослободи од вина Лукас Бичамп, афроамерикански земјоделец лажно обвинет за убиство – конечно ја зацврстил репутацијата на Фокнер. За тоа придонела и успешната филмска екранизација од 1949 година, во режија на Кларенс Браун. Истата година, според биографот Џозеф Блотнер, претседателот на Шведската академија, Густаф Хелстром, го споредил Фокнер со Селма Лагерлеф и Хјалмар Бергман, кои „секој на свој начин, својата рурална семејна средина ја претвориле во огромна универзална сцена осветлена со магија, на која се одвива спектакл исполнет со ликови поголеми од животот“. Бидејќи Нобеловата награда за литература не била доделена во 1949 година, Фокнер ја добил ретроактивно, на 10 ноември 1950 година, „за неговиот моќен и независен уметнички придонес кон новата американска романескна литература“.
Првичната возбуда по добивањето на Нобеловата награда брзо ја заменил веќе познатиот циклус на очај. Неговата сопруга Естел била хоспитализирана поради последиците од алкохолизмот, а самиот Фокнер, по едно особено тешко пијанство кон крајот на 1952 година, бил примен во санаториум во Бронкс, каде што бил подложен на електроконвулзивна терапија. Она што за повеќето луѓе би било непремостлива криза, кај Фокнер станало речиси вообичаен дел од неговиот хаотичен приватен живот. И покрај тоа, во летото 1954 година го објавил долго подготвуваниот роман „Бајка“. Овој роман, христијанска алегорија сместена во рововите на Првата светска војна и под силно влијание на Фјодор Достоевски, предизвикал едни од најподелените критички реакции во кариерата на Фокнер. Филип Блер Рајс, пишувајќи за списанието „Кенјон Ревју“, едно од највлијателните книжевни списанија од тоа време и бастион на Новата критика, го нарекол романот „ексцентричен“ и „уметнички недооформен“. Од друга страна, швајцарскиот критичар Хајнрих Штрауман го споредил со „Моби Дик“ и „Војна и мир“.
Набргу по објавувањето, романот „Бајка“ била пријавен за Пулицеровата награда за 1955 година, првиот циклус што целосно го надгледувал администраторот Џон Хоенберг, кој истовремено бил и професор по новинарство на Универзитетот Колумбија. Иако Фокнер претходно повеќепати бил занемаруван од жирито, овојпат книгата била рангирана на второто место од комисијата составена од истакнатиот истражувач на Хемингвеј, Карлос Бејкер, претседателот Франсис Браун и Ирвин Едман. Комисијата предност му дала на дебитантскиот вестерн „Последниот лов“ на Милтон Лот, а „Бајка“ бил рангиран на второто место, при што Браун нагласил:
„Во овој роман има делови што се навистина блиску до величината, но мислам дека сите се согласуваме дека на крајот не успева затоа што не воспоставува вистинска комуникација со читателот. Исто така, чувствуваме дека Фокнер во минатото создал подобри дела и дека би било грешка да му се додели Пулицерова награда за нешто што е послабо од она што веќе го постигнал.“
Како што често правел, Хоенберг ја прокоментирал одлуката на жирито во својот дневник, кој подоцна послужил како основа за книга објавена во 1996 година.
„Мислам дека сосема го изгубиле разумот, но морам нивниот извештај да го испратам до Одборот за Пулицеровата награда токму онака како што е напишан, без разлика дали има смисла или не“, запишал тој. „Во секој случај, денес има многу малку работи што навистина имаат смисла.“
На крајот, жирито не успеало да го убеди Советодавниот одбор на состанокот во април 1955 година. „Во краток, но мошне впечатлив говор, Ходинг Картер го предложи својот сонародник од Мисисипи,“ се сеќавал Хоенберг. „Ми беше доволен само еден поглед околу масата за да сфатам дека Фокнер, откако со години беше занемаруван за своите најголеми дела, конечно ќе ја добие Пулицеровата награда како најголемиот жив американски романсиер. И токму така се случи – со едногласна одлука.“ Иако објавувањето на добитниците било одложено повеќе од еден час додека не се обезбедил кворум од Универзитетските повереници за да ги ратификуваат одлуките на Одборот (како што налагале правилата сè до 1975 година), Вилијам Фокнер ја добил Пулицеровата награда за белетристика за 1955 година на 2 мај. Одлуката, очекувано, предизвикала писмени приговори од Франсис Браун и Карлос Бејкер упатени до Џон Хоенберг.
