Како Артур Конан Дојл помогнал еден неправедно осуден човек да биде ослободен?

Во 1890 година, еден од првите, а секако и еден од најголемите измислени „консултантски детективи“ го истакнал своето место во светот. „Јас сум“, објавил Шерлок Холмс, „последната и највисока инстанца во истрагите.“ Кога полицијата ќе се најде во безизлезна ситуација, изјавил Холмс, „случајот ми се доверува мене. Јас ги разгледувам фактите како експерт и давам стручно мислење.“

(Извор: The Portsmouth History Centre)

Сер Артур Конан Дојл е најпознат како творецот на Шерлок Холмс. Но, Конан Дојл не се занимавал само со пишување детективски приказни, тој повремено се занимавал и со вистинска детективска работа. Како и многумина писатели и тој имал необични хобија, а едно од нив било применувањето на методите на Холмс врз вистински криминални случаи. Поради тоа, многумина во неговото време почнале да ја бришат границата меѓу авторот и неговиот најпознат лик. Маргалит Фокс, пензионирана авторка на некролози во „Њујорк Тајмс“, е вешта во откопувањето на приказните закопани со децении. Во книгата „Одбраната на Конан Дојл“ таа тргнува по неговите стапки во обидот да ги исправи старите неправди.

Кога Конан Дојл првпат се вклучил во криминален случај, оној на Џорџ Едаљи, адвокат осуден за испраќање анонимни закани и осакатување добиток, Едаљи веќе бил условно ослободен. Интервенцијата на писателот набрзо довела до негово целосно помилување. Но, вториот пат не му одело баш глатко. Морал да се соочи со правосуден систем што имал силен интерес да го попречува процесот, а човекот кого го бранел не бил угледен професионалец, туку коцкар, странец и Евреј, осуден за убиство.

Се работело за убиството на Марион Гилкрист која имала 82 години и живеела сама во богатата населба Вест Принсес Стрит во Глазгов. Вечерта на 21 декември 1908 година, кратко по 19 часот, некој ја нападнал во нејзиниот дом и ја претепал до смрт. Кога куќната помошничка Хелен Ламби се вратила од извршување обврски, таа сретнала сосед, кој бил вознемирен од вревата што ја слушнал од горниот кат и од човекот што брзо се симнувал по скалите. Кога влегле во куќата, ја затекнале госпоѓица Гилкрист претепана на подот и набрзо им подлегнала на повредите. Лекарот утврдил дека ногарка од стол била користена како оружје за убиството. Парите што лежеле на видно место останале недопрени, како и богатата колекција накит на госпоѓица Гилкрист, освен еден единствен дијамантски брош, додека нејзините документи биле растурени и превртени. Злосторството изгледало импулсивно и не изгледало дека било мотивирано од користољубие. Немало никакви траги од насилно влегување, па полицијата заклучила дека Гилкрист го познавала својот напаѓач, кој потоа избегал со брошот.

Само пет дена подоцна полицијата веќе имала осомничен: ситниот криминалец Оскар Слејтер. Слејтер имал 36 години и бил ведар авантурист кој претходно живеел во Њујорк, Париз, Брисел, а најмалку двапати и во Глазгов. За време на еден од тие престои се оженил со жена од Глазгов која била алкохоличарка. За да ги избегне нејзините постојани барања за пари, почнал да користи лажно име. Полицијата верувала дека е макро, делумно затоа што неговата девојка, која настапувала во музички театри, наводно, на големо згрозување на јавноста, примала мажи во нивниот стан додека тој бил отсутен. Слејтер и неговата сопруга изнајмиле стан недалеку од домот на Марион Гилкрист, а Слејтер купил алат за да го уреди станот, при што заложил еден брош за да дојде до готовина. Токму недостатокот на пари (или финансиските барања на неговата сопруга) можеби било причината што Слејтер се качил на брод за САД. Но, во потрагата по украдениот дијамантски брош, полицијата дознала за човек кој се обидувал да продаде заложен билет токму за таков предмет и помислила дека конечно го пронашла виновникот. Згора на тоа, човекот живеел под лажно име и се подготвувал да ја напушти земјата – за полицијата тоа биле сите потребни „докази“ за да заклучи дека станува збор за криминалец кој се обидува да избега. Дополнително, Хелен Ламби го препознала како човекот што го видела како истрчува од куќата на Гилкрист таа вечер.