Бидејќи во тоа време Пулицеровите награди се доделувале по пошта, без свечена церемонија, Фокнер веднаш се вратил на работа на „Земјата на фараоните“, неговото последно холивудско сценарио. Потоа започнала последната етапа од неговата кариера: значително помирен и повеќе посветен на семејството, тој настапувал на јавни настани (меѓу кои и неговото задоцнето враќање во академскиот свет како истакнат писател-резидент на Универзитетот во Вирџинија) и продолжил да пишува, често престојувајќи подолги периоди во легендарниот хотел „Алгонкин“ во Њујорк. Неговиот последен роман, „Крадците“, бил објавен околу еден месец пред неговата смрт, на 6 јули 1962 година.
„Иако некои во оваа „есенска приказна“ гледаа бегство во анегдотски ескапизам“, забележува Џозеф Блотнер, повикувајќи се на рецензијата на списанието „Тајм“, „таа сепак беше дело создадено од љубов.“
Како и кај голем дел од неговото подоцнежно творештво, мислењата повторно биле поделени. Меѓу најпофалните бил ставот на В. С. Причет, кој оваа црна комедија сместена во Јокнапатафа ја оценил како дело достојно за споредба со Марк Твен. По тешко разбирливата „Бајка“ и воздржаниот прием на последните два романа од трилогијата за семејството Сноупс, „Крадците“ се покажал како многу попристапно дело и доживеал огромен успех во неделите по смртта на Фокнер. Подоцна, во 1969 година, романот добил и филмска екранизација со Стив Меквин и Берџес Мередит во главните улоги.
Уште понеочекувано, романот бил второрангиран во извештајот на жирито за Пулицеровата награда за белетристика за 1963 година, при што Џон Баркхам и Ирита Ван Дорен го пофалиле како „добродушна комедија“ што „содржи минимум од реториката и морализирањето кои беа карактеристични за подоцнешното творештво на Фокнер“. Иако жирито предност му дало на романот „Брод на будали“ на Кетрин Ен Портер – долго подготвувана алегорија за нацизмот, која самата авторка ја нарекла „гломазна“, повторувајќи ги забелешките на критичарите Елизабет Хардвик и Стенли Кауфман, Советодавниот одбор уште еднаш ја поништил препораката на жирито и го избрал Фокнер за посмртен добитник на Пулицеровата награда за белетристика.
За разлика од помалата полемика што ја следела наградата за „Бајка“, оваа одлука речиси и да не предизвикала јавни реакции. Наскоро била засенета од контроверзијата околу одлуката на Советодавниот одбор да не му ја додели Пулицеровата награда за драма на Едвард Олби за драмата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ (Олби подоцна ќе ја добие наградата за драма во 1967, 1975 и 1994 година, додека Кетрин Ен Портер ќе ја добие Пулицеровата награда за белетристика во 1966 година за својата збирка раскази.)
И научниците што се занимаваат со американската книжевност и пошироката читателска публика најчесто се согласуваат дека ниту „Бајка“, ниту „Крадците“ не можат да се споредат со златниот период од творештвото на Фокнер, кој започнал со „Врева и бес“ и траел до четириесеттите години на 20 век. Сепак, фактот дека овие дела и понатаму силно одекнувале кај водечките критичари на своето време, па дури и барале интервенција од Советодавниот одбор, сведочи за единствената истрајност на уметничката визија на Фокнер.
„Целта на секој уметник е со вештачки средства да го запре движењето, а тоа е животот, и да го задржи неподвижно, така што и по сто години, кога некој непознат ќе го погледне, тоа повторно ќе се придвижи, затоа што е живот“, изјавил Фокнер за „Париз Ревју“ во 1956 година. Со своите сложени романи, концизни книжевни минијатури и филмски ремек-дела, Вилијам Фокнер успеал да ја исполни токму таа цел.