Меѓутоа, кога бил пронајден заложниот посредник, слугинката на Марион Гилкрист останала категорична: брошот што го поседувал не бил оној што ѝ припаѓал на нејзината господарка. Ни тоа не ја поколебало полицијата, која, како што духовито сумира Маргалит Фокс, ја следела следнава (не)логична силогистичка формула: „Сите убиства ги извршуваат непожелни луѓе; Оскар Слејтер е непожелен човек; значи, Оскар Слејтер го извршил убиството на Гилкрист.“ Сепак, веројатно сметајќи дека доказите против него не се доволно силни, Слејтер доброволно се откажал од постапката за екстрадиција и се вратил во Шкотска, каде што му било судено. Шкотскиот суд во 1909 година го прогласил за виновен и го осудил на смрт.

Пресудата предизвикала големо негодување во јавноста. Иако егзекуцијата веќе била закажана, адвокатот на Слејтер собрал потписи за петиција и успеал смртната казна да биде заменета со доживотен затвор. Се чинело дека Слејтер ќе го помине остатокот од животот зад решетки. Во меѓувреме, случајот привлекол големо внимание, а тоа го заинтересирало и Артур Конан Дојл, кој решил повторно да ги испита фактите користејќи ги методите на Шерлок Холмс. И покрај изречената пресуда, обвинителството оставило бројни сериозни празнини во својата аргументација. Брошот за кој Слејтер тврдел дека го заложил всушност ѝ припаѓал на негова пријателка, а почнале да кружат и гласини дека сведоците, меѓу кои и Хелен Ламби, биле инструирани што да кажат.

Конан Дојл разговарал со нови сведоци, барал дополнителни докази, па дури и покрил дел од судските трошоци на Слејтер. Во 1912 година своите заклучоци ги објавил во книгата „Случајот на Оскар Слејтер“ (The Case of Oscar Slater), во која меѓу другото укажал на некои од најсериозните пропусти во истрагата, како на пример:

  • отсуството на каков било доказ дека Слејтер воопшто ја познавал Марион Гилкрист или знаел нешто за нејзиниот накит;
  • тврдењето на полицијата дека оружјето на убиството бил чеканот што Слејтер го купил за поправки во својот стан, иако немало никаков доказ дека тоа крваво орудие ја извалкало неговата облека кога го однел од местото на злосторството;
  • и објаснувањето дека останатиот накит останал недопрен затоа што Слејтер, како странец, не знаел каде се наоѓа.

Конан Дојл суво забележал дека тоа важело за „практично секој човек во Шкотска“. Но, тоа не било доволно за да се одобри ново судење и Конан Дојл постепено го изгубил интересот за случајот. Дури три години подоцна полициските досиеја откриле дека човекот кој бил виден на скалите и кој подоцна мистериозно исчезнал од сите сведочења, уште на самиот почеток бил идентификуван како член на семејството на Гилкрист и како личност со влијателни врски меѓу оние што ја држеле власта. Но, наместо тоа да доведе до ослободување на Слејтер, полицаецот кој го открил овој факт бил принуден да ја напушти службата, а државниот апарат повторно го направил она што најдобро го умеел – да ги прикрива незгодните факти.

Седум години подоцна вдовицата на полицаецот од Глазгов, Џон Томпсон Тренч, му се обратила на Артур Конан Дојл. Нејзиниот сопруг зад себе оставил документи кои покажувале дека други полицајци сокриле докази за осомничени лица од семејството на Марион Гилкрист – луѓе кои имале влијателни пријатели. Речиси истовремено, Конан Дојл добил и писмо од самиот Оскар Слејтер од затвор, во кое тој повторно молел за помош. Наскоро еден новинар објавил статија што повторно го свртела вниманието кон случајот и ја истакнала работата на Конан Дојл. Одеднаш, писателот повторно бил вклучен во истрагата. Конечно, делумно благодарение на влијанието и упорноста на Артур Конан Дојл, Оскар Слејтер бил ослободен во 1927 година. Откако властите повторно го отвориле случајот и било одржано ново судење, тој бил целосно ослободен од обвиненијата. Што се однесува до вистинскиот убиец на Марион Гилкрист, неговиот идентитет останува непознат до ден-денес.

Извор 1: The New York Times
Извор 2: The Smithsonian Magazine

Leave a comment